24 јануари 2005

Воајерски ТВ-маратон „Тоа сум јас“

[лекториран]

Иако изгледа дека тековната „од Вардара па до Триглава“ варијанта на телевизиската серија „Тоа сум јас" трае со децении, таа всушност почна пред само неколку месеци. За жал, нивниот веб-сајт изгледа дека не е дополнет со нови информации токму од тогаш, презентирајќи само податоци за учесниците на принцип на „лична карта“. Со ова ја пропуштаат можноста да го искористат потенцијалот на Интернет не само за популаризација, туку и за зголемена заработка.

Ова е еден од ретките сајтови што имаат развиено начин да ги наплатува своите услуги - посетителите што сакаат да ги гледаат натпреварувачите „во живо“ треба да платат преку праќање СМС до Мобимак, со што од сметката им се одземаат 25 денари, а добиваат пристап во „затворениот" дел на сајтот, кој им важи 24 часа.

Доколку обидот за зголемување на гледаноста од пред некоја полноќ го пренесат на веб, на пример со објавување галерија од покажаните порнографски содржини од жанрот „воајеризам“ (голи учесници како се облекуваат или се капат) интересот за сајтов може драстично да порасне секаде каде што има бившојугословенски сеирџии и слични.

Незаинтересираноста на продуцентите за активност преку Интернет се гледа и во тоа што не сакале да инвестираат во превод на јазиците на народите што ја гледаат серијата (македонски, српски, босански, хрватски, словенечки и албански – претставени во логото) овозможувајќи остварување поблизок контакт со гледачите, туку, во духот на колонијалниот менталитет, целиот текст на веб-сајтот е предаден на англиски.

Ефективноста на сајтов ја намалува и искажаната незаинтересираност за основните принципи на добар веб-дизајн, пред се оптимизацијата. Дури и сликичките со минијатурни димензии се со значителна тежина, а поголемите верзии од галериите се навистина огромни (неколку стотици килобајти). Со ова сајтов се вбројува во редот на најбавните македонски сајтови, дури и при пристапување со АДСЛ, оти е побавен од сајтот на Бојана, но е побрз од оној на претседателот.

Дополнување: непознато
Брзина: пребавно
Функционалност: слаба
Код: ХТМЛ, Флеш
Дизајн: рамковен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазици: само англиски
Адреса: www.toasumjas.com.mk

22 јануари 2005

Бојана, ах Бојана

[лекториран]

Бојана Атанасовска е една од најперспективните пејачки на македонската сцена и би било штета нејзиното присуство на веб да не биде на ниво на нејзиниот висок потенцијал и како пејачка и како фотомоделка. Арно ама...

Користењето метафори при дизајнирање веб-сајтови, според гуруто на употребливоста Јакоб Нилсен, „ги поттикнува дизајнерите да се прават премногу паметни и да го одвлечат сајтот во насока што им се чини смешна и соодветна во рамките на метафората, запоставувајќи ги потребите на корисниците“. Во случајов е користена шема за метафората на роковник/органајзер, иако според содржините изгледа дека имале намера тоа да биде некој вид споменар.

Првиот впечаток го создава бавноста на вчитување на помодниот флеш и нелекторираноста на сајтот, со банални печатни грешки како „преВземи“ наместо „преземи“. Тој е дополнет со штуроста на поставените информации, кои се сведуваат на воведна реч од Бојана, мала галерија на слики и недовршен дел за симнување мултимедијални содржини во кој зјаат празни линкови, кои допрва треба да се направат. Капак е неможноста да се прекине верглањето на заднинската музика, која продолжува дури и ако не се пушти видеото, со што се добива немелодичен микс, додека не завршат сами од себе.

На сајтот недостигаат, пред се, новостите и најавите за активностите на Бојана, за кои воопшто не е ни предвиден простор во „роковникот“. Поразително е што на официјалниот има помалку информации за личноста од на пример... на Музика.нет и помалку и послаби фотографии од само еден напис во Форум ( бр. 138) - кои се меѓу првите што се појавуваат доколку се внесе „Бојана Атанасовска“ на Гугл.


Дополнување: непознато
Брзина: бавно
Функционалност: слаба
Код: Флеш
Дизајн: флешерски
Интерно пребарување: нема
Клучни зборови: нема
Навигација: минимална
Гугл-ранг: 0/10 (нов сајт)
Јавен бројач: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.bojana.com.mk