13 октомври 2009

Нов тренд во онлајн споделувањето - „Јаху мим“

Ако блоговите, тамбл-блоговите, сајтовите за споделување фотографии и видеа, оние за микроблогирање, како и сите сервиси кои на различен начин ги комбинираат социјалните медиуми не ни беа доволни, тогаш дефинитивно вистинско време е да го запознаеме „јаху мим“ – сајт за споделување текст, слики, видеа и песни, како и коментирање и препраќање на истите помеѓу корисниците.

Сервисот позајмува по некоја карактеристика од повеќе популарни сајтови, но начинот на кој ги комбинира е уникатен, поради што може да се очекува дека ќе предизвика интерес помеѓу корисниците. Регистрираните корисници можат, благодарение на прегледниот интерфејс, многу едноставно да споделуваат текст или мултимедијални фајлови. Текстот може да стои самостојно или да ги придружува мултимедијалните содржини, може да содржи и линкови, но во секој случај не може да надмине 2000 карактери. Објавените содржини од корисникот се прегледуваат од посебна страница од каде можат директно и да се избришат.

Сите објавени содржини од корисниците се јавни. Ако сакате нешто да чувате само за себе, тогаш ова не е сервис за вас. Доколку сакате да најдете интересни мими поставени од други корисници, тоа ќе можете да го направите од делот Find. Сите мими се јавни, а оние што ќе ги додадете за следење, ќе бидат видливи од едно место, од кое вие директно можете да ги поставувате и на вашиот профил. Ова се постигнува со избирање на опцијата Repost, која е аналогна на опцијата Retweet, која пак е популарна помеѓу микроблогерите. Повеќе пати поставените содржини стануваат попопуларни и добиваат повеќе видливост од останатите. Дополнително, на постовите може и да се коментира.

Сервисот е дел од „јаху“ и за да го користите треба да имате јаху кориснички сметка.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен, едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема (нов)
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, шпански, португалски
Адреса: meme.yahoo.com

Нема коментари: