23 април 2007

Picture-perfect-ville

[лекториран]

Во превод името на сајтот Picture-perfect-ville означува „место на совршена слика“. Неговата цел е да презентира квалитетни музички спотови и познати режисери на музички спотови.

Привлечноста ја гради и со презентирање дела што биле цензурирани или се и ретки, оти во морето содржини на Интернет, корисниците знаат да ценат кога некој со добра уредувачка политика ги води до дела што одговараат на нивниот индивидуален сензибилитет.

Авторка на блогов е мистериозната и исклучително пристојна и добро воспитана госпоѓица Елена. Таа е од Скопје, но веб-сајтот е наменет за глобална публика.

Посетителите може да придонесат преку коментари, а се привлекуваат и со користење низа блогерски алатки што ги има во блогролот. Пристапот до содржините е според тертипот на веб-два-нула: повеќето спотови се на „Ју тјуб“. Покрај тоа, авторката дејствува проактивно во промоцијата на блогот. Така на пример, овој напис е резултат на нејзината пријава поднесена преку коментар на блогот на рубрикава.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ (блогер)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10 (тазе сајт)
Јазик: англиски
Адреса: pictureperfectville.blogspot.com

18 април 2007

Блогот Лолита

[лекториран]

Блогот Лолита го препорачува писателот Алекс Букарски, кој неговата авторка ја смета за една од најпродуктивните македонски блогерки што пишуваат љубовна поезија.

Букарски вели: „Кога долго висам на Интернет потајно во себе знам дека нешто страшно ми фали во животот. Кога ќе кликнам на блогот Лолита и кога ќе ја видам целата фанатична посветеност на поезија, дознавам што точно е тоа“.

Содржините опфаќаат текстови потпишани од авторката Наташа Георгиевска, но и преводи или извадоци од дела на други поети и писатели, како и пренесени делови од интервјуа и линкови до уметнички веб-сајтови.

Она што би можело да се поправи од дизајнерски аспект е воедначеноста на заднината и поставеноста на колоните со текст, кои понекогаш „бегаат“ од нивната основна положба. За визуелниот идентитет е исто така важна конзистентноста при употреба на фонтовите.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП (друпал)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазици: македонски и[ли] англиски
Адреса: lolita.blog.com.mk

17 април 2007

Бозаџилницата „Вефа“ од Истанбул

[лекториран]

„Вефа“ е најпознатата, а можеби и единствена бозаџилница во Истанбул. Основана е во 1876 година од Албанецот Хаџи Садик Беј, а до денешен ден ја водат неговите потомци.

Иако се трудат да ја продолжат традицијата, особено преку автентичната атмосфера во локалот, фирмата функционира целосно врз модерна основа. Така, на пример, го имаат ангажирано Турскиот научно-технолошки институт да изврши научна анализа на нивната боза и се придржуваат до највисоките европски стандарди на работење во прехранбената индустрија.

Веб-сајтот нуди информации за фирмата и самата боза. Таа е различна од онаа што се нуди во Македонија, но сепак е легенда сама по себе. Повеќето Турци (од Турција) се сеќаваат на времето кога во зима бозаџиите оделе по сокаци и ја рекламирале бозата, па им треба потсетување на овој елемент на секојдневјето.

Употребата на некои анимации во флеш на веб-сајтов не е неопходна. Тука особено спаѓаат интрото и сликите што „се вртат“ во рамките на посебните страници. Далеку е подобро наместо интро да се прикаже директно текстуалната содржина - за да имаат машините за пребарување што да индексираат. Наместо анимирано слајдшоу, поефективно би било поставување галерија со описи на сликите што би биле достапни преку пермалинк да може да се користат како референци на други сајтови.


Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: Флеш и ХТМЛ
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: само на насловна
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Јазици: турски и англиски
Адреса: www.vefa.com.tr

16 април 2007

Д Резидент - блескав пример на видеошоу на Интернет

[лекториран]

„Д Резидент“ е неделно ток-шоу што се прикажува на јавната кабелска телевизија на Менхетн, нејзиниот веб-сајт, како и негови посебни канали на „Ју тјуб“ и „Јаху видео“. Програмата се состои од интервјуирање минувачи на улица, класични интервјуа со избрани гости и влогови (постови на видеоблог).

Продуцентка и водителка е Лори Харфенист, чија еклектична кариера се движи помеѓу разни медиуми, од електронски до текстуални и обратно.

Портфолио од видеоклипови на разно-разни теми може да се најде на самиот веб-сајт во форматот квик-тајм. Но она што навистина овозможува проширување на контактот со публиката е искористувањето на сервисите од класата на веб-два нула, како гореспоменатите видео-сајтови, но и Мај-спејс. Но тоа би било безвредно без главниот фактор на нејзиниот успех - комбинирањето на интелигентна анализа на актуелни теми со хумор и огромна доза шарм.


Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: комбиниран
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: посредни
Гугл-ранг: 6/10
Јазици: англиски
Адреса: www.theresident.net

10 април 2007

Кајмакот – македонски Диг (конечно!)

[лекториран]

Кајмакот е интерактивен интернет-сервис, кој содржи врски до интересни сајтови, кои „испливуваат на површина“ на насловната страница со гласање на посетителите.

Со едноставна и брза регистрација посетителите може да поставуваат линкови до статии кои им се интересни и да гласаат за веќе пријавените. Оние статии со доволен број на гласови од сите регистрирани корисници автоматски стануваат популарни и се појавуваат на насловната страница.

Кајмакот е оригинална апликација направена од членовите на заедницата за слободен софтвер – Васко Авукатов и Георги Станојевски.

Овој сервис за социјално вмрежување работи на слични принципи како глобално и регионално популарните Диг, Редит, хрватскиот Два нула и босанскиот Кртица, акцентот е за статии на македонски јазик и од македонски автори.


Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП Python/Django
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10 (ептен тазе)
Јазици: македонски
Адреса: kajmakot.softver.org.mk