14 октомври 2009

Најголемиот извор за видеоигри во светот

Гејмспот” е одличен веб-сајт за љубителите на видеоигри, без разлика дали се тие наменети за компјутер или за која било играчка конзола: сони плејстејшн 2,3 или портабл, нинтендо ви и нинтендо деес, иксбокс 360, како и за ајфон и сите останати мобилни телефони. На сајтот можете да дознаете секаква информација за постарите и поновите видеоигри, па дури и за оние кои сè уште не се излезени на пазарот. За секоја видеоигра има напишано критика и и` е дадена оценка од експерти, заснована на повеќе критериуми: графика, приказна, перформанси потребни за употреба, ниво на соодветна тежина за користење итн.

Гејмерите, со претходно бесплатно регистрирање на сајтот, можат исто така да дадат свое мислење за играта и самите да определат која оценка ќе и ја дадат, со што се формира ранг листа на најдобрите игри според корисниците. Тие можат и да се дружат преку системот за муабетење и форумот на сајтот и да поставуваат најразлични прашања до администраторите во врска со игрите, на кои во соодветен временски период ќе добијат одговор. Под содржините, секој корисник може да остави и свој коментар и да отвори дискусија со останатите корисници.

Сајтот секојдневно подлежи на надополнување, со што на посетителите и корисниците им овозможува постојано да се во тек со свежи и најнови информации за игрите и содржините кои ги интересираат. За секоја игра има слики и видео материјали кои исто така можат многу да помогнат при изборот на корисникот.

Покрај сите овие предности на сајтот, важно е да се напомене и тоа што на него има и опција за директно преземање на демо верзии од игрите како и на разновидни додатоци за нив, кои овде ги добивате бесплатно, наместо да го губите времето барајќи ги по други посебни и небезбедни сајтови.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: гејмерски
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 9/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.gamespot.com

Нема коментари: