28 мај 2009

Македонски портал за мажи

Ако тргнеме од претпоставката дека интересите и вкусовите се разликуваат кај различните полови, тогаш оправдано е да постојат и веб-сајтови кои се наменети за едниот и за другиот вид публика. Сајтови за понежниот пол биле рецензирани во рамките на оваа рубрика, а на машката македонска публика денес и го претставуваме men.mk - едноставно, веб-сајт за мажи.

Сајтот изгледа прилично задоволително на прв поглед, дизајнот е пристоен, содржините се уредно и логично поставени, а навигацијата - едноставна, по малку и специфична. Главното мени во горниот дел од сајтот се состои само од линковите: насловна, галерија, контакт и РСС, што е многу некарактеристично за македонските сајтови, за кои претежно се практикува необична комбинација од линкови во главното мени или негова пренатрупаност. Ваквата поставеност на men.mk е во склад со она што следува подолу, а тоа се содржините претставени со наслов, сликичка и краток вовед, што значи дека посетителите избираат што ќе читаат врз основа на она што ќе им го привлече вниманието, а не врз основа на некаква поделеност, односно категоризација. Пристапувањето според категорија сепак може да се постигне преку групацијата од линкови поставени во долниот дел од веб-сајтот, под содржините. Страничната лента започнува со презентација на спортски вести, а продолжува со содржини на тема здравје и нега, слајд шоу галерија со убави жени, коментари и најпопуларни написи.

Вака среден, веб-сајтот е примамлив за користење. Содржински, помеѓу останатите, покриени се темите: мултимедија, лајфстајл, технологија, хоби, колумни итн. Секој напис е проследен со датум на објавување, но никаде нема информација за авторите на содржините, креаторите на веб-сајтот, ниту пак извор на презентираното. Како и да е, според архивата до која може да се пристапи, веројатно се работи за веб-сајт регистриран овој месец, па како за почеток ветува доволно, а за понатаму, им посакуваме успех на сите кои стојат зад неговото одржување.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: комбиниран
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има (еден)
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.men.mk

Нема коментари: