29 ноември 2004

Спортски резултати во живо

Веб-сајтот „Лајв скор“ е неодминлива „лектира“ за локалните обложувачи на спортски настани кои истовремено се и добри сурфери. Во моментов застапени спортови се фудбалот, тенисот и хокејот на лед. Тајната на неговиот успех не е во сеопфатноста, туку во тоа што нуди навремени, сигурни резултати, достапни на лесен начин.

Информациите за промените на тековните резултати на него излегуваат во тек на натпреварите, што овозможува следење на неколку од нив едновремено. За секој натпревар се забележуваат сите релевантни настани (жолти и црвени картони, голови, итн..) со податок во која минута се случиле. Во кодот е вклучено и автоматско "освежување", така што се добива впечаток дека се следи директен пренос.

Маана на сајтов е што архивата на минати натпревари не е достапна, при што податоците за Европското првенство од 2004 година, кои се присутни на сајтот претставуваат исклучок што го потврдува правилото.

Посетителите што ги интересираат коефициенти за обложување, „Лајв скор“ ги пренасочува кон веб-сајтот на кладилницата Вил Хил. Кај нашата публика, главен конкурент на „Лајв скор“ е сајтот на словенечката обложувалница „ТБВ спорт“, којшто нуди еден куп други јазици и функции, како на пример споредба на коефициенти извлечени директно од други големи кладилници, а и резултати од други актуелни спортови, како кошарка и ракомет.

Превид на „Лајв скор“ е што имаат ставено линк за рубрика на тема формула еден, којшто зјае празен повеќе од година дена. Општопознато е дека ако дел на даден сајт е недоработен, подобро да не се најавува, оти така се зголемуваат очекувањата на посетителите, чие неисполнување што доведува до лошо чувство, според поговорката „ако ветиш и исполниш, си дал повеќе од ветеното – ако ветиш и не исполниш, си зел повеќе од недаденото“. А секој линк е едно ветување, ветување за водење кон најавената информација.

Дополнување: постојано
Брзина: ептен брзо
Функционалност: одлична
Код: интерни апликации, Јаваскрипт
Дизајн: текстуален
Интерно пребарување: нема
Клучни зборови: има
Навигација: стандардна
Гугл-ранг: 6/10
Јавен бројач: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.livescore.com
Датум на пишување: 29.11.2004.

Нема коментари: