11 јуни 2005

Кори Доктороу (блогер, писател, активист, Канаѓанец)

Симпатичниот Кори Доктороу е пример за ѕвезда на новото време, кој за разлика од нашите „ВИП“ не „е светски познат само во своето село“ (што би рекол Братислав Димитров) поради врски со локалниот медиумско-политички комплекс, туку има стекнато вистинска светска слава како писател, блогер и активист.

Кори е претставник на најновата генерација писатели на научна фантастика, наследници на визионерите на сајберпанкот од ранг на Вилијам Гибсон и Брус Стерлинг. Но, за разлика од нив, тој интернет не го перципира како нешто фантастично, туку како дел од секојдневниот живот.

Текстовите на повеќето од неговите најпознати книги може да се симнат од неговиот веб-сајт во дигитална форма под лиценцата Криејтив комонс. Како поука за писателите и издавачите, тој смета дека овој потег не само што не ја попречил продажбата на книгите, туку напротив, постојано ја поттикнува.

Во однос на блогерството, Доктороу е еден од уредниците на Боинг-боинг, веројатно највлијателниот блог на светот според бројот на линкови што водат кон него и над милион посети месечно.

Како активист, Доктороу работи со Криејтив комонс и Фондацијата за електронска граница, промовирајќи ги нивните мисии и цели низ светот, преку предавања и конференции.

Дополнителни информации: носи очила слични како оние на Тарик Филиповиќ од „Милијунаш“, има делумно потекло од источна Европа, роден од Торонто, живеел во Сан Франциско, а сега престојува во Лондон.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП, ЈС
Дизајн: текстуален
Навигација: прилагодлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: понекаде
Гугл-ранг: 7/10
Јазици: англиски
Адреса: www.craphound.com
Датум на пишување: 11.06.2005.

Нема коментари: