22 мај 2009

Онлајн претставување: Која е Минди Мекадамс?

Минди Мекадамс е новинар, професор по новинарство и веб-развивач. Она по што е најмногу позната е нејзината посветеност на онлајн новинарството и застапувањето за комбинирање на мултимедијалните можности со добрите новинарски стории. На универзитетот во Флорида предава онлајн новинарство, има издадено книга со наслов „Флеш новинарство: како да креирате мултимедијални пакети од вести“, која скоро во целост е достапна за читање преку сервисот на Гугл - Гугл Букс, има искуство со истражувачка работа и држење предавања во Малезија и Југоисточна Азија итн.

Од почетната страница на нејзиниот личен веб-сајт, регистриран под име кое всушност е нејзиното име и презиме, можете да прелетате кон страницата со нејзината биографија, кон книгата на Амазон, другите веб-сајтови зад кои таа стои, но најважно, до нејзиниот блог.

Блогот е едноставен, прегледен и богат со содржини од кои може многу да се научи на темата. Помеѓу сеопфатните постови во кои се разработуваат конкретни теми, можете да ги прочитате: како да снимате видео, почнете да обработувате аудио, слушајте поткасти, научете како да сликате пристојни фотографии, научете како да кратите, нијансирате и оптимизирате фотографии итн.

Ако сте новинар кој предизвикот во својата работа го гледа во онлајн новинарството, студент по новинарство подготвен да ја вклучи технологијата како дел од својата идна професија, блогер или друг профил на личност со ентузијазам за мултимедијално изразување онлајн, блогот на Минди Мекадамс, не го прескокнувајте. Уште подобро, посетете го денес. Којзнае, можеби ќе биде инспирација за вашата нова онлајн редакција.

Дополнување: од време на време
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: mindymcadams.com

Нема коментари: