27 декември 2005

Излажан ум - оптички илузии

[лекториран]

Веб-сајтот „Мајнд фејк“ (анг. „мајнд“ = ум, „фејк“ = лажно) им е посветен на оптичките илузии, за да ја забави и зачуди публиката. За секоја од нив посетителите можат да даваат оцени и коментари, што не само што ја зголемува интерактивностатуку и овозможува изострена перцепција.

Под оптичка илузија се подразбира „илузија што го мами човечкиот визуелен систем да перцепира нешто што не е присутно, или некоректно да го перцепира она што е присутно“.Тие се појавуваат и во природата, како фатаморганата, но многу од нив настанале како резултат на рационални истражувања во уметноста, математиката и во психологијата.

Илузиите може да бидат физиолошки, кои зависат од замор или од други влијанија на очите, или когнитивни, кои зависат од процесирањето на информациите во мозокот. Кај овој вид мешањето на своевидните „предрасуди“ вградени во начинот на кој перцепираме доведува до збунувања, или до амбивалентни резултати.

Поучни се и илузиите со дисторзија, кога поради одредени фактори е тешко од око да се процени должина или друга димензија.

Конкретните примери за оптички илузии се користат и како едукативно средство, но имаат и многу поширока примена. На пример, докажувањето на несовршеноста на човечката перцепција и сеќавање има огромно влијание на судскиот систем во развиените држави, каде што кредибилитетот на исказот на сведок-очевидец мора да биде поткрепен и со други докази за да се земе здраво за готово.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ/ЦГИ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: http://www.mindfake.com

Нема коментари: