25 јануари 2010

„Животот е мојот филм“

Неодамна, на Јутјуб, македонската онлајн публика имаше можност да погледне неколку кратки филмови во насока на превенција од употреба на разни дроги. Можеби веќе сте наишле на некое од овие филмчиња и вашата љубопитност завршила тука. Но, ако сакате да ги најдете сите филмови на купче или пак дополнително да се информирате на ова тема, „Животот е мојот филм“ е локацијата што ви треба.

Се работи за веб-сајт зад кој стои Владата на Република Македонија и претставува обид за подигнување на свеста кај младите за штетните влијанија од консумирањето на дрога. Филмовите се кратки, по неколку минути, но квалитетно изработени и базирани на типични приказни. Ефектите, глумата, камерата и воопшто целосната изведбата на видеата се за пофалба.

Сајтот има и друга намена - да служи за информирање за прашања поврзани со оваа проблематика. За таа цел, постои секцијата прашања и одговори. Овде можете да прочитате одговори на прашања кои порано ги поставиле посетителите на сајтот, како и вие да поставите свое. Богат со текстуални содржини е и делот Од ”А” до ”Ш” за дрогите, а за оние кои сакаат да придонесат во креирање на некаква транспарентна слика за консумирањето на видовите дроги во Македонија, можат да изберат која од наведените наркотични средства во анкетата ја имаат пробано.

Недостаток на сајтот е што нема нови содржини, барем во секцијата новости и што нема пребарувач за полесно доаѓање до саканите информации. Логото на веб-сајтот е доминантно и делува дека треба да го кликнете за да ве насочи кон почетната страница, што не се случува, бидејќи линкот кон „дома“ е поместен во десниот горен дел од страницата. Од сајтот може да се избере приказ на албански јазик, каков во моментов воопшто не постои.

Се надеваме дека проектот ќе се развива со побрзо темпо во иднина и дека ќе го има посакуваното влијание врз оние на кои најмногу им е наменет.

Дополнување: сега за сега нема
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: класичен, соодветен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.zivototemojotfilm.com.mk



Во моментот на пишување на оваа рецензија, албанската верзија на сајтот не беше активна. Промената се случи по објавувањето на рецензијата во дневниот весник „Време“ на 30.01.2010.

Нема коментари: