13 јануари 2006

Блогот „Тајни – види тајна… сподели тајна“

[лекториран]

Целта на блогот „Тајни“ е да се развие еден вид уметнички проект каде што луѓето анонимно ќе ги испраќаат своите тајни по е-пошта. Тајните се испраќаат во вид на слики во формат ЈПГ, а претставуваат комбинација од краток текст и илустрација.

На блогот има упатство како пораката да се испрати анонимно преку сервис за е-пошта преку веб што оневозможува дознавање на ИП-адресата, а овозможува закачување атачменти на пораката.

Непознатиот автор/автори на „Тајни“ предлагаат како тајни да се испраќаат лични искуства во врска со жалење, надеж, смешни настани, „скриена добрина, фантазија, верба, страв, предавство, еротско посакување, чувства, признание, љубов и слично“, и тоа во концизен, јасен и креативен облик.

Овој веб-сајт претставува независна локализирана верзија на блогот „Пост сикрет“ и има голема вредност во поттикнување на интерактивноста и на сеирџиството кај мнозинството од македонската популација, кое сепак не го владее англискиот јазик на доволно високо ниво за да го користи како алатка за двонасочна продуктивна комуникација. Збогатувањето на содржините е еден од приоритетите за поттикнување на развојот на Интернет во Македонија, кој е внесен и во соодветната Национална стратегија.

Досегашното искуство, како на пример со „Сите веб страни“ покажа дека и проектите што на ова поле се служат со преземени идеи имаат позитивно влијание.

Досега објавените тајни на македонскиот блог не заостануваат во квалитетот на изработка зад оние на американскиот, а неколку од нив се вистински мали дизајнерски ремек-дела.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: на 2-3 дена
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП (блогерај)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10 (тазе е)
Јазик: македонски
Адреса: tajni.blog.com.mk

1 коментар:

Анонимен рече...

sajtot e kopija na postsecret.com

kako i da e, mozhe interesno da bide da chitame na mk malku