Се прикажуваат објави со етикета блогови. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета блогови. Прикажи ги сите објави

16 септември 2010

Интернет радио базирано на содржини од музички блогови

„Шафлер“ е веб-радио кое црпи музички содржини од различни блогови и потоа ги складира во својата база. Со помош на ова радио, не само што може да го слушате омилениот музички стил онлајн, туку може и да се информирате што пишуваат блогерите за него.



Откако ќе го посетите сајтот, одберете го стилот кој во моментот сакате да го слушате. Шафлер ќе ве пренасочи до музички блог по случаен избор, а на секоја нова песна ќе ве носи до нов блог. Ако пак песната не ви се допаѓа, рачно може да одберете нова. Името и изведувачот на песната ќе ви се појават во посебен алатник во прелистувачот и веднаш може да ги споделите на „Фејсбук“ или „Твитер“.

Доколку одржувате музички блог, можете да го споделите на шафлер и на тој начин да си ја зголемите популарноста на блогот. Пријавувањето на блогот се врши на самиот сајт, по што ќе треба да потврдите дека тој е навистина ваш, преку формата која ќе ја добиете по електронска пошта.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен, интересен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: нема
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: shuffler.fm

26 август 2010

Вашите омилени блогови на едно место

„Блоглавин“ е едноставно идеалната веб-локација за сите оние кои паралелно сакаат да следат повеќе блогови. Сајтот овозможува следење на омилените блогови на корисниците на едно место, на едноставен начин.

При вашата прва посета на овој веб-сајт, ќе ви биде понудено креирање на кориснички профил преку кој подоцна ќе можете да ги прелистувате блоговите кои ги следите. На почетната страница на блоглавин се прикажани најпосетените и највисоко рангираните постови од изминатата недела. Покрај опцијата да пребарувате блогови според нивното име, блоглавин ги групира блоговите и според тема и посетеност. Откако ќе го изберете блогот кој сакате да го следите, се отвора неговиот профил на кој пишува колку луѓе го следат, која тема тој ја обработува, колку постови објавува неделно во просек, кус опис на блогот и слични блогови на тој.
Профил според вашите лични интереси за информирање од популарни блогови
Откако ќе ги изберете сите блогови кои ќе ги следите, нивните нови постови ќе се појавуваат на вашиот профил веднаш откако ќе бидат објавени. На блоглавин има и опција постовите кои ви се допаднале да ги обележите за подоцна да можете да ги разгледувате. Секоја новост која веќе сте ја отвориле автоматски се означува како прочитана.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: bloglovin.com

20 август 2010

Работи што никој не ми ги кажал

„Работи што никој не ми ги кажал“ е веб-стрип на Алекс Нориега од Барцелона. Всушност се работи за блог кој наместо текстуални постови нуди кратки стрипчиња или карикатури со негови размислувања и анегдоти.

Иако ритамот на појавување на нови постови не е секојдневен, сепак се одржува прилично постојан континуитет од неколку неделно (со исклучок на годишни одмори) што овозможува јакнење на емоционалната врска со читателите (брендирање).

Стилот на цртање е понекогаш експериментален, но секогаш на прилично високо ниво, а нарацијата има елементи и магичен реализам карактеристичен за пошироката култура од која потекнува авторот.

Со оглед на тоа што стрипот ја користи лиценцата на Криејтив комонс наведи-извор-некомерцијално-без-адаптирани-дела сликичките како такви може да се споделуваат и објавуваат на ваши сајтови, но без интервенции во нив, на пр. замена на текстот со превод на друг јазик.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: основен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: stuffnoonetoldme.blogspot.com

06 јули 2010

Тематско блогирање за одредени каузи

Граѓанскиот активизам може да се покаже низ многу работи, но важно е да постои. Секако, треба директно да се делува онаму каде што има потреба од промени, но, притоа не треба да се заборават бесплатните, едноставни онлајн алатки кои можат да помогнат во остварувањето на ваквата цел. Тука, во прв ред се блоговите и социјалните медиуми. За таа цел, ви ја претставуваме „Кауза“ – блог платформа за граѓански активизам која овозможува адресирање на важни општествени прашања од страна на сите засегнати граѓани, што пак е од значење за развојот на демократијата во Македонија.


Блог платформата е од полуотворен карактер. Досега, на неа има 60 членови кои се обучени да ја користат во рамките на проектот „Социјални медиуми за демократија“ кој го спроведува Метаморфозис. Дополнително сите кои сакаат да се вклучат и да придонесуваат кон некоја од темите или пак да отворат нова, имаат можност тоа да го направат со испраќање имејл до kauza@metamorphopsis.org.mk. Целта е на едно место да бидат достапни сите тематски блогови чии креатори се залагаат за некоја кауза, притоа креирајќи заедници за меѓусебно поддржување и помагање.

Повеќе за граѓанскиот активизам преку примена на нови медиуми може да се научи со помош на прирачниците кои се објавени на почетната страница. На оваа страница се појавуваат и сите нови постови кои ги објавуваат блогерите на нивните тематски блогови.

Помеѓу најактивните блогови се: „Вегетаријанство“, „Мои пари“, „Заштита на правата на хомосексуалците“, „И староста е убава“ и др. а моментално има вкупно 25 блога.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: kauza.mk

09 април 2010

Оригинално лого или брзо брендирање?

Логото на една фирма, организација или каков било бренд со кој доаѓате во контакт во продавница, во кафе-бар или на веб е од непроценливо значење. Тоа е она што идентификува, она на што луѓето се навикнуваат и заради кое често стануваат лојални на производите кои ги претставува. Ако сакате да станете препознатливи на веб, задолжително направете си лого кое ќе ве претставува секаде каде што ќе бидете спомнати вие, вашиот веб-сајт, блог сервис или производ кој го промовирате. Не треба да ја занемарувате моќта на логото и да штедите на дизајн, но ако ви треба брзо, практично и пристојно решение, ваше е да одлучите дали да го примените „логоиз“.

Logoease - бесплатен онлајн сервис за креирање логоа
Сервисот најпрво овозможува избор на некоја графика според намената која треба да ја има логото. Графиките се групирани по теми: медицина, спорт, пишување, музика итн., кои потоа може да се обработуваат, заедно со останатите елементи. Секако, можете да вметнете и текст за кој ќе изберете фонт, големина и боја на буквите, но кириличното писмо не е поддржано. Елементите може да се подредуваат во слоеви, да се ротираат, превртуваат, зголемуваат, намалуваат, поместуваат и бојат со соодветните бои, дел по дел.

Логоиз го одликува едноставен и интуитивен интерфејс кој го овозможува креирањето на бесплатни логоа за само неколку минути. Готовите логоа ќе можете да ги преземете во следниве формати: eps, png, jpg и tiff, но исклучиво доколку сте регистрирани корисници. Ќе можете да зачувате и преземете вкупно 10 логоа одеднаш.

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: непостојана
Дизајн: пристоен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: www.logoease.com

07 декември 2009

Огромна порција од македонскиот веб - секој ден, во секое време за секого

Ping.mk е агрегатор на е-содржини кои се собираат автоматски преку претходно задавање на РСС фидови до веб-сајтови или тематски посебни делови од нив. Во моментов постои голема база на зададени извори кои секојдневно агрегираат нови содржини, а корисниците и самите можат да пријавуваат фидови, но и линкови до поединечни написи, фотографии, видеа и сл., притоа сместувајќи ги во соодветни групи.

Покрај собирањето на сите видови содржини, овој веб-сајт има една дополнителна вредност - можност за гласање од страна на регистрираните корисници со што линковите до најпопуларните содржини, фер и демократски избиваат меѓу првите.

Она што го разликува овој сервис од останатите е тоа што тој обединува содржини од секаков тип, поставени на локални веб-сајтови, а негова основна намена е промовирање на алтернативните извори на информации кои нудат квалитетни анализи или издржани мислења, од индивидуални блогови, преку веб-сајтови на организации и портали, до кој било вид на нови медиуми.

Корисниците на сервисот придонесуваат со гласање и посетување на поставените линкови, како и со поставување на нови извори и нови содржини. Групите отвораат можност за создавање заедници врз основа на заеднички интерес за дадена тема, географска област или во рамките на разни движења за граѓански активизам.

Корисниците имаат избор од неколку модерни и практични опции за користење на сајтот. Тие подразбираат поставување на виџети на нивните лични веб-сајтови и блогови кои автоматски ќе ги прикажуваат содржините од пинг, копчиња за брзо додавање линкови од пинг на сопствените веб-локации, како и букмарклети кои овозможуваат брз пристап до функциите на пинг.

Најдобрите содржини имаат шанса да бидат избор на уредниците и да се најдат на левата страна на почетната страница, со што истите добиваат можност за поголема промоција и популарност.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, модерен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има (агрегатор)
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10 (нов)
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: ping.mk

03 ноември 2009

Што вкусно да зготвите денес?

Гладни сте? Ви се јаде нешто вкусно? Но, немате идеја што да зготвите... Секако интернетот е преплавен со многу сајтови и рецепти за кулинарство, но не на сите можете убаво да разберете што всушност ви е потребно од состојките, постапката е неразбирлива или пак едноставно слабо стоите со странските јазици.Блогот „Ситно сецкано“ е едно од можните решенија за вашиот проблем бидејќи станува збор за интересен блог од областа на кулинарството на македонски јазик. Секој од рецептите е детално објаснет, со тоа што авторите обрнале внимание на тоа, нивните посетители читајќи ги постовите, на некој начин да можат да ги вкусат јадењата прикажани на нив. Во секој пост опишана е постапката за подготвување на храната и потребните состојки, а сето тоа е надополнето со слики од неколку фази при подготовката на истата. Доколку пак ви се јаде нешто специфично и веќе имате замислено кои состојки сакате да ги содржи вашиот оброк, можете да одберете една состојка од страничната листа и според неа ќе ви се прикажат сите рецепти во кои таа се состои.

Рецептите некогаш се преземени од светски познатите готвачи, но веднаш на почетокот на тие постови е потенциран вистинскиот извор. Доколку имате некои препораки, прашања или коментари до авторите, можете да стапите во контакт преку имејл кој е оставен на блогот.

Иако блогот е доста интересен и несекојдневен барем, на нашиве простори, сепак мора да се забележи дека добро би му дошло мало освежување на дизајнот, како и да се препорача поголема внимателност во однос на почитувањето на правописните правила на македонскиот јазик.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски, англиски
Адреса: sitnoseckano.blogspot.com

30 октомври 2009

Совети за поорганизиран и за поефикасен живот

Овој сајт всушност претставува дневен блог кој обезбедува совети, врски до корисни ресурси и бесплатни софтвери за преземање кои ќе ви помогнат поефикасно и попаметно да ги вршите своите работи и задачи. Блогот е многу наградуван и постојано се наоѓа при врвот на листите за најдобри сајтови од страна на читателите. Тој има и две интернационални изданија и тоа Lifehacker Australia и Lifehacker Japan.

Сајтот покрива програми за оперативните системи виндоус, мекинтош и линукс, со тоа што обезбедува совети и трикови за сите проблеми на кои можете да наидете. Најчесто, тоа се совети како нештата да ги направите побрзо и поефикасно не губејќи си го своето време, но и за тоа како поорганизирано и попрофесионално да ги изведувате работите. Иако главната поделба е токму таа, сајтот не е воопшто ограничен и на него можете да најдете совети дури и за готвење, поефикасно учење, шопинг, патувања и што ли уште не. Советите се најчесто претставени како видео туторијали со дополнително објаснување преку текст. Но, има и вести кои се состојат само од текст, а тие најчесто се пријавени од читателите на сајтот.

Доколку сметате, дека има нешто што вие знаете да го правите и тоа би било интересно за останатите, можете многу лесно истото да го споделите и тоа на следниов начин: се регистрирате на сајтот, потоа на насловната страница во празното поле „сподели“ го внесувате текстот, доколку сакате и сте во можност, прикачувате видео или слика и го испраќате. Потоа администраторите одлучуваат дали е тоа соодветно направено според правилата на веб-сајтот и, доколку е така, ќе биде објавено. Секојдневно излегуваат нови 20 содржини со совети. Многу интересно и олеснително е тоа што доколку веќе имате фејсбук профил нема потреба од додатно регистрирање, истиот можете да го употребите на блогот.

Доколку имате забелешки и прашања до администраторите, слободно можете да стапите во контакт со нив преку имејл или твитер.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: монотон
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.lifehacker.com

10 август 2009

Претворете го прелистувачот во практичен блог едитор

Доколку се занимавате со блогирање, сигурно ве интересираат сите начини кои можат да ви го олеснат процесот и истиот да го направат попрактичен. Една опција со помош на која можете да го постигнете тоа е Скрајбфајр - додаток за прелистувачот Мозила фајрфокс, кој него по потреба го претвора во практичен блог едитор.

Идејата е да не мора да се напушти страницата која моментално се прегледува во прелистувачот за да се активира блог едиторот кој ја зафаќа долната половина од прозорецот. Ова е практично заради можноста за брзо преземање на делови од други страници, коментирање, преведување или само користење на одредени информации. Повикувајќи го скрајбфајр со F8од тастатурата или од менито Tools, односно Алатки, доколку ја користите македонската верзија од фајрфокс, првиот пат ќе имате можност да ги внесете податоците за поврзување со вашите блогови преку волшебник во чекори. Поддржани се повеќе блог платформи како вордпрес, тамблр, блогер и др. Опциите овозможуваат поставување на форматирани текстови со влечење и пуштање, поставување на слики, фаќање забелешки, уредување на повеќе блогови одеднаш и сл. За да започнете да го користите овој додаток, најпрво треба да го инсталирате, за што соодветен линк ќе најдете на страничната лента на блогот, а потоа, за помош и дополнителни информации, можете да се обратите до овој линк.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: блогерски
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.scribefire.com

22 мај 2009

Онлајн претставување: Која е Минди Мекадамс?

Минди Мекадамс е новинар, професор по новинарство и веб-развивач. Она по што е најмногу позната е нејзината посветеност на онлајн новинарството и застапувањето за комбинирање на мултимедијалните можности со добрите новинарски стории. На универзитетот во Флорида предава онлајн новинарство, има издадено книга со наслов „Флеш новинарство: како да креирате мултимедијални пакети од вести“, која скоро во целост е достапна за читање преку сервисот на Гугл - Гугл Букс, има искуство со истражувачка работа и држење предавања во Малезија и Југоисточна Азија итн.

Од почетната страница на нејзиниот личен веб-сајт, регистриран под име кое всушност е нејзиното име и презиме, можете да прелетате кон страницата со нејзината биографија, кон книгата на Амазон, другите веб-сајтови зад кои таа стои, но најважно, до нејзиниот блог.

Блогот е едноставен, прегледен и богат со содржини од кои може многу да се научи на темата. Помеѓу сеопфатните постови во кои се разработуваат конкретни теми, можете да ги прочитате: како да снимате видео, почнете да обработувате аудио, слушајте поткасти, научете како да сликате пристојни фотографии, научете како да кратите, нијансирате и оптимизирате фотографии итн.

Ако сте новинар кој предизвикот во својата работа го гледа во онлајн новинарството, студент по новинарство подготвен да ја вклучи технологијата како дел од својата идна професија, блогер или друг профил на личност со ентузијазам за мултимедијално изразување онлајн, блогот на Минди Мекадамс, не го прескокнувајте. Уште подобро, посетете го денес. Којзнае, можеби ќе биде инспирација за вашата нова онлајн редакција.

Дополнување: од време на време
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: mindymcadams.com

29 април 2009

Тамблр - за тамбл-блогирање

Изборот на формата на блогот е производ на личната одлука и желба на авторот. Каква и дефиниција да прочита еден човек кој решил да стане блогер, она што ќе произлезе од неговата понатамошна работа, ќе го редефинира блогот. Неговиот блог ќе биде нешто ново, различно од сите претходни, без разлика дали поради формата, содржината, дизајнот, јазикот или нешто друго.

Како и да е, постојат различни дефиниции за блоговите и поделби на видови блогови. Помеѓу сите нив, тамбл-блоговите, односно неуредните блогови се посебно интересна категорија. Тоа се такви блогови кои најчесто изобилуваат со кратки текстуални содржини, а се мешавина од текст, слики, видеа, аудио фајлови, цитати, дијалози, линкови и др., почесто со цел да споделуваат лични креации, откритија или искуства на авторите, а со помалку коментирање.

Доколку мислите дека би се пронашле во ваква форма на блогирање, можете да се послужите со некој од вообичаените блог сервиси, или пак со такви кои се специјализирани за ваков тип на блогови. Еден таков сервис е тамблр. Тој овозможува бесплатно креирање на тамбл-блогови за неколку секунди, со можност за избор на интересни шаблони, можност за нивно прилагодување, како и освежување со нови содржини од секаде, преку прелистувачот на компјутерот, преку имејл или преку мобилен телефон.

Дополнување: често (блог)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има (блог)
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.tumblr.com

22 март 2008

Блогот на Паблишер

Паблишер е личен блог на Гоце Митевски на кој се презентираат информации за слободен софтвер, веб и графички дизајн, музичка продукција, како и за сè друго што претставува личен интерес на авторот.

Блогот постои од почетокот на минатата година и претставува спонтан израз на интересите на неговиот автор. Презентирајќи теми кои се интересни за него самиот, блогот нуди содржини кои често се проследени со субјективно мислење, сепак засновано на разработена информација. Иако нема прецизен интервал на објавување на нови содржини, она што ќе се објави, секогаш претставува приказна за себе, понекогаш раскажана во неколку реда, а некогаш разработена во многу повеќе.

По точно една година од своето постоење, благодарение на Лугола - група на ГНУ/Линукс корисници од Битола, блогот, со сета своја содржина, мигрираше на нова локација: pablisher.lugola.net. Освежен, попрегледен и пожив од претходниот, новиот Паблишер уште појасно ја изразува идејата на авторот - следење на сопствените интереси и нивно споделување со сите кои ги имаат истите.

Блогот е лиценциран со Криејтив комонс лиценца, поточно со онаа која дозволува слободна употреба на неговите содржини за било какви цели се додека се наведува нивниот извор и додека тие не се користат за комерцијална употреба. Новиот Паблишер кон ова го додава и условот за споделување под исти услови во случаи на модификација на неговите содржини.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен
Навигација: едноставна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: македонски
Адреса: pablisher.blogspot.com
(pablisher.lugola.net)

19 март 2008

Сајт кој ги поврзува луѓето со хендикеп

Дисабум е сајт основан од страна на д-р Глен Хаус кој специјализира во областа на физикалната медицина и рехабилитацијата, а инаку и самиот се соочува со квадриплегија што претставува состојба на инвалидитет на сите екстремитети, иако не секогаш подразбира нивна целосна парализа и дисфункционалност (од Wikipedia).

Сајтот има за цел континуирано да нуди информации за здравјето и животот на луѓето кои живеат со различни функционални ограничувања. За таа цел можат да придонесуваат самите тие, како и специјалисти во разни области кои сакаат да помагаат.

Покрај информативна компонента, сајтот нуди и повеќе начини за поврзување на инвалидизираните луѓе од целиот свет. Зачленувајќи се на овој сајт, посетителите можат да објавуваат свои фотографии, да се занимаваат со блогирање, како и да се поврзуваат со други членови преку активните форуми, групи и чет соби. На тој начин, Дисабум претставува многу повеќе од информативно ориентиран веб сајт кој им е наменет на луѓето со посебни потреби во животот. Тој претставува заедница отворена за сите кои сметаат дека овде можат да си го најдат своето место и да се чувствуваат убаво поради тоа.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: комбиниран
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.disaboom.com