27 септември 2005

Македонски блог за е-бизнис

[лекториран]

Еден од најновите македонски блогови со огромен потенцијал за успех и добар старт е „Македонскиот е-бизнис блог“, кој го води експертот за маркетинг Мијалче Георгиев, асистент на Економскиот факултет во Скопје и член на Работната група за изработка на Национална стратегија за информатичко општество на РМ.

Иако почна да работи неодамна, овој блог го привлекува вниманието со посветеноста на авторот да обезбедува обемни, чести и промислени информации. Покрај тоа, ова е веројатно еден од првите примери луѓе од академските кругови да комуницираат со јавноста на својата тема, овозможувајќи ширење на знаењата и надвор од нивната матична институција. Вака конципиран, блогот претставува одличен ресурс за сите што ја истражуваат можноста за воведување Е-бизнис решенија во Македонија.

Изборот на софтверот Вордпрес како платформа овозможува и разграничување на содржините по категории (е-бизнис, ЕРП, не-бизнис, е-маркетинг, ВОИП, БПМ...), што го олеснува разгледувањето. Блогот овозможува интерактивност, при што се истакнува можноста за оставање коментари.

Најново од светот на македонското блогерство е дека бројот на блоговите што ги индексира пребарувачот „Најди!“ од пред неколку дена е повеќе од 100.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10 (нов сајт)
Јазик: македонски
Адреса: blog.ebiznis.info

Нема коментари: