26 декември 2005

Вегетаријанска порнографија

[лекториран]


„Без разлика дали тоа ни се допаѓа или не, порнографијата има големо влијание врз општеството“, вели основачот на „Вегетаријанска порнографија“. Според него, порното, меѓу другите, има клучна улога врз развојот на индустриите поврзани со видеокасети, цедиња и со Интернет. Концептот на веб-сајтот настанал врз основа на полушеговитата идеја дека штом порното можело да придонесе толку многу за толку многу други нешта, зошто да не може да го помогне и вегетаријанството.

Во случајов не се работи за „традиционалната“, туку за користење една од дефинициите на порнографијата што ги нуди речникот „Мериам-Вебстер“, дека се работи за „претставување дејства на сензационален начин за да се предизвика брза и интензивна емоционална реакција (на пример, како 'порнографија на насилството')“.

За обновување на содржините и изградба на заедница на членови што ќе се врткаат и контрибуираат текстови и мислења, веб-сајтов користи комбинација на форум од кој некои од поинтересните постови се вадат во „главниот“ дел, со што се добива ефект приближен на блоговски. Стилот на пишување е хумористично-ироничен поглед на сериозни теми, во согласност со другите елементи што го сочинуваат севкупниот имиџ.

Вегетаријанското малцинство во сештојадните средини се соочува со низа проблеми, не само во РМ - каде што специјализираните ресторани се меѓу најскапите туку и во светот. „Вегетаријанска порнографија“ нуди предлог-решенија за некои од нив. Меѓу нив се и со кои алкохоли да се налеваш а да не ги нарушиш принципите на својот стил на живот, како и проблемот на недостиг од сексуално-емоционални партнери што се вегетаријанци. За таа намена служи директориумот на членови, но и предлагањето разни методи за тоа како со помош на заводливи најави да се конвертираат месојадци, односно да се поттикнат да и се придружат на заедницата.



ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ/Перл
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.veganporn.com

Нема коментари: