24 октомври 2005

Проект за истражување на Кооби Фора

[лекториран]

Регионот Кооби Фора во околината на езерото Туркана во северна Кенија е исклучително значаен извор на фосилни остатоци од цицачи акумулирани во претходните неколку милиони години. Меѓу нив досега се најдени околу 350 примероци од пралуѓе (хоминиди), како и нивни алатки, преку кои се градат интерпретации на нивното однесување.

Во Проектот за истражување на Коби Фора се вклучени светски познати палеонтолози, меѓу кои и припадниците на семејството Лики, заслужни за откривање низа познати фосилни докази за еволуцијата на човекот. Бернард Нгенео, еден од локалните ловци на фосили од нивниот тим, во 1972 година го има откриено черепот на нашиот предок од видот хомо хабилис („вешт човек“) , наречен 1470, кој е претставен на логото на проектот.

Веб-сајтот ги документира експедициите што се одвиваат еднаш годишно во форма на рудиментиран блог, преку извештаи и фотостории, овозможувајќи директен увид во работата на теренот. На веб-сајтот се презентирани и низа дополнителни информации, почнувајќи од оние за историјата на истражувањата во областа, до линкови до други веб-сајтови што пренесуваат вести за откритија низ целиот свет.

Ловот на фосили е интересна и напорна работа, која во Кенија значи изложување на ризик од средби со истите диви животни што ги ловеле нашите предци. Разликувањето на скаменетите остатоци од коски од другите камења во слоевите на седименти бара огромна вештина и долготрајна обука.

Палеонтологијата е значајна не само како интелектуален предизвик и научна дисциплина. Разбирањето на биолошкиот постанок на човекот овозможува ширење на свеста за заедничките корени на денешните луѓе и ги тривијализира разликите според раса, народност или нација, кои се користат како изговор за конфликти.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.kfrp.com

10 октомври 2005

Фарскејп - мапетовци во вселената

[лекториран]

Иако на прв поглед изгледа конфекциски, ТВ-серијата „Фарскејп“ на Алфа има низа добри особини, освен тоа што е единствена редовна научнофантастична содржина што без кабелска или сателитска се фаќа на подрачјето на Скопје. Она што ја издвојува од мноштвото остварувања за мултивидна група што талка со вселенски брод се акцентот на биотехнологија, но и вештината на изработка и способноста за хумор и иронија.

Изработката е дело на студиото на познатиот куклар Џим Хенсон, авторот на „Мапет-шоу“ и „Раскажувачот“, чиј син Брајан е еден од авторите на „Фарскејп“. Ефектите се импресивно изведени, а не заостануваат ни костимите на вонземските ликови, дури ни на епизодистите во масовните сцени, со мала забелешка за усиленоста на клингоидниот Лаксанец Д’Арго.

Духовитоста на „Фарскејп“ се огледа во користењето референци на жанрот во кој припаѓа. Главниот лик се вика Крајтон, исто како познатиот СФ-писател и режисер („Паркот Јура“, „Тринаесеттиот воин“, „Твистер“) и ТВ-продуцент („Ургентен центар“ на А1) Мајкл Крајтон. Пишувањето на името на англиски (Crichton) е фонетски нелогично и им задава маки на преведувачите-буквалисти. Во серијата, земјанинот споменува други СФ-серијали, како „Војна на ѕвездите“, како дел од неговото културно наследство, што го зајакнува впечатокот на реалност.

За жал, „Фарскејп“ како франшиза е во опасност. Веќе не се снима по „сезони“, туку е сведена на минисеријали и ДВД-изданија. Обожавателите преку Интернет веќе неколку години се обидуваат да создадат мрежа за поддршка, слично на онаа што ја има развиено заедницата на „Ѕвездени патеки“. На веб-сајтовите од овој тип ќе најдете информации за развојот на настаните и дискусии во таа насока. За жал, најважниот таков сајт „Сејв Фарскејп“ деновиве е неактивен. Од официјалните сајтови, оној на каналот Сај-фај е подобар и посвеж од оној кај Хенсоновци.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.scifi.com/farscape

02 октомври 2005

Македонска врска

Веб-сајтот „Македонска врска“ претставува деловен директорум преку којшто може да се стапи во контакт со македонски фирми од целиот свет. Конципиран е да може да овозможи поврзување во рамките на дијаспората, но и на дијаспората со матичната земја.
Секоја фирма е претставена преку неколку клучни параметри, како адреса, мапа (преку Гугл мапс), информации за контакт и сопственикот, линк до веб-сајт, оглас или визит-карта во формат на слика.

Особено интересна е опцијата „македонски попуст“: фирмите која ја одбрале даваат погодности на оние кои ќе го испечатат и донесат со себе купончето за таа фирма од сајтот. Погодностите се различни за секоја фирма и се движат од процентуални намаленија до ослободување на муштеријата од плаќање на локалниот данок на промет (го покрива фирмата).

Пребарувањето на сајтот е одлично изведено, а резултатите може да се филтрираат преку градови, или разгледуваат по име на компанијата или име на сопствениците.
Овој сервис со огромен потенцијал почна со работа пред неколку дена. Засега поголем дел од фирмите се од поширокото подрачје на Торонто, Канада, но очевидно е дека се приклучуваат нови од целиот свет. За жал, од Република Македонија има само една, интернет цвеќарницата „Флауершоп“, еден од ретките примери за употреба на електронска трговија во земјава.

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10 (нов сајт)
Јазик: англиски
Адреса: www.macedonianconnection.com
Датум нa пишување: 02.10.2005.

01 октомври 2005

Пингоматик – фраерска алатка за блогери

[лекториран]

„Пингоматик“ овозможува испраќање пингови (сигнали) до сервисите за следење и поврзување блогови, преку кои се известуваат дека нешто ново е поставено на даден блог.

Таквите сервиси се многу влијателни, оти преку нив блоговите добиваат видливост и зголемен сообраќај, но најчесто не им се исплатува постојано да проверуваат дали има нешто ново на сите блогови во светот. Со испраќање мал пинг до секој од нив може да ги известите дека сајтот е освежен и да ги поканите да го посетат. На тој начин тие добиваат свежи податоци, а серверот не е преоптоварен со автоматски посети од овие машини за пребарување.

Откако ќе се испрати пингот, треба да помине извесно време пред да може да се испрати нов. Ова оневозможува злоупотреба и преоптоварување на „Пингоматик“ и сајтовите што ги известува.

Сосема природно, интегрален дел од сајтот е и блогот со кој авторите на „Пингоматик“ известуваат за нивната работа и за новостите во врска со сервисот.

Интересно е дека Флешот на сајтов е искористен многу практично - не за банери што светкаат и трепкаат без врска и на кои никој не клика, туку во делот за статистика за прегледен графички приказ на податоците од база. Иако нема независна верификација, угледот којшто го има овој „Пингоматик“ (го препорачува дури и ЕФФ - Електроник фронтиер фоундејшн) придонесува да нема место за сомневање во резултатите што ги прикажуваат, како на пример дека дневно се прават меѓу 1 и 4 милиони пинга.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП, Флеш
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: несоодветно
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: несоодветно
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: pingomatic.com