30 август 2005

Невротично ваши

[лекториран]

„Невротично ваши“ е серија цртани филмови, филмови и други производи што ги прави извесен Џонатан Иан Метерс, а во кои главни ликови се антипатичната верверичка Фоуми и симпатичната девојка Жермеин.

Драматуршки, целата концепција потсетува на легендарниот Синфест од Татсуја Ишида - главните ликови се неугледно машко и прекрасно женско, но употребата на други медиуми и, секако, особениот авторски печат и изборот на различни теми му дава свежина на овој пристап. Воведувањето аудиоподдршка навистина создава огромна разлика во впечатокот, особено поради добрите изведби на Дон Бенет како Жермеин.

Цртаните филмови се особено доброизведени и од анимациски и од технолошки аспект и претставуваат уште една потврда на тоа како ИКТ може да овозможи креативен израз за нешто за што порано биле потребни огромни ресурси. Тие ги користат сите предности на Флешот, па се вчитуваат доста брзо во споредба со други слични сајтови. Ова особено доаѓа до израз ако користите АДСЛ.

Употребливоста на сајтов ја нарушува тоа што речиси сите линкови се отвораат во нови прозорци (трошење ресурси и губење континуитет), оти со тоа се оневозможува и опцијата за отворање во јазичиња, која ја овозможуваат модерните разгледувачи како Фајерфокс. Исто така, има нарушување и при изведба на шемата за обојување, оти линковите не ја менуваат бојата во зависност од тоа дали биле кликнати или не. Пример за ова е списокот со транскрипти на филмчињата, во кој е невозможно да се види кои веќе сте ги прочитале, а кои не.

Добра страна на сајтов е што појавувањето на секој нареден цртан филм е прецизно најавено, преку што се врши синхронизација на очекувањата на публиката со можностите на авторот.

Околу Фоуми се има развиено култна заедница на обожаватели и почитувачи, кои одржуваат низа веб-сајтови посветени на неговиот лик, дело, вредности и принципи. До нив може да се дојде преку страницата со линкови.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: релативно брзо
Функционалност: одлична
Код: Флеш, ХТМЛ, ЈС
Дизајн: графички
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.illwillpress.com

26 август 2005

Стрипот „Последниот бакнеж“

[лекториран]

„Последниот бакнеж“ е субверзивно стрипче што излегува на Интернет, а го прави Џон Ластиг и опфаќа најразлични контроверзни теми од меѓучовечките односи, како што се љубовта, сексот, лезбејството и лицемерството, обработени преку „екстремен хумор“.

Ластиг во 1987 година за 400 долари ги откупил авторските права на „Првиот бакнеж“, серија љубовни романчиња прикажани преку стрип, кои излегувале од 1957 до 1965 година. Иако на нив работеле некои од подоцнежните великани на американскиот стрип, како Дик Џордано и Винс Колета, ова не биле нивни врвни дела. На оригиналниот издавач му била битна брзината, а не квалитетот, наспроти нивната реклама дека е „најфиниот магазин што се занимава со љубовни теми“. Самиот Ластиг признава дека ова било зделка на принципот колку пари - толку музика.

„Последниот бакнеж“ е пример на современа концептуална уметност со користење готови материјали: Ластиг користи избрани постојни цртежи како основа, ги добојува и во нив додава свој текст, што секако му дава нови, подлабоки значења на делото. Во голем број случаи, резултатот е исклучително смешен и забавен, но и интелектуално изнијансиран.

Покрај стриповите, на сајтот има и низа други забавни содржини, од интервјуа и рецензии до линкови до други стриповски сајтови. По се изгледа дека дизајнот, со виолетово-жолтеникавиот дезен, е намерно направен така кичесто. Променливоста на навигацијата го отежнува шетањето по сајтот - ако влезете во архивата со стрипови, не гледате други линкови освен до насловната страница – но тоа е мала цена наспроти добивката од читањето.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неделно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: променлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: затворен
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.lastkisscomics.com

24 август 2005

Блогот на „контрашот“ Дејвид Брин

[лекториран]

Блогот на д-р Дејвид Брин, физичар, писател на научна фантастика и оратор, претставува придружен сајт, којшто го дополнува неговиот основен сајт. Преку него тој изложува мислења на разни теми, коментира новости и написи, нуди скици на идни есеи и им овозможува и на другите да го кажат своето мислење. Според д-р Брин: „На сајтот пишуваат и поставуваат прашања фантастични посетители, кои често се многу поинтересни од мене.“

Обработените или начнатите теми се однесуваат на суштинскиот конфликт во нашата цивилизација: егалитаризмот и напредокот наспроти елитизмот и пасивизацијата, особено во контекст на современите политички случувања, потоа за приватноста и транспарентноста на општеството, нови научни откритија и трендови, критички размисли за научната фантастика, пронижени со сочно мрчење за Јода од серијалот „Војна на ѕвездите“, економијата и низа други интелектуални предизвици.

Ова е уште еден случај што го потврдува правилото дека „содржината е главна“ („content is king“) на Интернет, додека техничките можности се во втор план. Авторот ги користи само основните функционалности што му ги нуди софтверот, односно само ставање текст и коментари, а не и поставување линкови, како и бројачи, размена на банери и слично. Арно ама поради интересноста на изложените идеи, блогов има предизвикано значајно внимание.

Некои од научнофантастичните дела на д-р Брин се преведени на хрватски, како кратката новела „Тор го среќава Капетан Америка“ (достапна за читање на неговиот сајт), која ја има објавено „Сириус“, веројатно најзначајното СФ-списание од времето на СФРЈ, а дел од неговите романи од циклусот „Воздигнување“ се преведени на српски. Прв чекор при преведувањето на македонски има направено веб-магазинот Агора пред две години со објавувањето на обемната анализа на опусот на Толкин „Ние, Хобитите, сме си весел народ“.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: на неколку дена
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има можност
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: davidbrin.blogspot.com

20 август 2005

Арт-терористот Бенкси

[лекториран]

Бенкси е псевдоним на млад британски уметник без влакна на јазикот, кој ги користи алатките на модерната култура, како графитите и Интернет за искажување на своите внатрешни чувства.

Опусот на Бенкси се состои од дела изложени на отворено и во затворени простори. На отворено, покрај графити, тој исто така работи со паноа, сообраќајни знаци и споменици, кои понекогаш ги гради на диво. Според него, „паноата... се како милионерите да фрлаат со камења по вашата глава. Вие не сте побарале да ги видите, тие упаѓаат во вашиот живот и ве прават да се чувствувате несоодветни. Време е да се соберат камењата и да им се фрлат назад.“

Со втората група, тој е прилично познат во светот по саботажите што ги прави по музеи, преку вандализирање слики (доцртување елементи) и додавање нови експонати. Основна функција на веб-сајтот е презентирање нивни репродукции преку фотогалерии. Таа е нарушена со практиката на вметнување текст во самите слики, што оневозможува пристап од машините за пребарување. Ова би можело да се подобри со вметнување метатагови за описи во секоја страница.

Во општ случај, делата на Бенкси се реакции на општествени појави, ситуации и методи на контрола на јавноста. Тој вели: „Замислете град во којшто графитите не се илегални, град во кој секој би можел да црта што сака. Каде што секоја улица е прелеана со милиони бои и мали фрази. Каде што стоењето на автобуска станица никогаш нема да е здодевно. Таков град би предизвикал чувство на живо суштество што дише, кое припаѓа на сите, а не само на агентите за недвижнини и господарите на големиот бизнис. Замислете таков град и престанете да се потпирате на ѕидот - влажен е.“


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ, ЈС
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.banksy.co.uk