31 јануари 2006

Нова книга: Безжично поврзување во земјите во развој

[лекториран]

„Безжична инфраструктура може да се изгради по цена далеку помала од традиционалните жичени алтернативи. Но вакви мрежи само делумно се градат заради заштеда. Преку обезбедувањето поевтин и полесен пристап до информациите за луѓето од локалните заедници… се штедат и време и напор, а пристапот до глобалната информациска мрежа води до богатство на локално ниво, оти може да се заврши повеќе работа“, велат авторите на книгата „Безжично поврзување во земјите во развој - практичен водич за планирање и за изградба на телекомуникациска инфраструктура со ниски трошоци“.

Веб-сајтот посветен на споделување на книгата со светот има едноставна, но ефективна структура. Книгата е лиценцирана преку Криејтив комонс и може да се добие бесплатно со симнување на верзија во ПДФ-формат, или да се нарача за печатење преку Лулу, веб-сајт што беше рецензиран во рубрикава на 5.12.2005. Многу е полезно што се дадени неколку верзии на ПДФ-записот: целата книга, наменета за читање на екран (2МБ) или за печатење (9МБ). Исто така, достапно е и секое поглавје посебно, соодветно линкувано.

Содржината опфаќа технички и организациски аспекти на поставување безжична мрежа и може да им биде од полза и на ентузијастите, а и на компаниите што се занимаваат со такви иницијативи во Македонија. Во крајна линија, добро би дошла и како интегрален учебник, наспроти „ресавската школа“, која за жал доминира во нашето информатичко образование.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ/ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10 (нов сајт)
Јазик: англиски
Адреса: wndw.net

Нема коментари: