Се прикажуваат објави со етикета форум. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета форум. Прикажи ги сите објави

12 март 2010

За сите студенти...

Веб-сајтот „Факс“ претставува збиралиште за сите студенти од земјава, без разлика дали студираат на некој од државните или приватните универзитети. Токму тука сите ќ можат да отвораат и да водат дискусии на теми кои се од нивни интерес, да се информираат за случувањата околу нив или пак да им дадат оценки на своите професори за работата која тие ја вршат.

За користење на сајтот потребно е да се регистрирате преку стандардна постапка, отворајќи свој кориснички профил и оставајќи неколку податоци за себе. Откако ќе се регистрирате, ќе имате можност да го пронајдете професорот за кој сакате да дадете оценка или пак, доколку го нема во листата, ќе можете сами да го додадете со внесување на неколку податоци поврзани со него. Оценувањето на професорот се врши според неколку основи, помеѓу кои се: објективност, јасност, карактер и знаење. Исто така, ќе бидете во можност да додадете универзитет, во кој ќе можат да членуваат студентите од истиот.

Форумот на сајтот овозможува влегување во дискусии заради желбата за споделување, како и за добивање на повратни информации од останатите колеги ширум земјата, а темите можат да бидат разнообразни. На сајтот се отворени и студентски огласи во кој студентите можат бесплатно да додадат оглас, вметнувајќи го во категоријата соодветна или на услугата или на доброто кое се нуди.

Од сајтот исто така можете да дознаете повеќе за студентските домови во Македонија и за условите кои тие ги нудат.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: интересен
Навигација: средна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: www.faks.com mk

14 јануари 2010

За љубителите на фотографијата

„Фотограф“ е онлајн магазин за љубителите на добрата фотографија и фотографирањето како процес и како уметност. Според досега достапните содржини може да се заклучи дека се работи за нов веб-сајт во развој, кој ветува и како концепт и како содржина.

Концептот на сајтот е специфичен бидејќи, за разлика од повеќето сајтови од овој тип кои се наменети за напредна група на фотографи, овој им овозможува и на тоталните почетници да научат некои основни техники на фотографирањето. Покрај техниките за почетниците и за напредните корисници, на сајтот можат да се прочитаат упатства за правење на фотографска опрема во домашни услови, тестови за апарати и интервјуа со познати и креативни фотографи, како и да се гледаат галерии заради инспирација и мотивација.

Фотограф можете да го посетувате редовно или повремено во интервали кои ви одговараат, но за посистематизирано добивање на најинтересните и најпопуларните статии во вид на неделник, можете да се регистрирате преку имејл. Корисни информации можат да се најдат и на форумот, по огласите и во секцијата за натпреварите кои се моментално актуелни кај нас и во светот.

Зад проектот стојат неколку онлајн ентузијасти од Македонија чија цел е да постигнат, пред сè, квалитет во содржините, но и квантитет, како и презентација и ширење на фотографијата на македонското поднебје. Тие работат волонтерски што му додава дополнителна вредност на производот.

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: пристоен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: fotograf.mk

16 октомври 2009

Деветтата уметност кај нас најактивна до сега

За сите скептици кои не веруваат дека кај нас постои стрип-сцена, група од нашите најдобри илустратори, сликари, сценаристи и аниматори, покрај секојдневните обврски, сепак пронаоѓаат време за повторното оживување на деветта уметност на нашите простори. Во недостаток на сериозен и соодветен македонски издавач на стрипови, тие се главни виновници за појавувањето на токму овој веб-сајт, кој овозможува сите љубители заедно да создадат подобро утро за нивната најголема пасија.

Сајтот е многу едноставен и симпатичен, а истовремено доста сериозен и амбициозен проект. Овозможува убаво да се запознаете со моменталната активна група која работи на ова поле, да ја погледнете нивната работа, па дури и да стапите во контакт со нив.

Како главен дел од сајтот, мора да се посочи, е форумот, кој редовно се дополнува од модераторите и членовите кои претходно мораат да се регистрираат. Посетителите на форумот можат да наидат на голем број на илустрации, анимации, стрип актуелности, дуели помеѓу стрип-уметниците и многу други интересни постови кои ќе ве забавуваат, насмеат, инспирираат, па дури и ќе ве подучат. На некој начин, овој сајт може да ви послужи и за своја промоција и да ви претставува отскочна даска доколку сакате да станете дел од македонскиот стрип-округ.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен и симпатичен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.makstrip.com.mk

24 април 2009

Debagiraj.com - информатички портал за секого

„Бидете дел од информатичка Македонија“ е слоганот на уште еден македонски ИТ ориентиран портал, кој неодамна зафати дел од вебот под доменот debagiraj.com. Она што го разликува овој портал од останатите е самиот концепт и начинот на кој се презентирани содржините. Почетната страница изобилува со разни кратки содржини кои претставуваат врски до целосни вести, рецензии и лекции.

Сите овие категории на содржини се групирани во поткатегории, а пристапувајќи до целосната верзија на содржините, може да се види нивниот автор и датумот на објавување, што е секако позитивна карактеристика.

Сајтот има и видео секција, како и форум каде членовите можат да коментираат на разни теми од областа.

Забележливо е дека се работи за релативно нов веб-производ кој се уште се пробива помеѓу веќе докажаните. Во иднина, од ваков сајт би можело да се очекува поголема исполнетост со разновидни содржини, збогатување на видот на содржини и ритамот на нивното објавување, а би било позитивно и доколку се изнајде решение за пресечените наслови на почетната страница, со оглед на тоа што ова е нешто што директно го гради општиот впечаток на посетителите за сајтот.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Дизајн: класичен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: www.debagiraj.com

16 февруари 2009

Гевгелија онлајн

Следејќи го трендот на останатите градови, и Гевгелија доби свое онлајн претставување. Дизајниран како типичен портал, со многу различни содржини, од кои некои имаат повеќе, а некои помалку врска со градот, тој делува прифатлив за поширока публика, иако пред се, е наменет за гевгелиската. Бидејќи веројатно се работи за нов производ, категориите се празни или полупразни, но видови содржини има најразновидни. Вести, рецепти, огласи за работа, куќи, викендички, услуги компјутери, продажба на одредени производи и многу повеќе се дел од содржините на порталот.

Тој располага со сопствен форум на кој зачленетите си разменуваат пораки. Во содржините можат да допринесуваат и самите посетители, особено во делот кој се однесува на размена на огласи, рецепти и сл.

Еден вознемирувачки момент претставува лебдечкиот банер на кој е поставено името на дизајнерот во вид на врска до неговата работа, и кој по исклучувањето, повторно се појавува при секое вчитување на страната. Себепромоцијата во вакви случаи е оправдана, но сепак, постојат повкусни начини за тоа, кои не би им пречеле на посетителите во прегледувањето на содржините на сајтот.

Во секој случај, браво за иницијативата и би било убаво и останатите градови, кои се уште не се претставени онлајн, да го следат ваквиот пример и да го збогатат македонскиот веб простор со веб-сајтови од ваква природа.

Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: соодветен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: gvg.com.mk

26 март 2008

Архива на слободен софтвер

Оупен сорс ливинг е спонтано настанат проект на еден блогер кој целата работа ја започнал од обична листа на линкови која подоцна прераснува во сајт со архива на најдобрите програми со отворен код.

Сајтот изгледа чисто и едноставно. Секој посетител може да се насочи кон некоја од десетте понудени категории и со тоа да ја започне потрагата по софтверот кој му е потребен. Имињата на програмите се придружени со краток опис за нивната намена, а во продолжение следуваат линкови кои носат до страниците од кои тие можат да се преземаат.

Во рамките на сајтот постои форум на кој посетителите разменуваат искуства и идеи, чија крајна цел е да се придонесе во збогатувањето на архивата.

Оупен сорс ливинг е еден од повеќето сајтови од овој тип, но со оглед на неговата отвореност и позитивна цел, вреди да стане дел од вашата листа на омилени веб локации.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: минималистички
Навигација: едноставна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: osliving.com