Се прикажуваат објави со етикета видеа. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета видеа. Прикажи ги сите објави

05 октомври 2010

Креирајте онлајн видео ремикси

Драгонтејп“ е многу интересна веб-алатка со која може да направите персонализирани видео ремикси од видеа кои се прикачени на Јутјуб.

За да ја користите оваа алатка не ви е потребна регистрација. Ваша задача е да почнете со пребарување на клучните зборови кои се релевантни за вашиот ремикс. Потоа, од пронајдените резултати одбрете ги јутјуб видеата кои најмногу ви се допаѓаат и повлечете ги на временската лента. Таа всушост ја претставува должината на ремиксот кој го креирате и на неа може да го менувате редоследот по кој ќе се појавуваат видеата. Видеата може да ги додавате и со вметнување на директен линк до јутјуб, доколку веќе сте ги одбрале и не ви е потребно претходно пребарување.

Откако ќе ги споите сите видеа, зачувајте го проектот. Ќе добиете линк до ремиксот, кој во иднина може да го користите секогаш кога ќе посакате да му пристапите.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен, модерен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.dragontape.com

13 септември 2010

Креирајте веб-страници посветени на луѓето што ви значат

Сите сакаме да ги израдуваме нашите најблиски кога има некаков повод за тоа, без оглед дали станува збор за роденден, дипломска забава, свадба или слична прослава. За таа цел, сигурно ќе ви се најде „Јор-трибјут“, веб-сајт со чија помош ќе изработите страници посветени на вашите најблиски.

Почнете со кратка регистрација на сајтот. Потоа одберете една од готовите теми, додадете фотографии и кратки приказни и поканете ги вашите пријатели да придонесат во изработката на страницата. Ова се основните опции за уредување на страницата, но сервисот не застанува тука. Додадете видеа, креирајте настани, праќајте виртуелни подароци, коментирајте ги приказните од вашите пријатели или споделете ја готовата веб-страница на „Фејсбук“ или „Твитер“.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен, интересен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: www.yourtribute.com

24 февруари 2010

Креирајте си свои радио станици онлајн

Ако сакате да слушате музика додека работите, учите или одмарате и имате желба да чуете нова музика од вашите омилени музички стилови, „џанго“ може да ви донесе позитивна промена во вашите секојдневни животни навики.

Џанго е сервис кој овозможува креирање на лични радио станици од страна на своите корисници, базирани на избор на омилен пејач, група или песна. Врз основа на оваа песна, сервисот ги препорачува следните и така се креираат станиците кои потоа може да се избираат во разни прилики и расположенија. Корисниците дополнително можат да му помогнат на сервисот во креирањето на личните станици, со рангирање на песните кои моментално ги слушаат. Врз основа на вашата оценка за секоја песна, џанго ќе знае дали сакате да ја слушате често, понекогаш или пак тој сосема да ја отстрани од листата. За секоја песна можете да ги добиете стиховите, песната да ја споделите како линк или по имејл, да гледате слики и видеа итн.

Станиците може и отпосле да се уредуваат и прилагодуваат на преференциите на корисникот. Покрај личните станици на корисниците, тие може да пребаруваат музички станици и според жанрови или според други критериуми.

Џанго е меѓу другото и социјална мрежа, овозможува креирање и уредување на свој профил, поврзување со други онлајн пријатели и приклучување на нивните јавни радио станици.

Дополнување: неопределиво
Брзина: средно
Функционалност: задоволителна
Дизајн: пристоен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: www.jango.com

18 февруари 2010

Создадете свое креативно видео брзо и лесно

Мешер“ е одличен сервис во кој се искомбинирани алатки кои овозможуваат создавање видео во кое ќе бидат измешани песни, слики и видео материјали во една целина. Со ваквиот производ вие ќе можете да се пофалите како сте си го поминале летниот одмор, да честитате роденден, да изненадите некоја ваша драга личност или пак едноставно да ја покажете вашата креативност.

За да ги користите услугите на овој веб портал, потребно е да се бесплатно регистрирате преку стандардната постапка, оставајќи ги вашите лични податоци. За да можете да ги вметнете посакуваните елементи и ефекти на видеото, студиото работи на принцип "повлечи и додај", а алатките кои се понудени за обработка на вашиот проект се многу лесни за употреба. Самиот сајт располага со огромна база од илјадници видеа со високо квалитетна слика и музички спотови од разни жанрови. Сликите и видеата можат да бидат прикачени и од компјутерот на корисникот. Изработеното видео, многу лесно, потоа може да биде споделено на Фејсбук, Мајспејс, да се испрати преку имејл или пак директно да се вметне на некој сајт или блог.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.masher.com

09 февруари 2010

Интересен сервис со можност за заработка преку споделување видеа

БлипТВ“ претставува платформа за креаторите на веб шоуа, кој нуди беплатен хостинг, дистрибуција до други мрежи, необврзна можност за маркетинг со добивање удел од приходите од рекламите и управување со видеата согласно потребите на корисникот. Создаден е во 2005 година, а денеска тој има 22 милиони гледачи кои имаат можност да гледаат преку 2.4 милиони епизоди (видеа).
За да можете да станете корисник на овој сервис потребно е да направите свој профил, преку кој ќе можете да прикачувате свои видеа. Бесплатниот профил овозможува прикачување на видеа со максимално времетраење од 2 часа и помала брзина за прикачување. Така што, за видео со времетраење од 10 минути ќе треба да почекате околу половина час. Доколку сакате да имате претплатнички, односно професионален профил, кој ќе ве чини 8 американски долари месечно или 96 американски долари годишно со што би добиле и 2 дополнителни месеци бесплатно, видеата кој ќе ги прикачувате ќе можат да бидат со времетрање до 6 часа и брзината за прикачување ќе се зголеми во зависност од интернетот кој го користите. И двата профила овозможуваат можност за заработка преку додавање на реклама, која би се појавувала пред почетокот на видеото и заработената сума би се делела 50:50 помеѓу создавачот на содржината и “БлипТВ“.

Сервисот исто така овозможува симнување на скоро сите поставени видеа на сајтот бесплатно, вклучувајќи ги и оние кои ги има транскодирано во флеш. Видеата кои ги имате поставено на сервисот исто така можат и директно да бидат дистрибуирани на многу други сервиси како што се Јутјуб, Фејсбук, Ајтјунс, Вимео, МСН видеа и на многу други сервиси и мрежи.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен, едноставен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.blip.tv

17 декември 2009

Добијте ги најинтересните детали од вашето видео без мака

Доколку ве интересираат само најинтересните детали од снимката на вашата безбедносна камера или надгледувачката камера за вашето мало дете или домашно милениче оваa веб-локација може да ви биде од многу голема корист.

Бесплатната услуга од оваа локација можете да ја добиете многу лесно и едноставно, но таа е ограничена со само 24 часовна снимка. Поврзете ја вашата камера со компјутерот и почнете да снимате, а по прекинувањето на процесот сајтот сам го креира видеото во скратена верзија која ги содржи само деталите од долгата снимка. Доколку сакате да имате некои додатни бенефиции од сервисот потребно е да отворите профил кој би ве чинел околу 9 американски долари. Со ваквиот профил вие ќе можете да прикачите видео од вашиот компјутер, да го преземете видеото кое сте го снимиле, ќе можете да додадете снимка со висок квалитет и ќе ви биде овозможено наместо 24-часовна снимка да архивирате снимки со времетраење од две календарски недели.

Со оваа услуга вие ќе можете да ги погледаните само кратките инсерти од видеото што сте го обработиле и со тоа ќе си го заштедите времето кое инаку би го изгубиле барајќи го оној дел кој ви е потребен.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: highlightcam.com

11 декември 2009

Креирајте видео прикажувајќи го вашиот талент за цртање

Скечфу“ е одлична веб-локација која би требало да им се допадне на повеќето кои сакаат да цртаат на компјутер и притоа имаат желба на останатите да им покажат како го направиле тоа. Сепак сајтот не би го препорачал за некој што подолго време се занимава со цртање, од причина што обезбедува само неколку основни опции, за разлика од програмите на кои тие се навикнати да работат како фотошоп, илустратор и така натаму.

Постапката за правење на видеото, кое на некој начин претставува туторијал, е едноставна и се што треба да направите е да се регистрирате на сајтот, бесплатно, и да започнете нов цртеж кој ќе го нацртате одбирајќи ги понудените опции за боја и текстура. Откако ќе решите дека вашиот цртеж е готов стиснете „Replay“ и одберете брзина на снимката која може да биде и 16 пати побрза од реалната и сервисот ќе ви го прикаже секој чекор кој вие сте го направиле работејќи на вашето мини ремек-дело.

Доколку сакате да го зачувате видеото тоа ќе биде додадено во големата архива на видео туторијали поставени од сите корисници регистрирани на сајтот. Интересно е тоа што доколку имате желба и доколку авторот на некое видео дозволил пристап, вие можете да го доработите и измените веќе постоечкиот цртеж и кога некој ќе сака да го гледа видеото тоа ќе ја дава целата постапка заедно со, од вас, додадената обработка. Секако за поголема контрола и поумешно користење на овој сервис пожелно би било да имате електронска табла за цртање, која ќе го симулира цртањето како да цртате со пенкало на хартија.


Дополнување: редовно од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: интересен и прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: sketchfu.com

17 ноември 2009

Научете да изработувате оригами

Оригами е древна традиционална јапонска уметност во која не е потребно ништо освен парче хартија, за да се создаде приказ на некој предмет. Притоа се употребува само еден лист без да се сече, лепи и црта на него, туку само се превиткува.

Токму на ова локација и вие можете да научите да изработувате барем неколку оригами во облик на животни кои авторот на сајтот ги објаснил преку видео туторијали. Без никаква потреба од регистрирање или претплаќање на сајтот можете да ги погледнете видеата каде многу умешно е прикажана детална изработка на оригамите, објаснувања за тоа каква хартија ви е потребна, а интересно е тоа што авторот во некои од видеата создава и приказна правејќи го моделот.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: соодветен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.pem.org/sites/origami

09 ноември 2009

Не ги пропуштајте вашите омилени емисии и настани на телевизија каде и да сте

Македонскиот интернет провајдер „Он нет“ во 2008 година го пушти во употреба „Зулу“, сајт кој претставува онлајн сервис за следење на најпопуларните локални македонски телевизиски станици.

Тој обезбедува гледање на 15 македонски станици меѓу кои и новите канали на најдобрите македонски телевизиски куќи, А2, Сител 3 и Канал 5+, кои не можете да ги гледате на вашиот ТВ приемник на кој е поврзана обична стандардна антена. Сите канали ги следите во живо со многу мало задоцнување од неколку секунди, кое не би требало никому да му претставува проблем.

Сајтот моментално е во бета фаза, и гледањето на програмите е бесплатно без никаква потреба од симнување на додатоци или регистрирање за да можете да го употребувате сервисот.

Дополнување: ретко
Брзина: соодветно на брзината на интернетот кој го има корисникот
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, обичен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.zulu.mk

04 ноември 2009

Едукативна програма за вашето дете

Рејлит“ претставува интересен сајт за онлајн едукација за деца на возраст од 3 до 8 години преку специјално дизајнирани видеа и игри. Тој се осврнува на нивно ментално и физичко развивање и претставува преплетувачки баланс на забава и учење, ангажирајќи го секое дете, преку интерактивно, забавно искуство, здраво да се развие.Пријателските ликови во игрите ќе претставуваат водич во секојдневните сесии, што овозможува родителите да можат слободно да се посветат на своите дневни обврски без потреба од надзор врз децата. Ликовите се специјално дизајнирани со посебни гласови и интерактивно комуницираат со децата знаејќи ги нивните потреби и желби и притоа им се обраќаат преку нивните имиња. Преку екстензивно употребување на аудио-визуелни презентации, видео анимации и илустрации во игрите, креаторите се обиделе да допрат до децата за создавање на основни навики, а содржините се секако одобрени од психолози, педагози, учители и од многу родители.

Дневните сесии траат еден час и претставуваат пакет од раскажување приказни, ритмови, прашања и едноставни едукативни игри. Покриваат тематики од полето на аналитичност, пишување и читање англиски јазик, броеви и основна математика, како и широк спектар на други општи науки. Исто така им помага на децата да развијат позитивно однесување и добри навики.

За употреба на дневните сесии потребно е родителот да се регистрира на сајтот и да го наведе своето дете со корисничко име и возрасна група согласно која ќе се определуваат дневните задачи. Преку профилот родителот може да ја следи состојбата на сесиите на неговото дете.

Дополнување: ретко
Брзина: средна
Функционалност: добра
Дизајн: детски
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.raylit.com

30 октомври 2009

Совети за поорганизиран и за поефикасен живот

Овој сајт всушност претставува дневен блог кој обезбедува совети, врски до корисни ресурси и бесплатни софтвери за преземање кои ќе ви помогнат поефикасно и попаметно да ги вршите своите работи и задачи. Блогот е многу наградуван и постојано се наоѓа при врвот на листите за најдобри сајтови од страна на читателите. Тој има и две интернационални изданија и тоа Lifehacker Australia и Lifehacker Japan.

Сајтот покрива програми за оперативните системи виндоус, мекинтош и линукс, со тоа што обезбедува совети и трикови за сите проблеми на кои можете да наидете. Најчесто, тоа се совети како нештата да ги направите побрзо и поефикасно не губејќи си го своето време, но и за тоа како поорганизирано и попрофесионално да ги изведувате работите. Иако главната поделба е токму таа, сајтот не е воопшто ограничен и на него можете да најдете совети дури и за готвење, поефикасно учење, шопинг, патувања и што ли уште не. Советите се најчесто претставени како видео туторијали со дополнително објаснување преку текст. Но, има и вести кои се состојат само од текст, а тие најчесто се пријавени од читателите на сајтот.

Доколку сметате, дека има нешто што вие знаете да го правите и тоа би било интересно за останатите, можете многу лесно истото да го споделите и тоа на следниов начин: се регистрирате на сајтот, потоа на насловната страница во празното поле „сподели“ го внесувате текстот, доколку сакате и сте во можност, прикачувате видео или слика и го испраќате. Потоа администраторите одлучуваат дали е тоа соодветно направено според правилата на веб-сајтот и, доколку е така, ќе биде објавено. Секојдневно излегуваат нови 20 содржини со совети. Многу интересно и олеснително е тоа што доколку веќе имате фејсбук профил нема потреба од додатно регистрирање, истиот можете да го употребите на блогот.

Доколку имате забелешки и прашања до администраторите, слободно можете да стапите во контакт со нив преку имејл или твитер.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: монотон
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.lifehacker.com

27 октомври 2009

Научете преку видео

Видеоџаг“ е интересен сајт чија намена е да ви го поедностави животот и да ви помогне да најдете решение за секојдневните проблеми или пак да станете подобар во правењето на нештата кои ги сакате. Порталот всушност претставува колектор на видео-туторијали за секојдневни работи, од готвење и храна, технологија и коли, убавина и здравје, фамилија и едукација и што ли уште не. Моментално тој содржи повеќе од 60 000 вакви видеа и се надополнува секојдневно.

За полесно пребарување на она што ви е потребно, секое видео е сместено во посебна рубрика, која пак отвара дополнителни подрубрики кои ви овозможуваат без никаква мака да го најдете видеото кое ви треба. Во секој туторијал убаво е објаснет секој аспект кој може да не ви е јасен, а потоа се дадени одлични совети како полесно да направите нешто, а тоа да има одлични резултати.

Во рубриката „прашања и одговори“ слободно можете да поставите прашање или да претставите проблем на кој ви треба решение, на кој останатите читатели или пак администраторите ќе ви одговорат и ќе ви понудат решение. Исто така можете да ја погледнете листата на оние кои имаат поставено видеа и да ја следите нивната работа.

Повеќето видеа се направени од професионалци, но тоа не значи дека и вие самите не можете да прикачите видео, сè што треба е да се регистрирате и да го прикачите видеото, кое пред тоа треба да е соодветно направено според стандардите на сајтот, кои се објаснети преку видео туторијал.

Доколку ви се допаѓаат материјалите што сте ги погледнале, можете да ги оцените со што тие стануваат погледани, а нивните создавачи попопуларни.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.videojug.com

13 октомври 2009

Нов тренд во онлајн споделувањето - „Јаху мим“

Ако блоговите, тамбл-блоговите, сајтовите за споделување фотографии и видеа, оние за микроблогирање, како и сите сервиси кои на различен начин ги комбинираат социјалните медиуми не ни беа доволни, тогаш дефинитивно вистинско време е да го запознаеме „јаху мим“ – сајт за споделување текст, слики, видеа и песни, како и коментирање и препраќање на истите помеѓу корисниците.

Сервисот позајмува по некоја карактеристика од повеќе популарни сајтови, но начинот на кој ги комбинира е уникатен, поради што може да се очекува дека ќе предизвика интерес помеѓу корисниците. Регистрираните корисници можат, благодарение на прегледниот интерфејс, многу едноставно да споделуваат текст или мултимедијални фајлови. Текстот може да стои самостојно или да ги придружува мултимедијалните содржини, може да содржи и линкови, но во секој случај не може да надмине 2000 карактери. Објавените содржини од корисникот се прегледуваат од посебна страница од каде можат директно и да се избришат.

Сите објавени содржини од корисниците се јавни. Ако сакате нешто да чувате само за себе, тогаш ова не е сервис за вас. Доколку сакате да најдете интересни мими поставени од други корисници, тоа ќе можете да го направите од делот Find. Сите мими се јавни, а оние што ќе ги додадете за следење, ќе бидат видливи од едно место, од кое вие директно можете да ги поставувате и на вашиот профил. Ова се постигнува со избирање на опцијата Repost, која е аналогна на опцијата Retweet, која пак е популарна помеѓу микроблогерите. Повеќе пати поставените содржини стануваат попопуларни и добиваат повеќе видливост од останатите. Дополнително, на постовите може и да се коментира.

Сервисот е дел од „јаху“ и за да го користите треба да имате јаху кориснички сметка.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен, едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема (нов)
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, шпански, португалски
Адреса: meme.yahoo.com

02 јуни 2009

Ваша мултимедијална библиотека онлајн

На интернет постојат многу сервиси кои можете да ги користите за наоѓање и споделување на разни видови мултимедијални производи. Повеќето такви ви дозволуваат своите содржини да ги направите достапни за другите или да ги чувате во сопствена онлајн библиотека. Како и да е, дури и најпопуларните сервиси како што се „јутјуб“ или „слајдшеар“ имаат ограничувања кои понекогаш можат да создадат потреба за нешто повеќе и подобро. Ако ви се случило да имате видео кое никако не можете да го стокмите да зафаќа помалку од 100МБ, или такво за кое е многу важно да не изгуби од својот квалитет, или пак едноставно барате една онлајн локација на која сите ваши мултимедијални содржини ќе бидат собрани, регистрирајте се на „скринкаст“.

Скринкаст е сервис кој во суштина е од комерцијална природа, бидејќи за можностите и просторот кој го нуди им наплаќа на професионалните корисниците по без малку 100 долари годишно за простор од 250ГБ. За среќа на сите останати, кои своето членство на сајтот можат да го стекнат преку едноставна регистрација, им овозможува поставување на видеа, слики, презентации и други типови на фајлови, за што на располагање им остава по 2ГБ. Иако сервисот поддржува разни видови на фајлови, сепак најмногу е наменет за чување и споделување на видеа и слики, за кои постои и можност за вградување на други веб-сајтови.

Она што е специфично за овој сервис е дека нуди можност за одредување на нивото на приватност на секој поединечен фајл или пак на група фајлови. Исто така, за користење на сервисот за качување на мултимедијалните дела, можете да се служите и со десктоп апликации кои се достапни за винодус и мекинтош оперативните системи, како всушност и се овозможува поставувањето на фајлови поголеми од 100МБ. На овој начин не сте ограничени во однос на големината на фајловите што сакате да ги чувате и споделувате оналјн, што пак директно влијае на нивниот квалитет.

И конечно, уште една позитивна работа за овој веб-сајт и воедно сервис е тоа што е многу едноставен за користење, за што пак особено помагаат видео туторијалите кои покрај објаснување на начинот на функционирање и користење, вклучуваат и дополнителни едукативни елементи.

Дополнување: од страна на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има (персонализирано)
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.screencast.com

28 мај 2009

Испечете тост од вашиот екран

Доколку сте активни онлајн, односно секојдневно трошите време на консумирање содржини од интернет, веројатно често налетувате на видеоматеријали кои објаснуваат некаков процес или презентираат како се користи некој сервис. Ако вашата активност подразбира и создавање на содржини, тогаш можеби некогаш сте се запрашале како вие да направите таков тип на видеопрезентација. Во ваков случај, можеби сте се посветиле на барање соодветно парче софтвер за таа намена, сте налетале на некој онлајн сервис кој ви дозволува да ја снимате активноста што се одвива во рамките на прелистувачот, или пак на таков кој бара да инсталирате некаков додаток за да се му овозможи ваквата функција на прелистувачот. Како и да сте работеле до сега, доколку не сте занеле за „скринтоустер“, непотребно сте се мачеле.

Скринтоустер е бесплатен веб-базиран снимач на екран, дизајниран за снимање на активноста на екранот, во комбинација со звук и слики од веб-камера во реално време, нивно пакување во вид на видео и можност истото да се објавува на блогови и други веб-сајтови. За да се зачува производот, на корисникот му е потребна регистрација на веб-сајтот. После тоа, снимачот на активноста на екранот може да се користи во целост. Со користење на кратенки од тастатурата, снимањето може да започне точно во моментот кога корисникот е подготвен, а непотребните моменти во текот на снимањето, можат да се избегнат со паузирање, повторно со помош на кратенки. Снимањето може да вклучува или исклучува аудио, а доколку се избере втората опција, подоцна може да се сними нарација. Ова е практично при подготовка на туторијали.

На видеата дополнително може да им се додаваат и титлови. Со цел понатамошно уредување, видеото може да се преземе во формат .mov или експериментално во .swf. Доколку производот не ви треба локално, поставете го на сервисот или директно на „јутјуб“. Ако ја изберете првата варијанта, ќе имате опција да го направите јавно, односно пристапно за сите. Ваквите видеа влегуваат во категоријата „само што испечени, а тие и понатаму ќе бидат пребарливи според категоријата на која и припаѓаат или со директно избирање од архивата. Се на се, многу корисен веб-сајт.

Дополнување: постојано
(од страна на корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.screentoaster.com

22 мај 2009

Онлајн претставување: Која е Минди Мекадамс?

Минди Мекадамс е новинар, професор по новинарство и веб-развивач. Она по што е најмногу позната е нејзината посветеност на онлајн новинарството и застапувањето за комбинирање на мултимедијалните можности со добрите новинарски стории. На универзитетот во Флорида предава онлајн новинарство, има издадено книга со наслов „Флеш новинарство: како да креирате мултимедијални пакети од вести“, која скоро во целост е достапна за читање преку сервисот на Гугл - Гугл Букс, има искуство со истражувачка работа и држење предавања во Малезија и Југоисточна Азија итн.

Од почетната страница на нејзиниот личен веб-сајт, регистриран под име кое всушност е нејзиното име и презиме, можете да прелетате кон страницата со нејзината биографија, кон книгата на Амазон, другите веб-сајтови зад кои таа стои, но најважно, до нејзиниот блог.

Блогот е едноставен, прегледен и богат со содржини од кои може многу да се научи на темата. Помеѓу сеопфатните постови во кои се разработуваат конкретни теми, можете да ги прочитате: како да снимате видео, почнете да обработувате аудио, слушајте поткасти, научете како да сликате пристојни фотографии, научете како да кратите, нијансирате и оптимизирате фотографии итн.

Ако сте новинар кој предизвикот во својата работа го гледа во онлајн новинарството, студент по новинарство подготвен да ја вклучи технологијата како дел од својата идна професија, блогер или друг профил на личност со ентузијазам за мултимедијално изразување онлајн, блогот на Минди Мекадамс, не го прескокнувајте. Уште подобро, посетете го денес. Којзнае, можеби ќе биде инспирација за вашата нова онлајн редакција.

Дополнување: од време на време
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: mindymcadams.com

20 мај 2009

Поздравете ги вашите Твитер следачи со „Баблтвит“

Што ако текстот и линковите кои ги поставувате на вашиот твитер профил, едноставно не се доволни за она што сакате да го кажете? Понекогаш, потребна е динамика и движење за да се долови некое чувство, расположение или само за да се засили ефектот на кажаното. Ако сте активен корисник на „твитер“ и сакате да експериментирате со други сервиси кои го дополнуваат, време е да го посетите „баблтвит“ – сервис кој овозможува креирање и поставување на кратки видео содржини на вашата твитер страница.

Сервисот овозможува креирање на кратки видеа, во времетраење од 30 секунди, со цел истите да се појавуваат на вашиот твитер профил. Притоа, видеото нема да се пушта секогаш кога корисниците ќе го посетат вашиот профил. Видеата добиваат свое УРЛ кое може да се пушти како стандарден твит, со што ќе ги повикате оние кои ве следат да видат што директно имате да им кажете.

Сервисот можете да го користите за да кажувате работи кои вие мислите дека треба да ги споделите на тој начин. Нови бабл-твитови можете да креирате онолку често колку што сметате дека има потреба, а најмногу 3 пати на ден. Пратете им поздрав, кажете им нешто важно или нешто интересно и занимливо, - вашата креативност е во прашање. Видео пораките креирани со баблтвит се појавуваат на скромен дел од страницата во вид на меурче, кое по репродукцијата, симпатично пука и се губи.

За креирање на бабл-твитови, нема потреба од претходна регистрација, туку само внесување на личното твитер име и секако, камера и микрофон, како неопходна техничка опрема за реализација на минијатурниот производ.

Дополнување: од страна
на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: скоро нема
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.bubbletweet.com

18 мај 2009

„Твајн“ - паметен начин за следење на вашите интереси

Како се зголемува бројот и видот на информации до кои секојдневно добиваме пристап преку интернет, како и можноста секој да учествува во нивното создавање и споделување, така се повеќе неизбежна станува потребата за изнаоѓање на практични начини за нивно консумирање. Гладните за информации, интернет корисници, треба да се борат со потребата за она што сакаат да го пристапат и времето кое за вакви онлајн активности им стои на располагање.

Една паметна варијанта која ќе ви помогне да ги следите и забележувате содржините кои вам ве интересираат, како и да ги споделувате со други интернет корисници кои ги делат вашите интереси, претставува сервисот „Твајн“. Некои велат дека тоа е сервис кој ги сретнува „Википедија“ и „Твитер“ на пола пат. Го споредуваат и со „Делишс“ и со разни други сервиси. Сепак твајн е нешто помеѓу сите нив.

Со твајн, можете да собирате онлајн содржини: видеа, фотографии, стории, веб-страници, документи и други продукти, на едно место, групирани според тема, објаснети со клучни зборови, со цел да бидат организирани на начин кој ќе ви овозможи практичен пристап до нив.

Благодарение на тоа што преставува апликација која ја разбира семантиката, твајн ве запознава додека го користите и врз основа на тоа ве поврзува со луѓе и содржини кои би ве интересирале. Колку повеќе информации ставите во вашиот профил, толку попрецизни препораки ќе добивате. Колку повеќе го користите сервисот, толку повеќе тој ќе ви служи.

Концептот на твајн делува сложено, но истовремено примамува на користење. Одличен е, покрај за чување и споделување на содржини, и за истражување според дадена област. Можноста за поврзување со твитер, го прави уште пофункционален. Користејќи го твајн, можете да твитате за се што ви изгледа корисно и интересно, без да го повикате твитер посебно во прелистувачот, истовремено создавајќи архива која ќе ги задоволи вашите пребарувачки потреби во иднина.

Дополнување: многу често
(од страна на корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.twine.com

21 април 2009

Напредна онлајн видео монтажа

Онлајн сервисите за креирање и обработка на видео содржини, се ретки и уште поретко квалитетни, функционални и сеопфатни. Помеѓу сите нив, Јаху сервисот Џампкат е веројатно најдобар.

Се работи за бесплатен софтвер кој овозможува директно поставување на видео клипови, аудио фајлови и слики од компјутерот на секој регистриран корисник. Дополнително, можат да се импортираат слики од Фејсбук и Фликр, како и да се користат мултимедијални содржини од сопствената галерија на сервисот, кон која допринесуваат корисниците. Откако сите елементи ќе се импортираат, Џампкат самиот прави видео, кое потоа корисниците можат да го обработуваат. Сегментите се преместуваат со влечење, можат да се додаваат ефекти, транзиции, нарации, песни и титлови. Дури возможно е користење и на неколку кратенки од тастатурата.

На крајот видеото се зачувува, како приватно или јавно креативно дело. Постојат неколку опции за инстантно споделување со пријателите. Со џампкат се прават оригинални видеа, но и се ремиксуваат видеата на други џампкат корисници, со што ова е повеќе од обичен сервис за онлајн креирање на видеа - џампкат е заедница во која креирањето на нови и јавното споделување на изработените дела е подеднакво прифатливо.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: многу солидна
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.jumpcut.com

13 февруари 2009

Миро - за бесплатни интернет видео канали

Миро е апликација за гледање интернет видео канали, поточно видео поткасти и РСС видео. По преземањето и инсталацијата, Миро се користи независно од интернет прелистувачот. Овозможува преглед и преземање на видео содржини од илјадници различни канали, чиј број секојдневно се зголемува.

За разлика од сајтовите за гледање онлајн видеа како Јутјуб, Миро нуди високо квалитетни видеа кои пријатно изгледаат и кога се гледаат на цел екран. Исто така, се разликува и начинот на кој Миро функционира, најпрво ги презема видеата локално, а дури потоа може да се започне со нивна репродукција. Заради ова пак, видеата никогаш нема да се мачат додека се репродуцираат. Тие се симнуваат на компјутерот на корисникот, но бидејќи зафаќаат место, автоматски се бришат за неколку дена. За видеата кои сакате трајно да ги зачувате, постои опција која го овозможува ова. Запишување за преглед на содржини од нови канали, пребарување според клучни зборови, организирање во папки, автоматско преземање на омилените видеа итн. се дел од карактеристиките на овој софтвер, кои не само што го разликуваат од останатите онлајн сервиси, туку и го прават особено практичен.

Миро е софтвер со слободен код, достапен за сите оперативни системи. Тоа значи дека сите имаат еднаква можност да го користат, како и да придонесуваат во неговиот понатамошен развој. Достапен е на многу јазици, но не и на македонски, па доколку има ентузијасти, ги охрабруваме да се приклучат во работата за понатамошен развој, усовршување и поголема јазична достапност.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: средна
Пребарувач: има (плеер)
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски, албански,
бугарски, француски, германски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.getmiro.com