05 април 2006

Урсула К. Ле Гвин

[лекториран]

Урсула К. Ле Гвин (р. 1929) е една од најзначајните современи писателки на научна и епска фантастика, а како романсиерка и поетеса е едно од големите имиња на американската литература воопшто.

Визуелно, нејзиниот веб-сајт ја одразува атмосферата на нејзините дела, особено на серијалот „Земјоморје“ (Earthsea), кој во последно време е актуелен поради филмски адаптации како ТВ-серија и анимиран филм од познатото јапонско студио „Гибли“ на Хијао Мијазаки.

Во истиот дух, информациската архитектура ги следи принципите на ненападност и оставање можности за избор на посетителот, на пример преку нудење различни верзии на исти содржини - во форма погодна за печатење, со чист текст, или со линкови и со слики.
Веб-сајтот на Ле Гвин нуди биографски и библиографски информации, најави на јавни настапи, како и увид во процесот на пишување преку артефакти како скици, коментари, забелешки, мапи и слично, но и преку есеи на темата. Исто така, достапни се и делови од нејзиното творештво - извадоци од романи, раскази и песни.

Како и некои други познати автори, Ле Гвин има ставено ембарго на комуникација преку електронска пошта и експлицитно нагласува да не и се испраќаат ракописи на увид - оти „рецензирањето дела во развој е во надлежност на платени, обучени професионалци како консултанти за пишување и агенти-застапници на писатели“. Но, обожавателите што ќе и испратат пликови со соодветно количество поштенски марки од неа може да побараат автограм во форма на Ex Libris (лист или налепница што се вметнува во почетокот од книга).


ЗА ВЕБ САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.ursulakleguin.com

04 април 2006

Репортери без граници

[лекториран]

Мисијата на меѓународната организација „Репортери без граници“ е одбрана на слободата на печатот, односно слободата на изразувањето во целиот свет. На нивниот веб-сајт тие ги евидентираат нападите врз слободата на печатот низ целиот свет, функционирајќи како „новинска агенција за слобода на печатот“.

Друга функција на веб-сајтот е спротивставување на цензурата, преку објавување написи чие објавување било забрането во нивните матични земји. Преку веб-сајтот се одвиваат и активности за обезбедување спонзорства и за организирање на Денот на слободата на печатот - 3 мај.

Покрај написите за настаните, има линкови што овозможуваат подобро запознавање со претходните настани во дадената земја, годишни извештаи и известувања за медиумите. Исто така, застапени се линкови до материјали од околината, на пример ако се работи за настан во Уганда, леснодостапни се и материјали за други делови од Африка.

Преку веб-сајтов се потпишуваат и петиции, во посебни рубрики се претставени новинарите што се водат како исчезнати (да не се заборават), како и властодршците што ја загрозуваат слободата на медиумите, наречени грабливци на слободата на печатот (predators of press freedom).

Една исклучително интересна содржина достапна на веб-сајтов во ПДФ-формат е целата книга „Прирачник на блогери и сајбер-дисиденти“ (Handbook for Bloggers and Cyber-Dissidents), која нуди и технички и политички знаења од оваа област.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: приспособлива
Пребарувач: има
Клучни зборови: само на насловни
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: француски, англиски, шпански
Адреса: www.rsf.org

03 април 2006

Станување човек

[лекториран]

„Станување човек“ е одличен пример за пренос на содржини од еден медиум во друг. На него со употреба на Флеш е адаптиран цел документарен филм за постанокот на човекот, во кој водител е познатиот палеонтолог Дон Џохансон. Притоа, не се работи за „просто“ ставање видеозаписи на веб, туку за целосна преработка со користење на предностите на новиот медиум.

Задржана е звучната подлога, која зафаќа помалку простор, додека видеоелементите се заменети со фотографии на кои се додадени анимирани ефекти што го создаваат впечатокот на движење. Користејќи ги можностите за интеракција, во текот на филмот дејството може да се паузира за да се добијат информации на ниво на енциклопедија за темата за која станува збор во моментот.

Од тие причини веб-сајтов е исклучително интересен не само за заинтересираните за палеонтологијата и за љубителите на аустралопитекусите и неандерталците (најпопуларните пралуѓе во Македонија), туку и за специјалистите за графички и веб-дизајн, анимација и интерактивни апликации, како и културна применета политика.

Убавината на дизајнот и богатството на знаења што го нуди веб-сајтов, чиј сеопфатен ефект е нарушен од аспект на употребливост, со користењето рамки и отворањето на повеќето странични линкови за вести и центарот за учење, во нови прозорци.
Авторите, кои го изработиле во 2001 година, препорачуваат користење широкопојасна врска за пристап, но употреблив е дури и на модемска врска од 56К.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: баталено
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: Флеш/ХТМЛ
Дизајн: комбиниран
Навигација: променлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.becominghuman.org

01 април 2006

Агол – електронско списание за култура и уметност

[лекториран]

Електронското списание „Агол“ за свој издавач го има здружението „Неготински круг“, чија мисија е „промоција на принципите на децентрализација и демократизација во сферата на културата и културната политика, преку едукација, промоција и дистрибуција на културно-уметнички вредности“.

„Агол“ неодамна го објави своето шесто издание. Со редовниот месечен ритам и интересните теми (литература, музика, стрип и филм) постепено ја гради репутацијата на македонската интернет-сцена.

Освен за промовирање и подигање на нивото на општа култура кај публиката, ваквите иницијативи се важни и од аспект на задоволување на приоритетната потреба наведена во Националната стратегија за развој на информатичко општество - зголемување на количеството содржини на локални јазици.

Од аспект на употребливост, кај дизајнот на веб-сајтов би требало да се отфрли употребата на рамки, кои спречуваат директно линкување и цитирање конкретни содржини (на пример, од страна на блогерите). Линковите што се отвораат во нови прозорци би требало да се отвораат во истиот, а добро би дошол и лекторски ангажман. Дизајнот изгледа поинаку во „Интернет експлорер“ и во „Фајерфокс“, што исто така укажува на потреба за ревизија.

Меѓу другите оригинални е-списанија на македонскиот интернет, кои не се копија на печатено издание и обработуваат поширок круг на теми од областа на културата и уметноста, се влијателниот ветеран „Блесок“ основан во 1998 година, подзаспаната „Агора“ од 2002 година, како и „Плагијат“ од 2005.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување:
неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: рамковен
Навигација: променлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: затворен
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: македонски
Адреса: agol.negotinskikrug.net