30 јануари 2006

Стрипови и карикатури

[лекториран]

„Стриповската страница“ е веб-сајт што нуди пристап до десетици новински стрипчиња и карикатури, меѓу кои и нови доживувања на класици како Дик Трејси, Бренда Стар и Пинк Пантер, до сајбер-момата Хелен - стрип во кој еден од ликовите е и Бил Гејтс.

Карикатурите се претежно политички ориентирани, а меѓу авторите се и неколку гиганти на современата американска сатира, како добитникот на Пулицеровата награда Дејвид Хорси.

Ова не е единствен веб-сајт што нуди пристап до „синдикализирани“ американски стрипови, односно стрипови што се дистрибуираат преку тн. „синдикати“, компании за застапување на авторите пред издавачите. Некои од поголемите, како „Ју комикс“, имаат и поголем избор на стрипчиња.

Арно ама, „Стриповската страница“ дозволува пристап до нејзините содржини на многу подолг период – половина година, наспроти половината месец кај конкуренцијата.

На сајтов има и далеку поедноставно поставени дополнителни информации за секој стрип – претставување на главните јунаци преку една или повеќе страници и биографии на авторите. Тој има и свои форуми, во кои може да се дискутира за секој серијал одделно, а и на општи теми.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност:
мн. добра
Код: ЈСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.comicspage.com

Нема коментари: