16 јануари 2006

Гнузила - српско е-списание за слободен софтвер

[лекториран]

„Гнузила“ е електронско списание посветено на слободниот софтвер, на оперативните системи ГНУ, Линукс и БСД. Првиот број на овој месечник излезе во јануари 2005 година, а го издава „НВО Мрежа за слободен софтвер“, под водство на Иван Јелиќ. Списанието се објавува во електронски облик поради малите трошоци за овој вид издаваштво, но Редакцијата изјавува дека, доколку пронајде средства, би издавала и хартиена варијанта.

Содржините се исполнети со тестови на различен слободен софтвер и софтвер со отворен код, како и тестови на хардвер со различни оперативни системи. Има и информации за општествени и за политички настани и трендови од оваа сцена: лиценци, предности, легализација и слично.

Списанието се издава во ПДФ-формат, при што се следат правилата што во ваков случај обезбедуваат максимална употребливост на веб - на пример во делот за симнување е наведена големината на датотеките. Сепак, би било добро кога би била достапна и ХТМЛ-варијанта, оти таа би обезбедила поголем пристап од машини за пребарување и можности за разгледување. Чекањето да се симне целото списание може да обесхрабри голем број Ѓкорисници без широкопојасен пристап што би сакале да ја ѕирнат содржината.

„Гнузила“ е отворена за соработка со сите добронамерници, што е добра шанса за промоција на македонската заедница на слободен софтвер надвор од границите на државата. Во моментов, „Гнузила“ има поприличен углед, изграден со тринаесетмесечниот континуитет, но и поради фактот дека е единствено списание од овој вид на просторите на бивша Југославија. Предност му е што користи јазик што е разбирлив за разнородната целна група, па секој број има неколкуилјаден „тираж“, односно симнувања.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: месечно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: српски
Адреса: gnuzilla.fsn.org.yu

Нема коментари: