29 април 2011

Корисни информации за авантуристи кои патуваат низ Европа

Доколку спаѓате во групата луѓе кои се авантуристи и сакаат да патуваат со својот ранец низ Европа, тогаш „Врвниот водич за туристи низ Европа” е наменет токму за оние како вас. Тука ќе најдете информации за превозот во земјите низ Европа, популарните дестинации, рецензии на хостели, како и форум со дискусии за прашања поврзани со патувањето во различни земји.
Веб-сајт за авантуристи
Во делот кој се однесува на превозот, понудени се информации за сите видови превоз кои ви се достапни, како: евтини авионски карти, превоз со автобус, возење, планинарење, железнички линии или возни билети. Во делот, пак, за рецензии на хостели, може да видите некои хостели кои постојат во градот каде одите, адреса и контакт, но и да прочитате коментари и искуства од оние кои веќе го посетиле.

Освен интересните податоци кои може да ви се најдат, на пример, која е минималната возраст за да изнајмите автомобил во одредена земја, какви се сообраќајни правила, информации за паркинзи и обезбедување гориво, „Врвниот водич за туристи низ Европа” содржи врски до други корисни сајтови или провајдери на услуги во други земји со што дополнително ви ја олеснува работата.

Доколку сакате да се информирате за дестинации надвор од Европа, „Врвниот водич за туристи низ Европа” ве пренасочува на некоја од неговите регионални страници кои се однесуваат на местото кој ве интересира.

Ако сè уште не сте се одлучиле за следното патување, посетете го овој сајт и најдете ја вашата дестинација.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  5/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.bugeurope.com

27 април 2011

Лоцирајте корисни интернет-алатки брзо и едноставно

На веб-сајтот „Ајтулс“ можете да најдете различни интернет алатки кои често се  користат во секојдневното работење, како на пример: веб-пребарувачи, речници, конвертор на парични единици и сл. Со цел да го намали потребното време за наоѓање на секоја од овие алатки поединечно и на тој начин да ни го олесни работењето, овој сајт ги нуди сите нив на едно место.
Веб-сајт со корисни интернет алатки
Алатките се поделени во неколку поголеми категории: „Информации“, „Јазик“, „Медиуми“, „Интернет“ и „Пари“. Секоја од овие категории содржи соодветни поткатегории, кои пак ги содржат конкретните алатки. Така на пример, ако од категоријата „Јазик“ ја изберете подкатегоријата „Речник“, сервисот ќе ве пренасочи кон страница на која се наоѓаат сите веб-речници кои ги предлага овој сервис: Гугл речник, Урбан речник, Вики речник итн. На оваа страница се прикажува првата алатка од листата и истата можете веднаш да ја користите. Останатите се набројани под неа.

За секоја алатка, откако ќе ја изберете, веднаш под името е претставен и краток опис.

На почетната страница, под главните категории, можете да ги видите најновите и најпопуларни алатки на веб-сајтот.

Ве оставаме да го пребарате сајтот и да си ги лоцирате алатките кои сметате дека ќе ви користат. Интернетот нуди голем број алатки за олеснување на работењето за кои не сме ни свесни.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 8/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: itools.com

21 април 2011

Во чекор со најновите трендови во внатрешното уредување

Трендир” е веб-сајт каде постојано се објавуваат најновите вести за производи и трендови поврзани со внатрешното уредување на домот. Доколку сакате да ги следите најновите случувања и иновации на ова поле, „Трендир” ви овозможува да бидете чекор понапред.
Веб-сајт со најновите вести за внатрешно уредување на домот
„Трендир” е корисен за оние кои го уредуваат својот нов стан, реновираат или можеби бараат идеја за уредување на својот дом. Секако, вашата реакција ќе биде „О боже!” кога ќе ги видите сите иновативни и авангардни дизајни.

Статиите можете да ги разгледувате од главното мени каде се поделени во категориите: дизајн на куќи, ентериери, ултрамодерни, апарати за домаќинство, вечери и забави, домашна автоматизација, модерни дворови и идеи за дизајн.

Исто така, од десната страна на страницата, истите статии се категоризирани поконкретно, па така, може да разгледувате само статии кои се однесуваат на мебел за бањата, туш кабини, плакари и гардеробери, масички за телевизор итн.

Иако можеби не сте во можност да набавите некои од производите на нашиот пазар, „Трендир” сигурно ќе ви послужи да добиете инспирација.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.trendir.com

19 април 2011

Проверете ја брзината на вашата интернет конекција

Сигурно некогаш ви се случува да забележите дека имате проблеми со брзината на вашата интернет конекција. Со сервисот „Спидтест“ можете многу брзо и едноставно да ја проверите. Истовремено може да споредите дали вашиот интернет провајдер ви ја обезбедува ветената брзина.
Веб-сајт кој овозможува да ја проверите брзината на вашата интернет конекција
Единствено што треба да направите е да ја изберете опцијата „Begin test“. Сервисот ќе ве лоцира според вашата IP адреса и веднаш ќе ја измери брзината на вашата интернет конекција, односно брзината за качување и симнување на содржини. Добиените резултати, преку графичкиот приказ, ќе може да ги споредите со просечните резултати со кои располага сервисот или пак да ги споделите со вашите пријатели на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер.

Доколку ја искористите можноста да се регистрирате бесплатно, ќе добиете неколку дополнителни услуги, како на пример: пристап до сите претходни резултати и нивно уредување од различни компјутери.

Како регистриран корисник, може да ја користите и опцијата „Speed wave“ која им овозможува на корисниците меѓусебно да се натпреваруваат со резултатите од нивните мерења. И ова претставува интересна можност за споредување на вашата брзина со брзината на останатите корисници.

Сервисот е достапен и за корисниците на Андроид-базираните мобилни телефони.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.speedtest.net

15 април 2011

Разменете ги вашите идеи и добијте инспирација

Размена на идеи“ е сајт на кој нема да поминете повеќе од 10 минути. Сајтот претставува социјален експеримент на креативците од Хајпер Ајленд - училиштето за дигитален маркетинг во Шведска. Целта на сајтот е да послужи за размена на идеи помеѓу луѓето. Па така, сè што треба да направите е да напишете некоја ваша стара идеја или цел, на пример „Да го посетам Лондон“ или „Да направам столче од рециклирана хартија“ и да го стиснете копчето за размена. За возврат, ќе добиете нечија туѓа идеја. Процесот може да го продолжите додека не наидете на идеја која навистина ви се допаѓа.
Веб-сајт за размена на идеи
Замислата е да ги искористите идеите кои не сте ги употребиле и да ги размените со идеите на другите луѓе кои патем може да ви се најдат корисни. Процесот може да биде барем малку инспиративен, па затоа ви препорачуваме да пробате.

Ако не друго, посетете го овој сајт заради неговата иновативна идеја. Можеби ќе ве поттикне конечно да го фрлите стариот мебел, да посвоите милениче, да дадете отказ, да изградите спејс шатл и да го прошетате светот.

Дополнување: непознато
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 3/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.theideaswap.com

14 април 2011

Светските рецепти на едно место

Колекцијата на светски домашни рецепти“ е сајт на кој ќе најдете рецепти за храна од целиот свет. Рецептите ги собрале Лора Лав и Сторм Вајлдер уште во 1993 година кога пишувале готвач. Базата содржи над 3000 рецепти од целиот свет и продолжува да расте.
Веб-сајт со колекција на светски домашни рецепти
Рецептите може да ги разгледувате по категории, по земјата од која потекнуваат, но и по азбучен ред според името на рецептот. Секако, може да пребарувате и според состојки. На пример, доколку внесете одредена состојка, како „јагоди“ во пребарувачот, тој за вас ги наоѓа рецептите кои го содржат овој збор.

На дното на рецептите има рејтинг кој ги претставува оценките на корисниците за конкретниот рецепт во однос на едноставноста при приготвувањето, брзината и целокупното задоволство.
Нека не ве залажува застарениот дизајн на „Колекцијата на светски домашни рецепти“ бидејќи овој сајт има што да понуди. Сега е навистина лесно да си подготвите белгиски мус од јагоди или пилешко со брокула во сос од јогурт и кари на индиски начин.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  5/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: recipes.wuzzle.org

13 април 2011

Испратете ѝ порака на иднината

Како би се чувствувале доколку на некој иден датум добиете електронска порака испратена од самите вас, но од минатото? Морничаво, интересно, забавно...? Сајтот „Futureme“ овозможува да ѝ се обратите на својата иднина, односно на личноста во која сметате дека ќе прераснете, со испраќање електронска порака која ќе ви стигне на вашата имејл адреса на датумот којшто вие ќе го одредите.
Веб-сајт со кој можете да ѝ ипратите порака на вашата иднина
Така, на овој начин може да размислите за тоа што навистина сакате да станете или за конкретни работи кои сакате да ги направите во иднина, а со добивање на самата порака да се потсетите и да споредите дали тие навистина се оствариле. Пораката може да ви послужи како инспирација, како алатка со која ќе може да го споредите вашето минато со сегашноста или пак добар начин да си приредите изненадување на самите себеси (како на пример, со испраќање порака за вашиот следен роденден). Самиот слоган на сајтот е дека мемориите се помалку точни од електронските пораки.


Пораките можете да ги испратите како приватни или, ако сакате да ги споделите со другите корисници на „Futureme“, како јавни, но анонимни. Значи, на сајтот можете и да прочитате пораки кои другите корисници си ги имаат праќано на себеси.

Сервисот можете да го користите без да се регистрирате, но со регистрацијата добивате дополнителни можности како: преглед на сите испратени пораки, нивно уредување и бришење и сл. Најдобро е да користите лична имејл адреса, зашто таа ќе биде онаа на која ќе ви стигне вашата „порака од минатото“.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: futureme.org

11 април 2011

Започнете го денот со позитивна мисла

На секој од нас сигурно добро би ни дошло, повремено, да слушнеме по некоја позитивна мисла која би нè оттргнала од секојдневните проблеми и би нè потсетила на вистинските животни вредности. Веб-сајтот „Оптимизам“ токму тоа и се обидува да го постигне: нуди мисли, цитати, приказни кои ја истакнуваат позитивната страна на нештата.
Веб-сајт со позитивни мисли, цитати, приказни...
Самиот слоган на сајтот е: „Сакајте! Смејте се! Живејте!“. Така, тука ќе најдете инспирирачки мисли на тема: љубов, добрина, живот, знаење, пријателство... Дел од нив се мисли од познати писатели, како на пример оваа од Балзак: „Добрината што ги соединува две суштества во едно е толку ретка, колку што е ретка и вистинската љубов. И едното и другото е раскош што си го дозволуваат само убавите души“.  Интересни се и поучните приказни и цитати од дела на автори кои се занимаваат со оваа тематика, како Антони де Мело, Калил Џибран и Габриел Гарсија Маркез.

Освен текстуални содржини, во делот „Галерија“ може да најдете слики и видеосодржини поврзани со овие области. Сајтот може да го следите и на Фејсбук.

И за крај, еве уште една мисла од многуте на сајтот: „За да бидеш среќен не значи дека треба сè да ти е совршено. Потребно е само да одлучиш да погледнеш надвор од несовршеноста“.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.optimizam.mk

04 април 2011

Урбаниот стил на Скопје

Скопје Урбан Стил“ е нов сајт кој функционира од 2011 година. Содржината која ќе ја најдете тука е скроена за оние кои сакаат да погледнат добра стрит и урбана мода.
Сајт со фотографии од луѓе кои ја следат стрит и урбаната мода
Сајтот фунционира на тој начин што секојдневно се објавуваат фотографии од модерни луѓе во Скопје, кои се одликуваат со индивидуална креативност, кои ги следат најновите трендови и урбаниот стил. Ликовите се индивидуи затечени од објективот на авторите некаде низ скопските улици.

Со отворање на сликите може да прочитате кратки информации за личностите на сликите, како нивното име, возраст, висина, омилени марки, да оставите коментар и да гласате за нивната модна комбинација.

Сликите можете да ги разгледувате и по категории како: познати личности, жени, мажи, во пар, ноќна смена, подвижни додатоци, и урбан стил. Исто така, не пропуштајте да ги прочитате малите модни филозофии на влијателните имиња од светската модна сцена кои ќе ве пречекаат на почетната страница.

„Скопје Урбан Стил“ може да го следите на Фејсбук и Твитер.
   
Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг:  нема
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.skopjeurbanstyle.com