29 јуни 2006

Јотофото

[лекториран]

Јотофото е пребарувач за фотографии што бесплатно може да се користат. Се работи за снимки лиценцирани под некоја од таканаречените „копилефт“-лиценци, како Криејтив комонс или ГНУ ФДЛ, што ги прави особено погодни за употреба на блогови или други видови веб-сајтови.

Особено е полезен за графички дизајнери, веб-дизајнери, наставници и студенти. Меѓу другите, го препорачува и еден од највлијателните македонски блогери, Гудбајтс.

Јотофото ги има сите функционалности потребни за пребарување, приказ и преземање фотографии, особено можностите за пребарување според тип на лиценца и големина, како и логички операции со клучните зборови.

Дополнителна функционалност на сајтов му ги овозможува користењето нови технологии, како блог за бележење на техничките надградби, и правењето додавка (екстензија) за разгледувачот Фајерфокс со која се овозможува подиректно пребарување на нивната архива.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: yotophoto.com

15 јуни 2006

Отворена употребливост за подобар слободен софтвер

[лекториран]

„Отворена употребливост“ овозможува поврзување на програмерите што развиваат софтвер со отворен код и експертите за употребливост. Со тоа, обете гранки на софтверската индустрија имаат можност да си помогнат меѓусебе.

Веб-сајтот служи како платформа за заедничко работење, преку која може од една страна да се пријавуваат проекти чиј софтвер е со отворен код, а од друга страна да се пријавуваат стручњаци за употребливост што би сакале да придонесат со своите експертски мислења и примена на стандардите, како ИСО 13407. Целокупната активност е стриктно на доброволна база, за доброто на заедницата.

И во светски рамки, оние што развиваат софтвер најчесто не се свесни за значењето на употребливоста, сметајќи ја како „уште еден фичр“ што може да се додаде на проектот. Правилната перцепција е дека употребливоста мора да стане интегрален дел од развојот на софтверот, преку вклучување соодветни стручни лица во тимот на долгорочна база.

Во рамките на проектот се влезени 136 проекти, меѓу кои и значајни претставници на слободниот софтвер, како графичката околина КДЕ и програмата за обработка на слики ГИМП.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: мн. добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.openusability.org