30 март 2009

Фатете ги активностите од вашиот екран

Сигурно досега сте имале потреба да фатите дел од активноста што се одвива на вашиот екран, но или не сте знаеле како да го направите тоа или сте ја комбинирале опцијата Принт скрин од тастатурата со некоја програма за графичка обработка. Секогаш е подобра варијанта да се направи еден, наместо повеќе чекори за да се постигне одредена работа. Па така, ако имате едноставен и функционален софтвер конкретно за таа намена подобро да работите со него, отколку со серија од кратки, но сепак здодевни акции. Програми за фаќање на активноста на екранот или на дел од него има повеќе, меѓу кој еден е понуден на веб-сајтот screenshot-program.com. Оваа рецензија сепак не се однесува на оваа програма, бидејќи ниту е единствена, ниту бесплатна.

На веб-сајтот е понудена можност за преземање на софтверскиот додаток Фајршот за интернет прелистувачите Мозила Фајрфокс и Интернет Експлорер, што нив ќе ги оспособи за директно фаќање на содржината на посетуваните сајтови, како и нивно стилизирање и уредување со разни графички додатоци и забелешки и секако можност за зачувување како слика во неколку формати. Уште една предност на овој софтверски додаток претставува можноста за фаќање на целосната должина на сајтовите, што пак не може да се постигне со опцијата Принт скрин.

Фајршот е одлична алатка за веб-дизајнерите, тестерите, и рецензентите на веб-содржини и истата е комплетно бесплатна.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: screenshot-program.com

26 март 2009

Веб-сајтот на Драмски Театар со нов дизајн

Сите знаеме за Драмски театар, ама ретко кој е добро информиран за сите негови случувања и претстави. Сепак, со оглед на тоа што тој има сопствен веб-сајт на којшто можат да се најдат сите информации, тоа не би требало да биде случај. За сите оние кои не знаат, а се заинтересирани за актуелните театарски претстави, веб-сајтот на Драмскиот театар е локацијата која може да одговори на потребите и интересите.

Со нов, пријатен дизајн и доволно податоци за интересентите, сајтот нуди поволност за сите љубители на драмската уметност. Содржи опширни информации за претставите, податоци за вработените артисти, потоа општи податоци за театарот, како и галерија со фотографии од познатите претстави.

Меѓу другото, на сајтот можете да се регистрирате како корисник и да добиете влезници за актуелните претстави. Дали и колку тоа функционира не е тестирано, но секако претставува позитивна карактеристика на сајтот и истовремено е чекор напред кон модерното користење на интернетот низ целиот свет.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Дизајн: солиден
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен Бројач: нема
РСС/ АТОМ: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: македонски, англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: dramskiteatar.com.mk

Напишано од Миша Вучиќевиќ

Бесплатен сервис за онлајн средби

Лајвмитапс“ е онлајн сервис за остварување на конференциски врски и онлајн средби со едноставна можност за споделување на десктопот на презентерот со пријавените учесници за проследување на презентацијата.

Интегрираниот скајп за конференциски повици и чет (пишан текст) го прави овој сервис уште подобро решение за онлајн поврзување на било кои точки во светот.

Може да се користи на сите оперативни системи и не бара потреба од било каква инсталација на софтвер, ниту пак некаква посебна хардверска конфигурација или претходно инсталиран софтвер. Презентерот треба само да го регистрира своето членство и да направи канал, кој може да биде приватен или јавен, за да им овозможи на потенцијалните учесници пристап до неговата презентација во реално време.

Како идни опции во рамките на „лајвмитапс“ ќе следуваат можноста за паузирање на презентацијата, како резултат на што презентерот ќе добие нотификација дека некој од учесниците има прашање, можноста за снимање и повторно репродуцирање на целата презентациска сесија, организирање на средби однапред и известување на потенцијалните учесници преку имејл, како и побрз трансфер и многу други карактеристики.

Овој сервис има мноштво предности пред останатите сервиси од овој тип. Најважно е што е сосема бесплатен за користење, нема ограничување ниту во поглед на системските и хардверските побарувања, нити во однос на локацијата и условите за користење, ниту пак во бројот на дозволени учесници по презентација.Најпогоден е за користење во професионални цели, но може да се користи и како систем за учење на далечина.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерн, едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има (блог)
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има (блог)
Гугл-ранг: нема
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.livemeetups

09 март 2009

Забавна и безбедна онлајн околина за најмладите

Кидоз“ е официјален веб-сајт за софтверски производ наменет за децата, а за кој треба да знаат родителите. Се работи за прелистувач за деца кој сосема бесплатно може да се преземе и инсталира на секој оперативен систем. Тој нуди безбедна околина за децата и им овозможува да сурфаат по сајтови, да гледаат видеа и да играат игри.

Прелистувачот е безбеден бидејќи им овозможува на децата да гледаат само дозволена содржина, додека сите обиди за пристап до други содржини автоматски се блокираат. Софтверот е достапен на 4 јазици, но тоа не претставува никакво ограничување за децата било каде во светот, бидејќи интерфејсот е претежно графички, па детето не мора да знае да чита или пишува на ниеден јазик за да се служи со него.

Секако, прелистувачот е заштитен со лозинка која ја поставува родителот. Ваквиот начин им овозможува на родителите пристап до посебен администраторски дел преку кој тие можат да одлучат некои линкови да блокираат или пак да додаваат нови, со цел сите содржини комплетно да бидат прилагодени на потребите, возраста и темпераментот на детето. Оние содржини кои родителите ќе ги додадат за да им овозможат пристап на своите деца, можат да бидат поставени јавно, кои после модерирањето од страна на тимот на „кидоз“, ќе станат достапни и за останатите деца.

Дополнување: редовно (блог)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: детски
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/АТОМ: има (блог)
Гугл-ранг: 1/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: kidoz.net

Македонски народен театар со свој веб-сајт

За сите љубители на театарот и драмската уметност, еве уште една погодност на распространетата интернет сфера - Македонскиот народен театар се претставува со сопствен веб-сајт, прикажувајќи информации за својот редовен репертоар.

Сајтот е организиран на едноставен и функционален начин со интересен дизајн и е пријатен за посетителите. Веб-сајтот на МНТ ви нуди можност да се информирате за термините на закажаните театарски претстави, како и општи информации за истите, како на пример, кратко резиме за секоја од нив, за режисерот, актерите што глумат, сценариото и друго. Меѓу другото на овој веб -сајт можете да погледнете фотографии од актуелните театарски претстави, како и податоци за актерите кои што работат во театарот.

Сепак мора да се забележи дека сајтот има потреба од повеќе содржини, посебно од забавен карактер, бидејќи театарот сам по себе претставува инстутиција која што се стреми да ги забавува гледачите, па според тоа и веб-сајтот би било нормално да биде место каде што ќе може посетителот да наиде на интересни и забавни содржини. За почеток би било доволно да се пополнат празните категории, со што сајтот би се делувал комплетно.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Дизајн: солиден
Навигација: мала
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/АТОМ: нема
Гугл Ранг : 2/10
Јазик: македонски, англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.mnt.com.mk

Напишано од Миша Вучиќевиќ

Вашиот живот - дигитално и безбедно организиран со Тонидо

Тонидо“ е платформа за споделување и синхронизирање на податоци. Вклучува неколку апликации, со можност за додавање на други во иднина. Тие се користат директно од десктопот на корисникот, без можност за нарушување на неговата приватност. Исто така, преку веб интерфејсот, корисниците можат да им пристапат на своите апликации од било кое место.

Работи на сите оперативни системи. Во моментов е се уште во пред-бета фаза и заинтересираните корисници можат да се регистрираат само за добивање редовни известувања. За неколку недели би требало да е веќе достапен за преземање како официјална бета верзија.

Апликацијата за фотографии овозможува споделување, синхронизирање и организирање во албуми, со пријателите и роднините, директно од десктопот. Со апликацијата „тонидо џубокс“ можете да си ги организирате вашите омилени музички колекции, а со „тонидо вебшеар“ да чувате и споделувате големи фајлови кои се тешки за праќање преку имејл, со користење на уникатни веб-адреси. Последната апликација овозможува организирање и споделување на задачи, забелешки, контакти, календари и документи со било кого во светот, како и комуникација преку форуми, програми за муабет итн.

Веб-сајтот изгледа одлично, а уникатноста во она што го нуди е во загарантираниот степен на приватност на податоците, што произлегува од локацијата на која тие се чуваат - локалните компјутери на корисниците.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: ултра модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/ АТОМ: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: www.tonido.com