23 март 2007

БЛаф или, во превод, б-смеа

[лекториран]

БЛаф е веб-сајт чија цел е презентирање оригинални карикатури поврзани со блоговите и блогосферата. По формат е сличен на веб-стриповите, но дејството се одвива само во една сликичка, а по дефиниција едно дело е стрип само ако се состои од најмалку две последователни слики.

Голем број од често смешните карикатури се направени врз основа на постови на туѓи блогови, кои се цитирани со нивна адреса во страниците. Дизајнот и е целосно приспособен на блогерска публика, со можност лесно да се преземе код со кој карикатурата би се прикажала на друг сајт, како и јасно ставање до знаење дека може да се користи РСС и мејлинг-листа.

Авторите, како средство за привлекување публика, прават сатири и пародии на водечки блогери, кои потоа не може да одолеат да не блогираат за тоа, па им носат сообраќај... Така барем велат Бред Фицпатрик, цртачот, и Крис Пирило, сценаристот.

Целата операција има и спонзор, фирма што продава домени, која и буквално и во иронична форма е сеприсутна на сајтот, до ниво на предложување да купите домен поврзан со некој збор во тековниот стрип. Блогерски бизнис-модел, кој изгледа дека функционира.


Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: стриповски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазици: англиски
Адреса: blaugh.com

22 март 2007

Cancer Quest - образование за ракот на четири јазици

[лекториран]

Ракот е резултат на распад на нормалните биолошки процеси. За да се разбере што тргнува на лошо во процесот на развој на ракот, основно е да се разбере како работи организмот кога функционира здраво. Една аналогија е со поправање автомобил. Би било многу тешко или невозможно да се поправи автомобил од некој што не знае како функционира кога не е расипан.

Затоа првиот дел од веб-сајтот „Канцер квест“ (потрага по ракот) е наменет за објаснување на нормалните процеси, а вториот за биологијата на ракот. Наменет е за сите граѓани, а не само за професионалците од оваа област. Нештата се објаснуваат отпочеток и постепено, а содржините се насочени за пациенти, едукатори, студенти и за здравствени работници.

Целиот сајт е особено погоден за едукаторите, оти содржините се претставени во вид на учебник, со поглавја, секции и помали потсекции. Содржините се дополнети со флеш-анимации, кои бесплатно може да се користат за образовни цели, како и со тестови-квизови, речник и со научни референци.


Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: комбиниран
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазици: англиски, шпански, кинески, руски
Адреса: www.cancerquest.org

21 март 2007

Како се прави тога, за тога-забава

[лекториран]

Тога-забава е журка под маски во која сите носат тоги или облека слична на тога и сандали. Тинејџерската комедија „Животинска куќа“ од 1978 година прикажува тога-забава на американски универзитет, по што ваквиот вид забави навистина станале општоприфатени и постојани.

Веб-сајтот „Како се прави тога“ дава совети и пренесува искуства за оваа интересна општествена активност, која во Македонија е малку занемарена во последните 1.600 години, наспроти фактот дека земјава била дел од Римското Царство многу подолго од кое било друго, дури и Османлиското.

За разлика од здруженијата за жива историја, односно реконструирање на начинот на живот во минатото преку стриктно придржување до научно докажаните сознанија, тога-забавите имаат многу послободен однос кон историјата. Целта е шегобијна дружба за сите - иако е пародија на античките оргии и симпозиуми што имале врска и со практикување сексуалност.

Сепак, за успешна тога-забава мора да се следи едно важно правило: тогите не треба да се прават од креветски чаршафи. Купување соодветно обоено платно, односно штоф во продавница, и негово кроење според едноставните упатства и дополнување со накит носи многу поголем степен автентичност и подвижност. Потребниот штоф од 4 до 6 метри е и поевтин од чаршаф.

Дизајнот на сајтов е старомоден, содржините не се поделени на страници таму каде што може, а некои од нив се врз основа на материјали (искази и фотографии) испратени од љубителки на тога-журки низ целиот свет, што му дава особен шарм.


Дополнување: баталено
Брзина: брзо
Функционалност: средна
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.howtomakeatoga.info

20 март 2007

Жива историја: Legio XX - дваесеттата легија

[лекториран]

Дваесеттата легија е основана во 1991 година за да се реконструира животот на римската војска на јавни настани поврзани со живата историја. Сите облеки, оклопи и оружја се изработени од самите членови врз основа на научните сознанија од историјата и археологијата. Членовите ги демонстрираат тактиките и употребата на оружјата и алатките, а на публиката и ги објаснуваат различните аспекти на животот во римската војска и цивили.

Веб-сајтот сеопфатно ги документира активностите на Дваесеттата легија, која е базирана во близина на престолнината на САД, Вашингтон, но има членови од целиот свет и понекогаш патува на настани надвор од нивната област.

Најголемата вредност на активностите на Легијата е во тоа што се целосно со отворен код. Во форма на прирачник се објаснети сите аспекти на нивната дејност, од како се изработуваат или како се набавени реквизитите, до упатства за однесување што се пропишани и со јавнодостапниот статут на здружението на граѓани.

Целта на Легијата е јавно образование, односно активно пренесување информации на било која достапна публика. „Кога ги облекуваме нашите чудни алишта ние стануваме учители и секого што го среќаваме станува наш ученик. Ако тој ученик дојде во наша близина и не добие ново знаење од нас или добие лажни информации, постигнуваме неуспех.“

Новите членови треба да ја прифатат идеологијата на групата, да поминат обука пред да им биде дозволено да учествуваат во јавните настапи. Тоа важи и за сопружниците и децата на членовите, кои мора индивидуално да ги исполнат квалификациите, а не добиваат „автоматско“ членство.


Дополнување: занемарено
Брзина: брзо
Функционалност: мн. добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.larp.com/legioxx

19 март 2007

Вечниот Египет

[лекториран]

Целта на сајтот „Вечниот Египет“ е претставување на египетските археолошки артефакти, а екстремно добрите техники на визуализација служат и за прикажување на природата на односите помеѓу јазлите, како и временски ленти. Притоа често се користи Флеш, и тоа на највисоко програмерско и дизајнерско ниво, со поддршка на ИБМ.

Веб-сајтот има две верзии, една што е целосно мултимедијална и друга базирана на обичен текст, наменета за вклучување на корисниците со поограничени технички можности.

Египет е една од врвните светски дестинации за културен туризам. Иако тој е првобитната „библиска земја“ (покрај Ирак) ,тоа што е спомената во библијата не е фокус на претставувањето пред светот. Напротив, сајтов се труди да го опфати севкупното археолошко и историско богатство.

Информациите може да се пребаруваат на најразлични начини, а особено е добро што за помалку познатите зборови од описите на артефактите автоматски се вклучува и речникот со објасненија.

Сајтов може да послужи како урнек за културна промоција во светот и е препорачливо добро да го проучат сите што се занимаваат со сродни теми.


Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: комбиниран
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазици: англиски, француски, арапски
Адреса: eternalegypt.org

10 март 2007

Родени различни

[лекториран]

Целта на веб-сајтов е да ја поттикне толеранцијата кон членовите на општеството што по некоја особина се разликуваат од мнозинството - боја на очи или коса, доминација на лева рака, сексуална ориентација... Маскота на сајтот е Норман, кучето што наместо да лае, мука.

Сајтов се заснова на сознанијата на американскиот психолог д-р Ќази Рахман и британскиот психијатар д-р Глен Вилсон, кои врз основа на сеопфатни истражувања дошле до заклучок дека сексуалната ориентација е резултат на генетски фактори и хормонална активност во матката пред детето да се роди. Според нивната теорија, луѓето не одлучуваат да станат хомосексуалци, исто како што никој од хетеросексуалците не станал тоа со свесна одлука.

Пристапот што сајтов го промовира кон ова политичко, општествено и религиозно прашање е ненападен. Информациите се презентирани во разни форми, поволни за „варење“ на разни целни групи - од цртан филм со кој едноставно и директно се претставуваат главните тези, до документарни филмчиња кои детално ја обработуваат секоја од нив - на пример, хомосексуалноста кај животните преку примерот на истополова двојка пингвини.

Иако најчесто поставување на анимирано интро во флеш е непотребен елемент, во овој случај e оправдано, оти служи за привлекување и омекнување на ставот на оние посетители што можеби доаѓаат со извесни предубедувања.


Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: комбиниран
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: англиски
Адреса: borndifferent.com

09 март 2007

Музикавери - нова генерација на интернет-радио

[лекториран]

Бесплатното веб-радио „Музикавери“ го препорачува авторката на блогот „Макондо“. Тоа овозможува откривање на нова музика врз основа на вашето расположение, со можност за разгледување на различни стилови, жанрови и епохи.

Песните се поврзани меѓу себе со логика слична на онаа која со која функционираат напредните системи за фидови и филтрирање како Пајпс, со што се овозможува непречен протек на песни по вкус на корисникот, откако таа или тој ќе ги дефинира параметрите на музиката што сака да ја слуша во даден момент. Сето тоа е спакувано во исклучително убав визуелен интерфејс и функционира перфектно.

Сајтот е поврзан со разни интернет-продавници и овозможува корисниците и да ги купат песните, ако тоа го сакаат.

Единствена маана на било кој систем за веб-радио е што му треба широкопојасен интернет и во македонски услови, каде што корисниците се ограничени со квота, цело време ја троши квотата. Тоа е особено незгодно во фирми во кои повеќе вработени истовремено си слушаат радио „на слушалки“, па после се чудат како АДСЛ-от им го забавиле или им наплатуваат дополнително.


Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: Флеш
Дизајн: флешерски
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски и француски
Адреса: www.musicovery.com