29 декември 2009

Ново складиште за истражувачите од целиот свет

Депот“ е ново институционално складиште кое им овозможува на истражувачите и научниците од целиот свет депонирање на нивните трудови, статии и поглавја од книги. Оваа интернационална локација има за цел, на едно место да ги собере научно-истражувачките трудови кои се производ на истражувачи и научници од институции без свое институционално складиште. Со тоа, тој е од полза за целата истражувачка заедница од светот. Ставањето на научно-истражувачките трудови онлајн и на располагање на сите кои можат да имаат корист од нив е во согласност со концептот на отворен пристап.

Ставајќи ги електронските копии од вашите научно-истражувачки документи во системот на депот, имате можност да постигнете многу поголема читаност од онаа што можете да ја постигнете со достапноста на вашиот труд единствено преку научно списание базирано на претплата. Дополнително, истражувањата покажуваат дека стапката на цитирање на материјали кои се ставаат на располагање преку отворен пристап може да се зголеми драматично до дури 400% во некои дисциплини.

Правото на објавување на рецензираниот труд (во финална верзија) онлајн се регулира со договор за пренесување на авторските права. Доколку вакво право не ви е одредено и понатаму можете да го консултирате издавачот. Исто така, можете да поставите трудови кои јавно ќе се прикажат по одреден период кој го бара издавачот или дури да ги направите вашите дела невидливи, доколку не ви е близок концептот на отворен пристап. Во овој случај, внесувањето на вашето име, институцијата која стои зад вашето дело и мета податоците за него, ќе ја зголемат неговата видливост за пребарувачите и со тоа ќе се зголеми интересот за нив, иако самата содржина и понатаму ќе остане скриена за корисниците.

Поставувањето на трудовите во системот на депот ќе значи нивно архивирање и чување се додека не се појави посоодветно институционално складиште каде тоа треба да биде објавено. Во меѓувреме, други истражувачи, научници и студенти можат да ги ползуваат резултатите од вашите истражувања и да изградат нови знаења врз основа на нив. Со тоа вие ќе помогнете во изградување на поцврста научна заедница и подигнување на нејзиното ниво на квалитет и распространетост.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: класичен, многу прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.depot.edina.ac.uk

25 декември 2009

И за најмалите деца постои совршено катче на интернет

Иако многу родители нема да се сложат со тоа нивните деца да бидат залепени за компјутерскиот монитор уште на многу рана возраст, ние сепак ќе им го предложиме „кидиос“ како одлична дестинација за нив. Потоа тие самите ќе си одлучат дали ќе му дадат шанса на овој сајт и дали и колку ќе ја дозволат неговата употреба во домот.

Овој веб-сајт, како и повеќето слични на него, ги агрегира сите корисни, забавни, интересни, едукативни ресурси за деца на едно место. Содржините се претходно проверени, што го прави сајтот безбедна околина токму за најмалите. Кидиос е наменет за деца до шест годишна возраст, но него можат да го користат и деца на возраст до 10 години. Содржините опфаќаат интересни видеа во вид на цртани филмови, анимирани филмчиња, игри, боенки и цели веб-сајтови со слична намена. Децата ќе имаат можност да ги гледаат содржините кои ги обожаваат, на пример, цртаните и анимираните филмови со нивните омилени јунаци како пинк пантер, снупи, јунаците од мапет-шоу, штрумфовите и многу други.

Родителите треба да се регистрираат на сајтот за да ја овозможат неговата целосна функционалност, но ова е сосема бесплатно. Во текот на постапката тие ќе треба да ја дефинираат возраста на нивните деца, што ќе биде основа за понатамошните предлози соодветни на годините, но и на други карактеристики на детето.

Па сега, ако вашите деца секако гледаат детски програми на телевизија, нема причина зошто да не им го овозможите истото и преку интернет. Тие ќе бидат задоволни, вие ќе можете да си ги терате домашните обврски, а нивните активности сепак ќе бидат под ваша контрола.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: детски
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, шпански,
француски, германски, хебрејски
Адреса: www.kidyos.com

24 декември 2009

Одличен сервис за деца и учители

Керпуф“ е онлајн сервис кој претставува креативна работилница за деца од претшколска возраст, но и за оние малку постарите. Оваа локација исто така може да им биде од корист на учителите по училиштата бидејќи на него има апликации кои тие можат да ги употребат на своите часови, преку кои децата истовремено ќе можат да се едуцираат, забавуваат и да ја искажуваат својата креативност.

За да може да се користи сајтот, најпрво е потребна регистрација со задавање на корисничко име и лозинка. Регистрирањето е бесплатно, но таквиот кориснички профил е ограничен и тој не ги овозможува сите апликации, ликови и алатки. Ова сепак не би требало да ви претставува проблем. Доколку сакате да ги добиете сите можности и поволности од сервисот, ќе треба да платите сума зависно од тоа на колку време сакате да се претплатите.

Годишна претплата би ве чинела околу 45 американски долари. Сервисот овозможува креирање на оригинални слики, цртежи, кратки видеа, лични интересни приказни, честитки, а истите децата ќе можат да ги зачуваат и испечатат зависно од својата желба или пак да ги постават на локацијата со што и останатите корисници ќе можат да ги погледнат и да ги оценат. Креирањето на приказни и кратки видеа се состои во поставување на веќе постоечки ликови и позадини кои корисникот ги комбинира како сака, вметнувајќи свој текст и ефекти кои се на располагање во зависност од профилот (бесплатен или претплатнички). Сајтот е достапен па 7 јазици, но за жал не и на македонски.

Дополнување: ретко
Брзина: нормална
Функционалност: одлична
Дизајн: детски, шарен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни Зборови: нема
Јавен Бројач: нема
РСС/ АТОМ: нема
Гугл -ранг: 5/10
Јазик: англиски, француски, германски,
италијански, шпански, руски, кинески
Политика за приватност: има
Адреса: www.kerpoof.com

20 декември 2009

Онлајн трговски центар

Веб-локацијата „Трговски центар“ претставува одлична замисла на онлајн шопинг центар, во кој македонските продавници и брендови можат да ги изложуваат своите производи кои сакаат да бидат продавани преку интернет, а на купувачите им нуди голем избор за пазарување од дома.

Сајтот овозможува на многу лесен, ефикасен начин, секој заинтересиран трговец да може да премине во ново поле од својата професија. Сајтот е изработен детално и професионално и нуди сигурност и безбедност преку одлични логистички и технолошки решенија кои ќе го подигнат нивото и начинот на живеење на еден помодерен стил. Секој кој има желба и ги исполнува стандардите на оваа веб-локација, може да се претплати за креирање на одреден тип на онлајн продавница во зависност од своите потреби.

Стандардната продавница нуди одлични услуги за промоција на производи во неограничена количина кои ќе се појавуваат во каталогот на продавницата и дел од нив во излогот на www.tc.mk, можност за наплаќање преку кредитна картичка, испорака, можност за рекламации итн. Управуваната продавница пак, нуди повеќе опции од стандардната, но покрај можноста за пристап во управувањето од страна на самиот корисник, има опција и за управување од страна на сервисот, што подразбира нивна грижа за нарачките, контакти со купувачите, решавање рекламации и слично. Сајтот нуди и услуга за големите трговци да можат да ги промовираат своите производи, но притоа тие ќе мораат да ги исполнат барањата и спецификите за овој тип на продавница, меѓу кои е и годишен промет над 1 000 000 евра годишно. За секој тип на онлајн продавница се наплаќа одредена претплата во зависност од одбраниот пакет.

Од страна на купувачите, купувањето на некој од производите се извршува стандардно преку одбирање на производ, ставајќи го во кошничка и внесување на личните податоци за наплата и испорака. Сајтот исто така нуди опции за рекламација и враќање на производите, добивајќи го назад полниот износ кој сте го платиле, доколку не сте задоволни.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: www.tc.mk

18 декември 2009

Огромен избор на висококвалитетни слики и фотографии

Опенфото“ претставува уште една онлајн галерија која изобилува со илјадници фотографии кои можат да ви послужат за секаква намена. За разлика од сличните сервиси, оваа локација дозволува да преземате слики неограничено и тоа без никаква регистрација на истиот.

Сликите се распределени во многу категории, со цел полесно да ги пронаоѓате оние кои ви се потребни. Регистрација на сајтот ќе треба да ја поминете доколку сакате да направите профил, со кој ќе ви се овозможи да прикачувате ваши фотографии. За фотографиите кои ќе ги прикачите, можете да одберете во која категорија да се прикажуваат, по што истите ќе бидат достапни за корисниците на сајтот.

Она што на сите ќе им се допадне, е тоа што сликите кои се преземаат не се прекриени со адреси од сајтот испишани по целата површина, мерка која ја преземаат многу локации за да ги заштитат сликите од своите галерии за неовластено симнување на истите.

Дополнување: редовно од страна на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: openphoto.net

17 декември 2009

Добијте ги најинтересните детали од вашето видео без мака

Доколку ве интересираат само најинтересните детали од снимката на вашата безбедносна камера или надгледувачката камера за вашето мало дете или домашно милениче оваa веб-локација може да ви биде од многу голема корист.

Бесплатната услуга од оваа локација можете да ја добиете многу лесно и едноставно, но таа е ограничена со само 24 часовна снимка. Поврзете ја вашата камера со компјутерот и почнете да снимате, а по прекинувањето на процесот сајтот сам го креира видеото во скратена верзија која ги содржи само деталите од долгата снимка. Доколку сакате да имате некои додатни бенефиции од сервисот потребно е да отворите профил кој би ве чинел околу 9 американски долари. Со ваквиот профил вие ќе можете да прикачите видео од вашиот компјутер, да го преземете видеото кое сте го снимиле, ќе можете да додадете снимка со висок квалитет и ќе ви биде овозможено наместо 24-часовна снимка да архивирате снимки со времетраење од две календарски недели.

Со оваа услуга вие ќе можете да ги погледаните само кратките инсерти од видеото што сте го обработиле и со тоа ќе си го заштедите времето кое инаку би го изгубиле барајќи го оној дел кој ви е потребен.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: highlightcam.com

16 декември 2009

Многу корисен онлајн речник и толкувач на зборови

Визувордс“ или „визуелни зборови“ претставува многу различен и поинаков речник од оние стандардните кои ги имаме дома или пак од оние кои вие редовно ги посетувате на интернет. На почетната страница се наоѓа само пребарувач на зборови и огромен бел празен простор кој на прв поглед може да ве збуни, се додека не ја откриете функцијата на сајтот.

Сајтот функционира на многу интересен и пред се специфичен начин кој верувам дека многу ќе ви ја олесни работата. Сè што треба да направите е да внесете збор во пребарувачот и на белиот простор ќе ви се појави нешто слично на атом т.е. зборот кој сте го впишале ќе се наоѓа во јадрото со здебелени букви и од него ќе излегуваат други јазли на кој ќе бидат испишани соодветни термини кои се поврзани со зборот кој сте го побарале.

Станува збор за термини кои директно се поврзани со тој збор и термини кои можат да ви послужат за замена или дообјаснување на тоа што сте го побарале. Секоја патека која што води од јадрото до еден од термините е означен со различна боја и текстура. На левата страна, на легендата можете да видите дека секоја боја и текстура има соодветно значење за полесно сознавање на тоа што ви треба, како на пример од кој вид е зборот, од каде потекнува, слични зборови на него, на која група припаѓа и што ли уште не. Со доведување на стрелката од глувчето над некој од зборовите ќе добиете и дефиниција за секој од нив.

Дополнување:редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.visuwords.com

11 декември 2009

Креирајте видео прикажувајќи го вашиот талент за цртање

Скечфу“ е одлична веб-локација која би требало да им се допадне на повеќето кои сакаат да цртаат на компјутер и притоа имаат желба на останатите да им покажат како го направиле тоа. Сепак сајтот не би го препорачал за некој што подолго време се занимава со цртање, од причина што обезбедува само неколку основни опции, за разлика од програмите на кои тие се навикнати да работат како фотошоп, илустратор и така натаму.

Постапката за правење на видеото, кое на некој начин претставува туторијал, е едноставна и се што треба да направите е да се регистрирате на сајтот, бесплатно, и да започнете нов цртеж кој ќе го нацртате одбирајќи ги понудените опции за боја и текстура. Откако ќе решите дека вашиот цртеж е готов стиснете „Replay“ и одберете брзина на снимката која може да биде и 16 пати побрза од реалната и сервисот ќе ви го прикаже секој чекор кој вие сте го направиле работејќи на вашето мини ремек-дело.

Доколку сакате да го зачувате видеото тоа ќе биде додадено во големата архива на видео туторијали поставени од сите корисници регистрирани на сајтот. Интересно е тоа што доколку имате желба и доколку авторот на некое видео дозволил пристап, вие можете да го доработите и измените веќе постоечкиот цртеж и кога некој ќе сака да го гледа видеото тоа ќе ја дава целата постапка заедно со, од вас, додадената обработка. Секако за поголема контрола и поумешно користење на овој сервис пожелно би било да имате електронска табла за цртање, која ќе го симулира цртањето како да цртате со пенкало на хартија.


Дополнување: редовно од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: интересен и прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: sketchfu.com

10 декември 2009

Нов начин за споделување на имејл пораки

Доколку имате потреба вашата имејл порака да ја споделите со вашите пријатели на Фејсбук, Твитер и останатите слични мрежи, „Момео“ може да ви претставува одлична алатка од причина што сервисите за социјално вмрежување и оние за испраќање на електронска пошта претставуваат два некомпатибилни формати.

Без потреба од регистрирање на локацијата и без плаќање за услугата вие се што треба да направите е да ја испратите имејл пораката која сакате да ја споделите на post@moomeo.com и во краток временски период ќе добиете повратна порака од сервисот која ќе содржи линк што ќе можете да го поставите на сервисите за социјално вмрежување. Сајтот функционира така што вашата порака ја претовара во веб страна која потоа лесно може да се сподели како регуларен линк.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.moomeo.com

07 декември 2009

Огромна порција од македонскиот веб - секој ден, во секое време за секого

Ping.mk е агрегатор на е-содржини кои се собираат автоматски преку претходно задавање на РСС фидови до веб-сајтови или тематски посебни делови од нив. Во моментов постои голема база на зададени извори кои секојдневно агрегираат нови содржини, а корисниците и самите можат да пријавуваат фидови, но и линкови до поединечни написи, фотографии, видеа и сл., притоа сместувајќи ги во соодветни групи.

Покрај собирањето на сите видови содржини, овој веб-сајт има една дополнителна вредност - можност за гласање од страна на регистрираните корисници со што линковите до најпопуларните содржини, фер и демократски избиваат меѓу првите.

Она што го разликува овој сервис од останатите е тоа што тој обединува содржини од секаков тип, поставени на локални веб-сајтови, а негова основна намена е промовирање на алтернативните извори на информации кои нудат квалитетни анализи или издржани мислења, од индивидуални блогови, преку веб-сајтови на организации и портали, до кој било вид на нови медиуми.

Корисниците на сервисот придонесуваат со гласање и посетување на поставените линкови, како и со поставување на нови извори и нови содржини. Групите отвораат можност за создавање заедници врз основа на заеднички интерес за дадена тема, географска област или во рамките на разни движења за граѓански активизам.

Корисниците имаат избор од неколку модерни и практични опции за користење на сајтот. Тие подразбираат поставување на виџети на нивните лични веб-сајтови и блогови кои автоматски ќе ги прикажуваат содржините од пинг, копчиња за брзо додавање линкови од пинг на сопствените веб-локации, како и букмарклети кои овозможуваат брз пристап до функциите на пинг.

Најдобрите содржини имаат шанса да бидат избор на уредниците и да се најдат на левата страна на почетната страница, со што истите добиваат можност за поголема промоција и популарност.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, модерен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има (агрегатор)
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10 (нов)
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: ping.mk

01 декември 2009

4 пребарувања во Гугл одеднаш - и тоа е возможно

Дали некогаш сте посакале да пребарувате повеќе работи одеднаш, а отворањето повеќе јазичиња во прелистувачот не ви се чинело како добра идеја? Иако ваквата можност не би ви го променила животот драстично, добро е да знаете дека постои, па некогаш можеби ќе ви текне да ја искористите.

Гуглгуглгуглгугл“ е веб-сајт кој се состои од 4 рамки кои го делат екранот на 4 еднакви дела, а во секој од нив има по една гугл почетна страница. Можете да ги користите сите 4 рамки истовремено, што значи во секое поле за пребарување да пишувате различни поими, за кои соодветно ќе добивате и различни резултати. Оваа можност е многу практична за веб-истражувања кога вообичаено треба да се обидеме со повеќе варијанти од клучни зборови и нивни комбинации додека да дојдеме до резултатите што сме ги очекувале.

Секоја од четирите рамки може да се исклучи доколку сакате да си овозможите повеќе простор, во случај да ви станат доволни 3 или 2 гугл страници. Исто така, во секоја од рамките можете да впишете и друга веб-адреса која на тоа место ќе го повика конкретниот сајт или страница.

Сега за сега, сајтот е функционален, но во најава се некои нови функционалности кои би требало да го направат уште попрактичен и покорисен за употреба.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: googlegooglegooglegoogle.com

30 ноември 2009

Посвојте мало слатко животинче

Револуционерната кинеска играчка “Чипичан“ која се појави на пазарот пред десетина години претставуваше виртуелен домашен миленик за кој корисникот мора да се грижи како за вистинско живо суштество т.е. да го храни, да си игра со него, да се грижи за него кога ќе се разболи и така натаму.

Сајтот “Моши Монстерс“ претставува на некој начин онлајн “Чипичан“ наменет за лица од една годинка па се до сто и дваесет години. Се регистрирате на сајтот наведувајќи ги своите лични податоци и потоа избирате едно од шесте измислени животинки кои зборат на измислен детски јазик. Му одбирате име, ги облекувате и боите по ваш избор и вашиот онлајн миленик е спремен да ви биде верен сопатник. Секако морате да се грижите за неговата исхрана, среќа, здравје, хигиена за тоа да биде задоволно и доколку сте грижлив кон вашето пријателче вие добивате поени и истите можете да ги употребите да купите интересни додатоци за вашиот миленик. Родителите треба да знаат дека ова е образовен сајт за забава, создаден за денешната култура на децата кои учат да читаат и во исто време тие се едуцираат станувајќи безбедни интернет корисници.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Дизајн: детски, шарен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.moshimonsters.com

27 ноември 2009

Онлајн конвертор на ПДФ документи

Овој сајт претставува одлична и многу корисна алатка која може да му биде на секого добредојдена. Станува збор за конвертор кој што конвертира ПДФ фајлови во ворд документи, слики, чист текст и ХТМЛ, а можете да го користите и доколку сакате вашиот текст да го конвертирате во ПДФ формат. Што и да ви е потребно од наброеното, ќе се изненадите од резултатите.

Сајтот е премногу лесен за употреба, бидејќи нема никаква филозофија во неговото користење. Без никакво регистрирање или пак плаќање, го одбирате фајлот од вашиот компјутер кој сакате да го конвертирате, притоа одбирајќи го форматот кој го посакувате, и стискате “конвертирај и симни“. Постапката тука е завршена и вие можете да го преземете вашиот документ.

Дополнување: никогаш
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: convertpdftoword.net

25 ноември 2009

Уредете ги иконите на вашиот компјутер по свој вкус

Доколку ви е здосадено од изгледот на стандардните икони на вашиот компјутер или пак имате потреба од соодветни модерни графики од ваков тип во вашата работа, “Ајконспро“ е одлично решение кое ќе ги задоволи сите ваши кориснички потреби.

Без потреба од никаква регистрација или пак плаќање, сајтот обезбедува огромна база од преку 20 000 најразновидни икони кои можете да ги преземете брзо и лесно. Се што треба да направите е само да впишете во пребарувачот збор соодветен на тоа што сакате да го најдете, и да одберете една од понудените икони. По одбирањето сајтот ви ја претставува иконата и ви дава можност да ја одберете резолуцијата и форматот (ИЦО или ПНГ) на веќе селектираната сликичка. Освен пребарувањето преку пребарувачот, исто така имате можност да одберете и некоја од категориите во кои е распоредена целата база во согласност со критериумите кои ги исполнува таа икона. Како интересна опција е и тоа што веднаш можете да проверите дали таа икона е компатибилна со бојата на позадината каде што сакате да ја поставите.

Сајтот е достапен само на француски јазик, но тоа не претставува никаква пречка да се снајдете и да ги преземете вашите идеални икони за можете повеќе да уживате работејќи на вашиот компјутер

Дополнување: секојденвно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен, соодветен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: француски
Адреса: icones.pro

17 ноември 2009

Научете да изработувате оригами

Оригами е древна традиционална јапонска уметност во која не е потребно ништо освен парче хартија, за да се создаде приказ на некој предмет. Притоа се употребува само еден лист без да се сече, лепи и црта на него, туку само се превиткува.

Токму на ова локација и вие можете да научите да изработувате барем неколку оригами во облик на животни кои авторот на сајтот ги објаснил преку видео туторијали. Без никаква потреба од регистрирање или претплаќање на сајтот можете да ги погледнете видеата каде многу умешно е прикажана детална изработка на оригамите, објаснувања за тоа каква хартија ви е потребна, а интересно е тоа што авторот во некои од видеата создава и приказна правејќи го моделот.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: соодветен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.pem.org/sites/origami

16 ноември 2009

Добијте визит–картичка брзо и бесплатно

Услугата на „дооид“ овозможува создавање на паметна, едноставна и функционална онлајн бизнис картичка, со сите ваши податоци, надополнета со примамлива графика, што ви следува бесплатно, која можете да ја поставите секаде каде што е возможно и имате желба.

По регистрирањето на сајтот, го средувате вашиот профил внесувајќи секакви податоци за себе, од професионален и приватен карактер, лични податоци, хобија, па дури можете да прикачите и ваша фотографија. Со тоа вие автоматски ја креирате вашата картичка. Секако, податоците ги внесувате или не, по ваша желба без никакви ограничувања. Исто така можете да ја прикажете и вашата точна локација преку сервисот овозможен од „Google Maps“, да прикачите видео или пак да изнесете некоја вест.

Со постапката за уредување на вашиот профил, паралелно одбирате и кои податоци да бидат видливи, а кои не, за останатите кои ќе сакаат да ја погледнат вашата картичка. Откако ќе одберете на кои веб-локации и социјални сервиси сакате таа да се прикажува, работата е завршена и вие сте сопственик на модерна онлајн бизнис картичка преку која ќе се промовирате.

Дополнување: редовно (од корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0, модерен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, германски, шпански
Адреса: dooid.com

Сите македонски сајтови на едно место

Кликни ме“ е македонски сајт кој ги вклучува сите останати македонски веб-локации на едно место. Всушност, тоа е тенденцијата, засега има голем број на пријавени сајтови, но не се евидентирани сите. Ако ви треба македонски сајт од одредена област или пак сакате да направите споредба на различни сајтови од ист тип, на пример сајтови на универзитети, „кликни ме“ значително ќе ви ја олесни работата.

Покрај за пристап до македонски веб-сајтови кои од која било причина може да ви бидат потребни, на „кликни ме“ можете да си го пријавите вашиот сајт или кој било сајт кој не можете да го најдете во листата. При пријавувањето треба да обезбедите и слика (screenshot) од изгледот на почетната страница, како и да го опишете. Ова ќе им помогне на посетителите да се информираат малку подобро за сајтот, пред да изберат да го кликнат линкот кој ќе ги одведе до истиот.

Веб-сајтот „кликни ме“ реализира една одлична идеја и претставува остварување на нешто што навистина недостасуваше. Сепак, со оглед на неговата намена, ужасно му недостасува пребарувач и поголема функционалност. Исто така, несоодветно изгледа примената на латинските букви за опишување на категориите, посебно бидејќи истите претставуваат колекции на македонски сајтови.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: kliknime.com.mk

12 ноември 2009

Вашето „сиви“ готово за 5 минути

Како многу битен дел од аплицирањето за вработување се секако вашето резиме и мотивационото писмо, преку кои ги искажувате вашите можности, вредности, достигнувања и очекувања со цел да се прикажете во вистинско светло пред работодавецот.

Сиви“ е одлична веб локација која ќе ви помогне вашето резиме да биде уредно, прописно и многу брзо направено. Потребно е само да се регистрирате на сајтот и можете веднаш да почнете со изработка на вашето сиви. Доколку имате профил на „Фејсбук“ или „Твитер“ нема потреба од регистрирање на сајтот, бидејќи можете да се приклучите преку истото корисничко име и истата лозинка.

Кога веќе имате пристап на сајтот постапката е многу едноставна, ги внесувате сите податоци во веќе постоечки полиња и единствено што треба е да ги потврдите пред да преминете на следната категорија. Доколку некоја категорија недостига во првичниот изглед на резимето, од рубриката „Секции“ ја додавате соодветната. На крајот одбирате дали сакате резимето да биде приватно и при тоа да го испечатите или зачувате во ПДФ формат или пак да биде поставено онлајн, истакнувајќи го на фејсбук, твитер, на форуми или пак на сајтови со огласи за вработување.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: ceevee.com

11 ноември 2009

Дигитално списание за 30 секунди

Изворите на содржини на интернет не секнуваат. Таман кога ќе помислите дека сте запознаени со сè што е актуелно и сè што ве интересира, некој ќе ви прати линк кој води до некој многу интересен, но, на долго разработен напис. Секако, не можете да прочитате се што има на интернет, но некои содржини, вреди да ги запаметите и да им се навратите. Начини за ова постојат повеќе, но „таблоид“ нуди еден поинаков, уникатен метод на зачувување на вашите омилени извори на информации, секако во дигитален формат.

Функционира на основа на RSS, што значи дека сајтот кој сакате да го додадете како извор за вашето идно списание мора да има активен RSS фид. Потоа, треба само да ги додавате ваквите адреси во предвиденото поле за таа цел. Како резултат на ова, веднаш можете да преземете PDF документ кој ќе ги содржи сите активни содржини во фидот, распоредени едно по друго.

Дополнителна, практична можност нуди опцијата за оставање на вашата имејл адреса на која, дневно или неделно можете да добивате вакви лични, по свој вкус, скроени списанија. Ако се одлучите за оваа варијанта, во имејл пораката ќе добиете преглед на содржината која е вклучена во документот кој пак можете да го читате онлајн веднаш или да си го преземете и читате кога ќе имате слободно време за тоа.

Сервисот можат да го користат и уредници на веб-сајтови кои сакаат да им понудат уште една можност на своите корисници да доаѓаат до нивните содржини. Бидејќи сајтот не бара регистрација, многу е брз за прилагодување и користење, но тоа истовремено отвора простор за злоупотреби на посетителите чии имејл адреси се познати за други. Сепак, сервисот е корисен, затоа е и препорачан за сајт на денот. Останатото го оставаме на совеста и ставовите на неговите корисници.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.tabbloid.com

10 ноември 2009

Онлајн повик за проекти во Централна и Источна Европа

mysociety.org е веб-сајт кој ја претставува непрофитната и добротворна организација mySociety која управува со најдобрите веб-сајтови за демократија и транспарентност во Велика Британија. cee.mysociety.org е негов потсајт кој е креиран специјално за земјите од Централна и Источна Европа. Во моментов, активен е јавен повик за предлог-проекти од земјите во овој регион кои можат да аплицираат со пополнување на кратка апликација директно на веб-сајтот. Предлог-проектите треба да се однесуваат на веб-сајтови кои ќе помогнат за зголемување на демократичноста и транспарентноста во владините институции, секако согласно на потребите и ситуацијата во секоја од земјите.

На веб-сајтот можете да ги погледнете веќе поднесените апликации, меѓу кои има и неколку од Македонија. Она што е важно е дека mySociety, во соработка со Институт Отворено општество, се отворени финансиски да ги поддржат не само организациите, туку и индивидуалците кои немаат претходно искуство во секторот на транспарентноста и одговорноста. Критериумите за аплицирање се следниве:
  1. Проектите треба да генерираат некаква значајна транспарентност и одговорност или демократски напредок од некој друг вид
  2. Проектите мора да ги искористат уникатните полезности кои ги носи интернетот, како што се надградувањето, двонасочната комуникација, едноставноста за анализа на податоците и др.
Апликациите треба да се поднесат на англиски јазик, но реализацијата на проектите секако ќе биде на локалните јазици во земјите каде проектите ќе бидат одобрени.

Повикот е објавен на 13ти октомври, а во наредните месеци, во 4 месечни интервали, почнувајќи од 15ти овој месец, тие ќе се свикуваат за да ги разгледаат проектите за кои е дотогаш аплицирано. Интересно е што во процесот на одлучување, улога ќе имаат и коментарите на поднесените предлози онлајн.

Со оглед на тоа дека повикот е јавен и отворен за сите, би било добро доколку придонесете во ширење на информациите за него.

Дополнување: повремено, а сега често од страна на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: cee.mysociety.org

09 ноември 2009

Каква ќе биде вашата книга?

Да поседувате книга со вашето име на нејзината корица и таа да е наменета за пазарот, е навистина големо достигнување кое понекогаш изгледа толку невозможно, најчесто поради тоа што одзема многу време, потребни се многу финансиски и технички средства или соодветен издавач кој ќе одговори на вашите замисли како таа треба да изгледа.

Затоа тимот на „Блурб“ успеа да создаде еден креативен издавачки сервис, доволно паметен и едноставен така што од кој било готвач, сликар, поет, родител или страстен љубител на патувањата му дозволува да стане автор на негово сопствено дело кое ќе може да го употреби за лични потреби или пак да го намени за пазарот. Постапката за изработка на книгата се одвива многу лесно и едноставно. Се што треба да направите е да се регистрирате на сајотот и да го преземете бесплатниот софтвер „Блурб СмартБоок “ кој е практичен за употреба. Се што треба да направите е да го одберете форматот кој ви одговара, да прикачите слики и текст, да си го определите дизајнот без никакви ограничувања, односно се зависи од желбата на корисникот.

Колку ќе ве чинат книгите секако зависи од бројот на страните, големината, односно форматот, боите, материјалот на хартијата и корицата и секако количината на копии кои ќе ги нарачате, а почетната цена е околу 5 американски долари. Исто така морате сами да ги платите трошоците за достава до вашиот дом. Доколку не сте задоволни од доставата, има политика на враќање на нарачката, но морате да ги исполнувате условите за остварување на истата.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: соодветен, модерен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.blurb.com

Не ги пропуштајте вашите омилени емисии и настани на телевизија каде и да сте

Македонскиот интернет провајдер „Он нет“ во 2008 година го пушти во употреба „Зулу“, сајт кој претставува онлајн сервис за следење на најпопуларните локални македонски телевизиски станици.

Тој обезбедува гледање на 15 македонски станици меѓу кои и новите канали на најдобрите македонски телевизиски куќи, А2, Сител 3 и Канал 5+, кои не можете да ги гледате на вашиот ТВ приемник на кој е поврзана обична стандардна антена. Сите канали ги следите во живо со многу мало задоцнување од неколку секунди, кое не би требало никому да му претставува проблем.

Сајтот моментално е во бета фаза, и гледањето на програмите е бесплатно без никаква потреба од симнување на додатоци или регистрирање за да можете да го употребувате сервисот.

Дополнување: ретко
Брзина: соодветно на брзината на интернетот кој го има корисникот
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, обичен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.zulu.mk

06 ноември 2009

Креирајте ваши сопствени книги и списанија онлајн

„Сега вие сте уредникот“ – ве охрабрува „зинпел“ – веб-сајт наменет за креирање на персонализирани дигитални изданија, базирани на содржини, претходно објавени на други веб-локации. Иако ова може да делува како уште еден модерен веб-сајт креиран со цел да овозможи профит од нешто што и не е којзнае што, неговите можности, сепак, дефинитивно можат да најдат практична примена во вашиот живот. Сакате да седите и читате на клупа во паркот или да дистрибуирате печатени изданија од вашиот блог во соседството, зинпел е веб-сајтот кој ќе ви овозможи брзо, едноставно, функционално и фино да го постигнете тоа.

Посочете ги сите извори од кои сакате да вклучите содржини во вашето издание, изберете ги оние кои стории кои сакате да се најдат во крајниот производ, разместувајте ги и форматирајте ги разните елементи по желба и на крај зачувајте го сработеното за себе или споделете го со целата јавност. Ова е наједноставниот начин да репродуцирате содржина наменета за други медиуми, како на пример за читање од електронски читачи и мобилни телефон или пак за печатење на хартија.

На зинпел можете да најдете и изданија креирани од други корисници. Сервисот можете да го користите доколку сте блогер кој сака да ги редистрибуира своите блог постови за да постигне поголема читаност и популарност или дури и да ги продава своите блог-компилации како електронски книги во PDF. Тој е наменет и за луѓето кои сакаат да читаат од екран, а не секогаш имаат пристап до интернет, зафатените читатели кои немаат време да го селектираат и сортираат најдоброто и најважното од одредени извори, независните новинари и издавачи, некои специјални интересни групи за поддршка на своите интереси и нивно презентирање до поголема публика, како и бизнис корисниците кои овој метод можат да го практикуваат за креирање на кратки персоналнизирани известувања наменети за споделување со персоналот.

Ако се одлучите за бесплатниот модел, ќе бидете ограничени во неколку категории, додека корисниците кои ја гледаат предноста и примената на овој сервис, можат да се претплатат за неограничено користење за 4-8 долари месечно, зависно од периодот на користење на претплатата.

Дополнување: од страна на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.zinepal.com

05 ноември 2009

Сакате да патувате, но не знаете каде?

Доколку сакате да заминете некаде да се одморите и релаксирате или пак едноставно сакате да одите на некој спортски настан, голем концерт, а не сте во можност да го губите времето посетувајќи ги сите туристички агенции со цел да ја одберете понудата која ќе биде соодветна на вашите очекувања и можности, овој веб-портал може многу да ви помогне и да ви ја олесни работата.

Патувам“ претставува прв македонски веб портал кој ги агрегира понудите на многу наши туристички агенции. Понудите се распоредени во категории, зимувања, летувања, концерти, конференции, студирање и работа во странство итн. соодветно на типот на патувањето. Доколку веќе имате замисла која би била вашата дестинација, но ве интересираат останатите детали за некоја понуда, во делот „аранжмани“ можете да ги внесете податоците со кои располагате, па порталот да ви ги прикаже понудите соодветни на тоа што сте го побарале. Можете да ја погледнете и листата на туристички агенции од кои се црпат информациите за понудите и директно да го отворите нивниот портал или пак да дознаете каде е нивното седиште, телефонски број или имејл адреса за контакт. На него се објавуваат и интересни новости и статии кои соодветствуваат на понудите кои се актуелни во тој сезонски период.

Доколку ви е потребна информација за вадење виза, која сè уште е потребна за патување во поголемиот број земји од светот, на порталов уредно и детално е објаснета постапката, документацијата, па дури и цената потребна за вадење на истата. Во рубриката „Авио“ можете да добиете информации за нашите аеродроми и аеродромите на нашите соседни земји, доколку сакате да одберете понуда со авионски превоз.
Интересно за сите посетители е тоа што тие можат да споделуваат информации и искуства, раскажувајќи ги своите доживувања од патувањата на форумот на сајтот. За жал во моментот на пишувањето на оваа рецензија услугата не беше достапна.

Мора да се напомене дека сајтот не претставува туристичка агенција, ниту ги заменува таквите вршејќи ја нивната дејност и земајќи провизија од остварените туристички понуди. Едноставно тој служи за промоција на понудите и претставува алатка за овозможување на луѓето полесно да се информираат за најинтересните дестинации во светот.

Дополнување: редовно
Брзина: средна
Функционалност: солидна
Дизајн: едноставен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.patuvam.mk

04 ноември 2009

Едукативна програма за вашето дете

Рејлит“ претставува интересен сајт за онлајн едукација за деца на возраст од 3 до 8 години преку специјално дизајнирани видеа и игри. Тој се осврнува на нивно ментално и физичко развивање и претставува преплетувачки баланс на забава и учење, ангажирајќи го секое дете, преку интерактивно, забавно искуство, здраво да се развие.Пријателските ликови во игрите ќе претставуваат водич во секојдневните сесии, што овозможува родителите да можат слободно да се посветат на своите дневни обврски без потреба од надзор врз децата. Ликовите се специјално дизајнирани со посебни гласови и интерактивно комуницираат со децата знаејќи ги нивните потреби и желби и притоа им се обраќаат преку нивните имиња. Преку екстензивно употребување на аудио-визуелни презентации, видео анимации и илустрации во игрите, креаторите се обиделе да допрат до децата за создавање на основни навики, а содржините се секако одобрени од психолози, педагози, учители и од многу родители.

Дневните сесии траат еден час и претставуваат пакет од раскажување приказни, ритмови, прашања и едноставни едукативни игри. Покриваат тематики од полето на аналитичност, пишување и читање англиски јазик, броеви и основна математика, како и широк спектар на други општи науки. Исто така им помага на децата да развијат позитивно однесување и добри навики.

За употреба на дневните сесии потребно е родителот да се регистрира на сајтот и да го наведе своето дете со корисничко име и возрасна група согласно која ќе се определуваат дневните задачи. Преку профилот родителот може да ја следи состојбата на сесиите на неговото дете.

Дополнување: ретко
Брзина: средна
Функционалност: добра
Дизајн: детски
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.raylit.com

03 ноември 2009

Што вкусно да зготвите денес?

Гладни сте? Ви се јаде нешто вкусно? Но, немате идеја што да зготвите... Секако интернетот е преплавен со многу сајтови и рецепти за кулинарство, но не на сите можете убаво да разберете што всушност ви е потребно од состојките, постапката е неразбирлива или пак едноставно слабо стоите со странските јазици.Блогот „Ситно сецкано“ е едно од можните решенија за вашиот проблем бидејќи станува збор за интересен блог од областа на кулинарството на македонски јазик. Секој од рецептите е детално објаснет, со тоа што авторите обрнале внимание на тоа, нивните посетители читајќи ги постовите, на некој начин да можат да ги вкусат јадењата прикажани на нив. Во секој пост опишана е постапката за подготвување на храната и потребните состојки, а сето тоа е надополнето со слики од неколку фази при подготовката на истата. Доколку пак ви се јаде нешто специфично и веќе имате замислено кои состојки сакате да ги содржи вашиот оброк, можете да одберете една состојка од страничната листа и според неа ќе ви се прикажат сите рецепти во кои таа се состои.

Рецептите некогаш се преземени од светски познатите готвачи, но веднаш на почетокот на тие постови е потенциран вистинскиот извор. Доколку имате некои препораки, прашања или коментари до авторите, можете да стапите во контакт преку имејл кој е оставен на блогот.

Иако блогот е доста интересен и несекојдневен барем, на нашиве простори, сепак мора да се забележи дека добро би му дошло мало освежување на дизајнот, како и да се препорача поголема внимателност во однос на почитувањето на правописните правила на македонскиот јазик.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски, англиски
Адреса: sitnoseckano.blogspot.com

31 октомври 2009

Вашите белешки и потсетници пристапни од веб во секое време

Денес е тешко човек да запамети сè што треба да направи во текот на еден ден или во период од неколку денови кои следуваат. Се живее брзо, динамично и непредвидливо. Нашата концентрација и сосредоточеност ни требаат за многу нешта. Не мора да се трошиме на помнење на работите кои треба да ги направиме. За тоа служат потсетниците. Секако, и понатаму можете да одлучите нив да ги лепите на вашиот фрижидер, да ги оставате на полицата до вашиот кревет или со нив да ја украсувате рамката на вашиот монитор на работното место. Но, ако сакате да бидете поефикасни, поекономични и попрактични, а вашата работа е поврзана со седење пред компјутер, тогаш можеби треба да разгледате и други опции. Опцијата која ви ја предлагаме денес се вика „листингс“.

Тоа е веб-локација на која откако ќе се регистрирате можете крајно едноставно да водите евиденција на вашите идни планови, обврски, задачи и сл., односно истите да ги поставувате во вид на белешки. На површината можете да лепите колку сакате белешки, да ги исполнувате со онолку текст колку што мислите дека ви е потребно за секоја, а потоа и да ја прилагодувате нивната големина и позиција на типот и количината на нивната содржина. Предноста е во тоа што, доколку сајтот го повикате од дома, ќе ви ги покаже истите белешки кои сте ги внеле или измениле додека сте биле на работа. Сајтот не е зависен од ниеден компјутер, туку само од интернет конекција. Со други зборови, со пријавување на истиот, вашите белешки се достапни од секаде. Го заборавивте мобилниот телефон дома и вашите белешки автоматски стануваат недостапни за вас. Трошењето на хартијата за белешки е нееколошко и неекономично. Затоа размислете за „листингс“. Позитивно и важно е што на сајтот е поддржано користење на македонското кирилско писмо.

Дополнување: од страна на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: скоро нема
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: listhings.com

30 октомври 2009

Совети за поорганизиран и за поефикасен живот

Овој сајт всушност претставува дневен блог кој обезбедува совети, врски до корисни ресурси и бесплатни софтвери за преземање кои ќе ви помогнат поефикасно и попаметно да ги вршите своите работи и задачи. Блогот е многу наградуван и постојано се наоѓа при врвот на листите за најдобри сајтови од страна на читателите. Тој има и две интернационални изданија и тоа Lifehacker Australia и Lifehacker Japan.

Сајтот покрива програми за оперативните системи виндоус, мекинтош и линукс, со тоа што обезбедува совети и трикови за сите проблеми на кои можете да наидете. Најчесто, тоа се совети како нештата да ги направите побрзо и поефикасно не губејќи си го своето време, но и за тоа како поорганизирано и попрофесионално да ги изведувате работите. Иако главната поделба е токму таа, сајтот не е воопшто ограничен и на него можете да најдете совети дури и за готвење, поефикасно учење, шопинг, патувања и што ли уште не. Советите се најчесто претставени како видео туторијали со дополнително објаснување преку текст. Но, има и вести кои се состојат само од текст, а тие најчесто се пријавени од читателите на сајтот.

Доколку сметате, дека има нешто што вие знаете да го правите и тоа би било интересно за останатите, можете многу лесно истото да го споделите и тоа на следниов начин: се регистрирате на сајтот, потоа на насловната страница во празното поле „сподели“ го внесувате текстот, доколку сакате и сте во можност, прикачувате видео или слика и го испраќате. Потоа администраторите одлучуваат дали е тоа соодветно направено според правилата на веб-сајтот и, доколку е така, ќе биде објавено. Секојдневно излегуваат нови 20 содржини со совети. Многу интересно и олеснително е тоа што доколку веќе имате фејсбук профил нема потреба од додатно регистрирање, истиот можете да го употребите на блогот.

Доколку имате забелешки и прашања до администраторите, слободно можете да стапите во контакт со нив преку имејл или твитер.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: монотон
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.lifehacker.com

29 октомври 2009

Колку е часот во Рига?

Ако често патувате или пак не толку често, но сепак ја напуштате нашата земја на одреден период, сигурно правите редица подготовки пред да заминете: читате разни податоци за земјата и градот во кој ќе престојувате, барате мапи кои ќе ви помогнат да ги лоцирате културно-историските споменици кои вреди да ги видите, конвертирате валути и сл. Понекогаш треба да патувате во земја која е во друга временска зона. Без разлика дали е така или не, најдобро е ова да го проверите навреме, за да не пропуштите некој лет и секако за да можете да си го организирате времето таму. Еден веб-сајт кој ќе ви се најде во ваков случај е „локал тајм“.

„Локал тајм“ функционира многу едноставно. Впишете го името на градот и државата во која треба да патувате во полето за пребарување, кликнете на копчето Search и за кратко ќе го добиете одговорот на вашето прашање: “колку е часот во...?“ Добиените резултати покрај моменталното време, ќе ви прикажат и податоци кои се преземаат од други сајтови како википедија, панорамио, фликр, како и мапа, конвертор на валути, актуелни вести и сл. Значи, ги добивате сите важни информации на едно место. Секако, основна е информацијата за моменталното време.

Сајтот работи одлично и прецизно и претставува веб-локација која треба да се запамети во прелистувачот. Тој нуди и опција за поставување на виџети кои го покажуваат локалното време во одреден град на вашиот веб-сајт или блог.

Не прашувајте ги вашите роднини колку е часот во Лондон, кога спие вашиот пријател во Сан диего или кога е згодно време да се слушнете со вашиот бизнис соработник во Јоханесбург. За ова, прашајте го локал тајм.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: localti.me

28 октомври 2009

Сликата вреди повеќе од 1000 зборови

Правејќи ја вашата презентација или вашиот проект заклучувате дека ви недостасува идеалната слика или фотографија со која поуспешно ќе се ја извршите задачата. Со часови пребарувате по разни веб-локации и повторно не успевате да ја најдете сликата што ќе се совпадне со вашата замисла и ќе успее да го привлече вниманието на другата страна.

Фотоекспрес“ е извонредна локација која ќе ви помогне да го надминете проблемот без мака. Сајтот е всушност најголемата база,со преку половина милион слики со најдобар квалитет. Секојдневно се додаваат нови 1000 слики што покажува дека тимот кој стои зад овој проект се грижи корисниците секогаш да бидат задоволни и лесно да доаѓаат до тоа што им е потребно.

Правилата за користење се многу едноставни. За да можете да ги користите сликите потребно е да бидете регистрирани на сајтот, а тоа го правите бесплатно исполнувајќи ги стандардните услови и пополнувајќи формулар во кој внесувате основни податоци за себе. Со отворањето на вашиот личен профил, имате право да преземате 10 слики дневно, а бројката може да се зголеми доколку редовно го користите сајтот. Под ова се подразбира, дека доколку сакате да бидете во можност да преземате повеќе фотографии, вие ќе мора да го препорачате сајтот на вашите пријатели, да ги оценувате фотографиите и исто така и вие да прикачувате слики кои ќе можат да им бидат од корист на останатите корисници.

Сите слики се поделени во 22 рубрики, а исто така има и пребарувач кој многу ќе ви ја олесни работата. Можете да ги употребувате и комбинирано, односно доколку внесете збор во пребарувачот и добиете резултати за истиот, веднаш потоа можете да изберете една од категориите и ќе ги добиете само оние слики кои можат да се објаснат преку зборот и категоријата.

Многу важно е тоа што постојат и правила со кои на корисниците им се забрануваат некои начини на злоупотреба на добиените слики. Тие правила детално се објаснети во полето „одредби и услови“.

Дополнување: редовно
(од креаторите и од корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: премногу едноставен,
може малку да се поработи на него
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.photoxpress.com

27 октомври 2009

Научете преку видео

Видеоџаг“ е интересен сајт чија намена е да ви го поедностави животот и да ви помогне да најдете решение за секојдневните проблеми или пак да станете подобар во правењето на нештата кои ги сакате. Порталот всушност претставува колектор на видео-туторијали за секојдневни работи, од готвење и храна, технологија и коли, убавина и здравје, фамилија и едукација и што ли уште не. Моментално тој содржи повеќе од 60 000 вакви видеа и се надополнува секојдневно.

За полесно пребарување на она што ви е потребно, секое видео е сместено во посебна рубрика, која пак отвара дополнителни подрубрики кои ви овозможуваат без никаква мака да го најдете видеото кое ви треба. Во секој туторијал убаво е објаснет секој аспект кој може да не ви е јасен, а потоа се дадени одлични совети како полесно да направите нешто, а тоа да има одлични резултати.

Во рубриката „прашања и одговори“ слободно можете да поставите прашање или да претставите проблем на кој ви треба решение, на кој останатите читатели или пак администраторите ќе ви одговорат и ќе ви понудат решение. Исто така можете да ја погледнете листата на оние кои имаат поставено видеа и да ја следите нивната работа.

Повеќето видеа се направени од професионалци, но тоа не значи дека и вие самите не можете да прикачите видео, сè што треба е да се регистрирате и да го прикачите видеото, кое пред тоа треба да е соодветно направено според стандардите на сајтот, кои се објаснети преку видео туторијал.

Доколку ви се допаѓаат материјалите што сте ги погледнале, можете да ги оцените со што тие стануваат погледани, а нивните создавачи попопуларни.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.videojug.com

26 октомври 2009

Онлајн шопингот зема се поголем замав

Онлајн купувањето во нашата земја иако сеуште за луѓето е непознато, сепак мора да се констатира дека за релативно кратко време се појавија голем број на сајтови кој се обидуваат да го наметнат овој светски тренд и кај нас. „Степ“ е еден од нив, сајт кој всушност претставува огромна продавница за се што ќе ви падне напамет, од апарати за домаќинство, компјутери или било каква технологија до козметика,цвеќиња па дури и билети за концерти и други слични случувања.
Начинот за купување преку него е поедноставен дури и од купувањето на лице место. Се регистрирате оставајќи ги вашите лични податоци, кои според политиката за приватност ќе бидат безбедни, и потоа се што треба да направите е да го изберете тоа што ви е потребно. Секој производ се наоѓа во соодветна категорија од која можат да излезат и подкатегории кои уште повеќе ќе ви ја олеснат работата. Со селектирањето на некои од артиклите добивате и детални информации и слики за подетално да добиете визија за истиот. Откако ќе се одлучите притиснете ја кошничката и работат е завршена.

Потоа само треба да ја финализирате нарачката преку потврдување на адресата и на тоа што сте одбрале да го купите. Во полето за оставање на коментар можете да го прецизирате тајмингот кој го посакувате за испорака на нарачката. Плаќањето се врши само со платежни картички „Виза“ или „Мастеркард“ а се реализира преку „НЛБ Тутунска Банка“. За испорака во Скопје се доплаќа 100 денари, а за испорака било каде низ целата територија на Македонија доплатат изнесува 200 денари.

Доколку не сте задоволни од производите кои сте ги нарачале, истите можат да бидат вратени или заменети но мораат да бидат исполнети условите предвидени кои се однапред утврдени и објаснети во полето „враќање на производите“.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 1/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски, англиски
Адреса: www.step.mk

Патувајте заедно со пријателите

Иако патувањата се убава работа за многумина, тие значат и разделување со пријателите и блиските од семејството. За краткотрајни и повремени отсуства од родниот крај ова не претставува проблем, но кога патувате често и сте отсутни по подолго време, може да им недостигате на саканите или да им бидете потребни на соработниците, колегите и пријателите. За да не им објаснувате на сите поединечно кога и каде заминувате, известете ги сите одеднаш. Приклучете се кон заедницата на веб-сајтот „Ontheroud“ и почнете да споделувате информации за вашите следни патувања.

Ваквата можност ќе ја добиете откако ќе се регистрирате, каде што за секое патување можете да поставите неколку важни детали, како: времето на поаѓање и пристигнување, локацијата, местата на кои ќе застанете, опис, мултимедијални елементи и сл. Сето ова можете да го дополните со избор на соодветна графичка тема во зависност од локацијата, како и да изберете вашето патување да биде објавено јавно или приватно. Потоа, поканете ги вашите пријатели преку имејл. Но, тука не завршува приказната. „Ontheroud“ е на некој начин сервис за водење дневник од страна на патниците. Па така, вие можете да додавате нови точки кои ги посетувате, да ги надополнувате со забелешки и импресии, фотографии и видеосодржини. На крајот од секое патување, вие всушност сте направиле виртуелно патување кое претставува евиденција на целото ваше патешествие.

Сервисот може да се користи и од мобилен телефон (ајфон, како и кој било телефон базиран на виндоус мобајл или на андроид), со испраќање на имејл или СМС, а новите информации кои ќе ги поставувате можат да се објавуваат автоматски на вашите фејсбук и твитер профили. Вашите пријатели можат да коментираат на она што вие ќе го поставите.

На овој начин, ќе бидете постојано поврзани со вашите пријатели и со семејството и, ако ништо друго, ќе им овозможите интересен начин за доживување на вашите искуства. Сервисот е бесплатен.

Забелешка: во моментот на пишување на оваа рецензија, системот за поканување на пријатели не функционираше.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: сомнителна
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, чешки, германски
Адреса: www.ontheroad.to

20 октомври 2009

Пазарете во супермаркет, а сепак од домa

Дома“ претставува новитет кој ќе му го олесни секојдневието на секое македонско семејство. Сајтот всушност претставува онлајн СП маркет - одбирате производи, ги нарачувате, закажувате термин, избирате начин на плаќање и, во однос договореното, нарачката е доставена во вашиот дом, без притоа да заглавите во градскиот сообраќаен метеж или да чекате во долгите редици во супермаркетите трошејќи си драгоцено време.

Постапката е многу едноставна, треба да се регистрирате пополнувајќи формулар, во кој внесувате информации за себе, и потоа сте подготвени за шопинг. Го одбирате полето „е-супермаркет“ во кое преку 5 000 производи се распоредени во разни категории кои ви овозможуваат многу лесно да ги најдете оние кои вам ви се неопходни. Откако ќе ги најдете продуктите што ги сакате, одлучете која количина ви е потребна и одберете „додај во кошничка“.

Условот кој морате да го исполните за да можете да нарачате е кошничката да ја наполните со производи чија вредност ќе надмине 500 денари. Потоа избирате датум и термин во кој сакате производите да ви бидат испорачани и начинот на кој сакате да платите, со кредитна картичка или во готово, при самата испорака или пак со кредитна картичка преку интернет. Можете да оставите и порака доколку сакате да изненадите некого, а постапката завршува со потврдување на нарачката.

Моментално услугата е достапна само на подрачјето на Скопје и ќе ве чини додатни 80 денари од износот за вашата нарачка.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: соодветен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски, англиски
Адреса: www.doma.com.mk

16 октомври 2009

Деветтата уметност кај нас најактивна до сега

За сите скептици кои не веруваат дека кај нас постои стрип-сцена, група од нашите најдобри илустратори, сликари, сценаристи и аниматори, покрај секојдневните обврски, сепак пронаоѓаат време за повторното оживување на деветта уметност на нашите простори. Во недостаток на сериозен и соодветен македонски издавач на стрипови, тие се главни виновници за појавувањето на токму овој веб-сајт, кој овозможува сите љубители заедно да создадат подобро утро за нивната најголема пасија.

Сајтот е многу едноставен и симпатичен, а истовремено доста сериозен и амбициозен проект. Овозможува убаво да се запознаете со моменталната активна група која работи на ова поле, да ја погледнете нивната работа, па дури и да стапите во контакт со нив.

Како главен дел од сајтот, мора да се посочи, е форумот, кој редовно се дополнува од модераторите и членовите кои претходно мораат да се регистрираат. Посетителите на форумот можат да наидат на голем број на илустрации, анимации, стрип актуелности, дуели помеѓу стрип-уметниците и многу други интересни постови кои ќе ве забавуваат, насмеат, инспирираат, па дури и ќе ве подучат. На некој начин, овој сајт може да ви послужи и за своја промоција и да ви претставува отскочна даска доколку сакате да станете дел од македонскиот стрип-округ.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен и симпатичен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.makstrip.com.mk

15 октомври 2009

Па и не е се така црно-бело

Црно-бело“ претставува уште еден од многуте македонски информативни веб-сајтови кој е преполн со разни секојдневни информации од каков било карактер. Сите вести се поделени во рубрики, што овозможува полесно и поедноставно пребарување и читање на темите што го интересираат читателот.

Покрај редовните содржини, сајтот има и неделен хороскоп, галерии, временска прогноза за тековната недела, можност за онлајн гледање на популарни тв серии како и за слушање на вашите омилени радио станици. Како додатни услуги, на располагање се квизовите и тестовите од секаков вид, распоредот на театарски и кино претстави, а неизбежно е да се напомене дека има и конвертор за текстови од латиница на кирилица.

Црно-бело, за разлика од останатите слични сајтови, се разликува по тоа што на корисниците им овозможува да уживаат во играњето на огромен број онлајн игри сместени на дополнителен портал, на кој ќе бидете префрлени директно доколку ја одберете содржината „игри“. Доколку не сте регистрирани, имате право да изиграте 5 игри, а по регистрацијата дозволен е неограничен пристап до секоја игра. Со играње на некоја од игрите, вашето корисничко име може да се впише во ранг листата на најдобри играчи, а постои и листа на најпопуларни игри и уредно средена статистика.

Доколку ви се допаѓа сајтот можете да го подржите на „фејсбук“ или на „твитер“. Авторите на ова веб-локација овозможуваат и поставување на своја реклама, а цената зависи од големината и положбата која сакате да ја одберете.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен, класичен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.crnobelo.com

14 октомври 2009

Најголемиот извор за видеоигри во светот

Гејмспот” е одличен веб-сајт за љубителите на видеоигри, без разлика дали се тие наменети за компјутер или за која било играчка конзола: сони плејстејшн 2,3 или портабл, нинтендо ви и нинтендо деес, иксбокс 360, како и за ајфон и сите останати мобилни телефони. На сајтот можете да дознаете секаква информација за постарите и поновите видеоигри, па дури и за оние кои сè уште не се излезени на пазарот. За секоја видеоигра има напишано критика и и` е дадена оценка од експерти, заснована на повеќе критериуми: графика, приказна, перформанси потребни за употреба, ниво на соодветна тежина за користење итн.

Гејмерите, со претходно бесплатно регистрирање на сајтот, можат исто така да дадат свое мислење за играта и самите да определат која оценка ќе и ја дадат, со што се формира ранг листа на најдобрите игри според корисниците. Тие можат и да се дружат преку системот за муабетење и форумот на сајтот и да поставуваат најразлични прашања до администраторите во врска со игрите, на кои во соодветен временски период ќе добијат одговор. Под содржините, секој корисник може да остави и свој коментар и да отвори дискусија со останатите корисници.

Сајтот секојдневно подлежи на надополнување, со што на посетителите и корисниците им овозможува постојано да се во тек со свежи и најнови информации за игрите и содржините кои ги интересираат. За секоја игра има слики и видео материјали кои исто така можат многу да помогнат при изборот на корисникот.

Покрај сите овие предности на сајтот, важно е да се напомене и тоа што на него има и опција за директно преземање на демо верзии од игрите како и на разновидни додатоци за нив, кои овде ги добивате бесплатно, наместо да го губите времето барајќи ги по други посебни и небезбедни сајтови.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: гејмерски
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 9/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.gamespot.com

13 октомври 2009

Нов тренд во онлајн споделувањето - „Јаху мим“

Ако блоговите, тамбл-блоговите, сајтовите за споделување фотографии и видеа, оние за микроблогирање, како и сите сервиси кои на различен начин ги комбинираат социјалните медиуми не ни беа доволни, тогаш дефинитивно вистинско време е да го запознаеме „јаху мим“ – сајт за споделување текст, слики, видеа и песни, како и коментирање и препраќање на истите помеѓу корисниците.

Сервисот позајмува по некоја карактеристика од повеќе популарни сајтови, но начинот на кој ги комбинира е уникатен, поради што може да се очекува дека ќе предизвика интерес помеѓу корисниците. Регистрираните корисници можат, благодарение на прегледниот интерфејс, многу едноставно да споделуваат текст или мултимедијални фајлови. Текстот може да стои самостојно или да ги придружува мултимедијалните содржини, може да содржи и линкови, но во секој случај не може да надмине 2000 карактери. Објавените содржини од корисникот се прегледуваат од посебна страница од каде можат директно и да се избришат.

Сите објавени содржини од корисниците се јавни. Ако сакате нешто да чувате само за себе, тогаш ова не е сервис за вас. Доколку сакате да најдете интересни мими поставени од други корисници, тоа ќе можете да го направите од делот Find. Сите мими се јавни, а оние што ќе ги додадете за следење, ќе бидат видливи од едно место, од кое вие директно можете да ги поставувате и на вашиот профил. Ова се постигнува со избирање на опцијата Repost, која е аналогна на опцијата Retweet, која пак е популарна помеѓу микроблогерите. Повеќе пати поставените содржини стануваат попопуларни и добиваат повеќе видливост од останатите. Дополнително, на постовите може и да се коментира.

Сервисот е дел од „јаху“ и за да го користите треба да имате јаху кориснички сметка.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен, едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема (нов)
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, шпански, португалски
Адреса: meme.yahoo.com

08 октомври 2009

Претставување на Европската библиотека

Европската библиотека е бесплатен онлајн сервис кој овозможува пристап до 48 национални библиотеки од Европа, на 36 јазици, кои го гарантираат квалитетот и сигурноста на содржините кои ги нудат. Овој сервис е наменет за секој кој има потреба од какви било материјали, како што се книги, весници, списанија, постери, мапи, фотографии, музички и видео материјали итн.

Од минатата година Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје (НУБ) стана полноправен и рамноправен член на Европската библиотека. Како нејзин член, НУБ веќе има дигитализирано неколку содржини, но со оваа активност поактивно ќе се продолжи во иднина.

По тој повод, денес, со почеток од 10 часот, тие организираат јавно претставување на кое се поканети медиумите, претставници од високо-образовните иснтитуции, но и научници и истражувачи во сите области кои ќе имаат директна полза во својата работа, доколку одлучат да го користат овој неисцрпен ресурс за дигитални културни добра од Европа. Настанот ќе се одржи во склопот на библиотеката, во Центарот за конференции и студија, а со свои презентации ќе настапат претставници од проектниот тим на Европската библиотека, од Холандија.

Пребарувањето на содржините е едноставно и прецизно, бидејќи секој посетител, покрај внесување на клучниот поим за кој сака да побара информации, може да го наведе типот на содржината, односно форматот, да одреди во кои колекции да пребарува, на пример само во колекциите од некоја европска национална библиотека или во некоја тематски определена колекција, како и да користи напредно пребарување за да го определи авторот на делото, насловот, меѓународниот стандарден број за книги (ИСБН) и сл. Сајтот има и посебни секции со содржини кои служат за помош при совладувањето на начинот на кој тој може да се користи.

Посетете ја уникатната онлајн изложба на сајтот на Европската библиотека за да ги истражувате историјата и културата на Европа.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: соодветен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 10/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, германски, француски
Адреса: www.theeuropeanlibrary.org

07 октомври 2009

Уникатна онлајн продавница за луѓе со стил

Ако сакате уникатна облека, накит, чанти и други додатоци, ја цените рачната изработка и сте смели во градењето на вашиот стил, посетете ја онлајн продавницата „уникатно“. Овде ќе најдете колекција од блузи, џемпери, туники, чанти, накит, зимски додатоци, украси, капи, елеци и слична облека, каква што не можете да најдете на ниедно друго место. Секое парче е уникатно, а сè што ви се допаѓа и сакате да го купите, можете да го нарачате преку стискање на копчето „во корпа“, откако претходно ќе се регистрирате.

Доколку ви се допаѓа нешто што е веќе продадено, можете да побарате сличен производ или да поставите прашање за можноста за изработка на слично парче. Оваа веб-локација е и одлично место кое можете да го посетите доколку наидува нечиј роденден за кој сакате да приредите убаво изненадување со изборот на подарокот.

Нарачаните производи се подигнуваат од пошта, каде на цената на производот ќе треба да додадете уште некој денар за поштарина. Пратката би требало да ја добиете за 3-5 дена од моментот на нарачувањето.

За секој производ, претставени се одерени детали кои ќе ви помогнат во изборот, а начинот на прегледување и пребарување на разните видови облека е толку практичен, што понуденото за кратко ќе ви изгледа недоволно. За купените производи добивате гаранција од 10 дена за нивно враќање, за што ќе го добиете платениот износ назад.

И на крајот, доколку вие сте изработувачи на рачни работи, можете да се приклучите и вашите творби да ги направите достапни од галеријата на уникатно.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: пријатен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: нема
Политика за приватност: нема
посебно, но има кратка информација
Јазик: македонски
Адреса: unikatno.com.mk

06 октомври 2009

Креативна работилница за фотоалбуми

Класичните фотоалбуми кои зафаќаат место и прашина во нашите домови, веќе одамна не се интересни. Со развојот на дигиталните фотоапарати и нивните пристапни цени за многумина, веќе ретко кој развива слики во материјална форма. Напротив, луѓето денес ги полнат своите корисничките профили на „фликр“, „фејсбук“, „фотобакет“ и други.

Доколку сте луѓе на кои и ова не им е доволно и сакате да бидете во тек со сè што е ново и модерно, задолжително мора да го посетите „скрепблог“. Се работи за онлајн креатор на фотоалбуми кои вие самите можете речиси бескрајно да ги уредувате, и потоа, како такви да ги споделувате на социјалните мрежи. За да почнете да го користите, потребна ви е само интернет конекција и прелистувач. Ова значи дека нема потреба од преземање и користење на дополнителен софтвер или други ресурси. Целосно работи во прелистувачот, за која цел при неговото повикување се отвора нов прозорец. Регистрација ви е потребна само доколку сработеното сакате да го зачувате. Ако не сте сигурни дали сакате да се приклучите кон скрепблог-заедницата, тогаш тестирајте ја апликацијата пред да го направите официјалното зачленување, кое е инаку бесплатно.


Опциите овозможуваат изработка на фотоалбуми од нула, како и користење на готови шаблони кои соодветствуваат за разни прилики и содржини, а потоа се пополнуваат и уредуваат на саканиот начин.

Уредувањето на вашите креации подразбира додавање на слики кои вие ќе ги назначите директно од вашиот компјутер или од некоја веб-локација, нивно прилагодување според димензии, позиција и положба, додавање на разни графички елементи, позадини, рамки и нивно обработување по желба и вкус, текстуални елементи, музика, па дури и видеа. Единствен недостаток е што текстуалните елементи не можат да бидат напишани на кирилица. Сработените креации можете да ги споделувате со вашите пријатели на социјалните мрежи, со скрепблог-заедницата, или пак да ги зачувате на компјутерот. За печатење на креациите, можете да направите нарачка која секако се наплатува.

Дополнување: редовно (блог)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерн, прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.scrapblog.com