29 ноември 2004

МММ - Македонска музичка мрежа

МММ е водечки веб-сајт со музичко-естрадна тематика кај нас, пред сè поради тоа што авторите, брачната двојка Беќковиќ - музички новинари, секојдневно и постојано го полнат со нови, често и оригинални информации.

На сајтот се присутни вести, интервјуа, фото-галерии и слично, но (иако се најавени во менито) нема аудио записи. Демек, според нивните „убедувања, музиката не се симнува од интернет, туку се продава во соодветни продавници“.

Оставајќи ја на страна можноста за објавување музика на мрежата во промотивни цели (песните што може да се чујат на МТВ или на К-15 ниту се крадени, ниту поттикнуваат пиратерија), ваквата определба е веројатно резултат на неможноста МММ да заработи од МП3ките. Овој став можеби ќе се смени кога и во Македонија ќе може да се врши електронска трговија.

Од технички аспект, сајтот е коректно изведен, освен што интерната апликација за пребарување не ги дава сите резултатити. Така на пример, веста за новиот сингл и имиџ на Елена Ристеска, присутна на насловната страница, не се појавува при пребарувањето.
Доколку клучните зборови во кодот би се поврзале соодветно со содржините на написите, МММ би имала шанси да го надмине подобриот пласман на Гугл што за внесени имиња на пеачи го има Музика.нет.

Маана на сајтов е што за термините за коишто сеуште нема официјални решенија користат варијанти што не ги почитуваат основните правописни правила. Така на пример, наместо „веб-сајт“ користат „web-страница“, со тоа веб напишано на англиски, што директно го крши фонетското правило за увоз на зборови „пишувај како што зборуваш“. А бидејќи веб-страниците се всушност составни делови на еден веб-сајтовите, вторито дел од оваа грешка е аналоген на користење на „лист хартија“ да се означи „весник“ или „книга“.
Но, сите замерки се „ситна боранија“, бидејќи МММ ја задоволува својата основна функција – да нуди свежи информации, па служи како доказ на максимата „содржината владее“ (анг. "content is king").

Дополнување: секојдневно
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Интерно пребарување: има
Клучни зборови: има, ама латинични
Навигација: стандардна
Гугл-ранг: 4/10
Јавен бројач: нема
Јазик: македонски
Лекториран: не
Адреса: www.mmm.com.mk
Датум на пишување: 29.11.2004.

Нема коментари: