13 февруари 2009

Миро - за бесплатни интернет видео канали

Миро е апликација за гледање интернет видео канали, поточно видео поткасти и РСС видео. По преземањето и инсталацијата, Миро се користи независно од интернет прелистувачот. Овозможува преглед и преземање на видео содржини од илјадници различни канали, чиј број секојдневно се зголемува.

За разлика од сајтовите за гледање онлајн видеа како Јутјуб, Миро нуди високо квалитетни видеа кои пријатно изгледаат и кога се гледаат на цел екран. Исто така, се разликува и начинот на кој Миро функционира, најпрво ги презема видеата локално, а дури потоа може да се започне со нивна репродукција. Заради ова пак, видеата никогаш нема да се мачат додека се репродуцираат. Тие се симнуваат на компјутерот на корисникот, но бидејќи зафаќаат место, автоматски се бришат за неколку дена. За видеата кои сакате трајно да ги зачувате, постои опција која го овозможува ова. Запишување за преглед на содржини од нови канали, пребарување според клучни зборови, организирање во папки, автоматско преземање на омилените видеа итн. се дел од карактеристиките на овој софтвер, кои не само што го разликуваат од останатите онлајн сервиси, туку и го прават особено практичен.

Миро е софтвер со слободен код, достапен за сите оперативни системи. Тоа значи дека сите имаат еднаква можност да го користат, како и да придонесуваат во неговиот понатамошен развој. Достапен е на многу јазици, но не и на македонски, па доколку има ентузијасти, ги охрабруваме да се приклучат во работата за понатамошен развој, усовршување и поголема јазична достапност.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: средна
Пребарувач: има (плеер)
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски, албански,
бугарски, француски, германски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.getmiro.com

Нема коментари: