[лекториран]
Веб-сајтот „Закони против спам“ содржи збирка закони во врска со непебараните и комерцијални пораки испратени по е-пошта. Неговиот автор е професорот по право Дејвид И. Соркин од Чикаго.
Дизајнот на веб-сајтот е спартански, без графички елементи и со користење на најосновните елементи на ХТМЛ. Информациите се презентирани во вид на ископирани текстови, ПДФ-документи (без назначена големина) и линкови до релевантни веб-сајтови.
Содржините се поделени на три дела, кои ја одразуваат тековната состојба во однос на влијанието врз глобалниот развој на Интернет: закони на САД, закони на ЕУ и на нејзините членки, како и закони на други земји.
Со оглед на тоа што со директивите на ЕУ спамот категорично се забранува, од овој веб-сајт може да имаат голема полза сите правници и носители на одлуки што не сакаат да останат безнадежно застарени, како и сите што работат на евроинтеграција и воведување на Македонија во главните текови на глобалната економија.
Небараните пораки се како неканети гости. На лично ниво, примателот троши време на нивно примање и процесирање, но и пари, како во случајот на корисниците на АДСЛ, кои плаќаат дополнително кога ќе ја надминат квотата. На глобално ниво го зголемуваат сигурносниот ризик, ја оптоваруваат мрежата, доведуваат до задушувања на сообраќајот или намалувања на брзината, а нивниот кумулативен ефект е општо уназадување - фирмите од САД и на ЕУ годишно губат по 13 милијарди долари во намалена ефикасност поради ова зло. Во САД повеќе од 40 отсто од сите пораки се спам.
Според „спам-калкулаторот“ на ЦМС, просечна македонска фирма со 10 вработени што користат е-пошта годишно губи минимум по 160 евра поради спам.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.spamlaws.com
Нема коментари:
Објави коментар