27 јуни 2005

Коко - горилката што зборува и Фондацијата за горили

[лекториран]

Целта на веб-сајтот на непрофитната Фондацијата за горили е претставување на нивната работа и издигање на јавната свест во врска со состојбите и со потребите за помагање во преживувањето на нашите најблиски роднини.

Главна ѕвезда на Фондацијата е горилката Коко, која зборува користејќи го стандардниот американски јазик на глувонемите и која од предмет на комуниколошки истражувања има прераснато во амбасадор на нејзиниот вид кај оние од кои зависи неговиот опстанок. Коко ја воодушевува светската јавност и со хуманоста и со нежноста што ја покажува преку грижата за маченца и ги урива стереотипите за горилите за кои основен пример е „Кинг Конг“.

Сите делови на сајтот се функционално усогласени со неговите цели, а тоа особено важи за богатството на информациите за горилите претставени преку фотоблогот, фотографиите по случаен избор на насловната страница, другите графички содржини и видеата („Коко ТВ“ - хостирани на сајтот на Епл). Покрај известувањата за тоа од каде и како, преку донации и купување документарни филмови и книги издадени од Фондацијата.

Ефективно средство за мобилизација е и месечниот информативен билтен преку електронска пошта, а особено е симпатично што по запишувањето се прикажува анимација на Коко како вели „благодарам“. Еден недостиг на сајтов од аспект на употребливост е што линковите се дадени со фиксни бои или со сликички, така што посетителите немаат директна информација за тоа на кои од нив веќе кликнале.

„Фондацијата за горили ги проширува откритијата на проектот ’Коко‘ и во Африка, каде што горилите се на работ на истребување поради експлоатацијата од меѓународните корпорации“. Од 1999 година вложуваат во формирање безбедни зони во националните паркови во Камерун, како и работа со учениците и со локалните раководители.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: на ден-два
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: HTML/PHP/Flash
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.koko.org

25 јуни 2005

Кукли за облекување со познати ликови

[лекториран]

„Рајот за хартиени кукли“ е фински сајт почнат со идејата да се обезбеди забавна игра за девојчиња на Интернет што нема да содржи елементи што обично асоцираат на игрите наменети за момчиња. Целта на екипата е да понуди „чиста и добра околина во која девојчињата ќе го минуваат времето.“

Изведбата на куклите за облекување во стилот на „Цицин кутак“ од Политикин забавник е одлична, пред се во однос на цртањето на ликовите, односно нивната интерпретација во чист флеш-формат. Самата игра е направена без грешка, користејќи ги можностите на технологијата за работа со објекти во различни слоеви и менување бои во текот на работата на програмата.

Љубителите на познатите личности од светот имаат десетици личности со чија гардероба и изглед може да си играат, од пејачи и пејачки, преку глумци и глумици, фотомодели и манекенки, до членови на британското кралско семејство.

Оние корисници што сакаат да се регистрираат имаат дополнителни можности за комуникација преку сајтот, како муабет, пораки, зачувување на местења и омилени кукли и слично.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување:
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: Флеш/ПХП
Дизајн: флешерски
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.paperdollheaven.com

11 јуни 2005

Кори Доктороу (блогер, писател, активист, Канаѓанец)

Симпатичниот Кори Доктороу е пример за ѕвезда на новото време, кој за разлика од нашите „ВИП“ не „е светски познат само во своето село“ (што би рекол Братислав Димитров) поради врски со локалниот медиумско-политички комплекс, туку има стекнато вистинска светска слава како писател, блогер и активист.

Кори е претставник на најновата генерација писатели на научна фантастика, наследници на визионерите на сајберпанкот од ранг на Вилијам Гибсон и Брус Стерлинг. Но, за разлика од нив, тој интернет не го перципира како нешто фантастично, туку како дел од секојдневниот живот.

Текстовите на повеќето од неговите најпознати книги може да се симнат од неговиот веб-сајт во дигитална форма под лиценцата Криејтив комонс. Како поука за писателите и издавачите, тој смета дека овој потег не само што не ја попречил продажбата на книгите, туку напротив, постојано ја поттикнува.

Во однос на блогерството, Доктороу е еден од уредниците на Боинг-боинг, веројатно највлијателниот блог на светот според бројот на линкови што водат кон него и над милион посети месечно.

Како активист, Доктороу работи со Криејтив комонс и Фондацијата за електронска граница, промовирајќи ги нивните мисии и цели низ светот, преку предавања и конференции.

Дополнителни информации: носи очила слични како оние на Тарик Филиповиќ од „Милијунаш“, има делумно потекло од источна Европа, роден од Торонто, живеел во Сан Франциско, а сега престојува во Лондон.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП, ЈС
Дизајн: текстуален
Навигација: прилагодлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: понекаде
Гугл-ранг: 7/10
Јазици: англиски
Адреса: www.craphound.com
Датум на пишување: 11.06.2005.