Се прикажуваат објави со етикета планови. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета планови. Прикажи ги сите објави

05 ноември 2009

Сакате да патувате, но не знаете каде?

Доколку сакате да заминете некаде да се одморите и релаксирате или пак едноставно сакате да одите на некој спортски настан, голем концерт, а не сте во можност да го губите времето посетувајќи ги сите туристички агенции со цел да ја одберете понудата која ќе биде соодветна на вашите очекувања и можности, овој веб-портал може многу да ви помогне и да ви ја олесни работата.

„Патувам“ претставува прв македонски веб портал кој ги агрегира понудите на многу наши туристички агенции. Понудите се распоредени во категории, зимувања, летувања, концерти, конференции, студирање и работа во странство итн. соодветно на типот на патувањето. Доколку веќе имате замисла која би била вашата дестинација, но ве интересираат останатите детали за некоја понуда, во делот „аранжмани“ можете да ги внесете податоците со кои располагате, па порталот да ви ги прикаже понудите соодветни на тоа што сте го побарале. Можете да ја погледнете и листата на туристички агенции од кои се црпат информациите за понудите и директно да го отворите нивниот портал или пак да дознаете каде е нивното седиште, телефонски број или имејл адреса за контакт. На него се објавуваат и интересни новости и статии кои соодветствуваат на понудите кои се актуелни во тој сезонски период.

Доколку ви е потребна информација за вадење виза, која сè уште е потребна за патување во поголемиот број земји од светот, на порталов уредно и детално е објаснета постапката, документацијата, па дури и цената потребна за вадење на истата. Во рубриката „Авио“ можете да добиете информации за нашите аеродроми и аеродромите на нашите соседни земји, доколку сакате да одберете понуда со авионски превоз.
Интересно за сите посетители е тоа што тие можат да споделуваат информации и искуства, раскажувајќи ги своите доживувања од патувањата на форумот на сајтот. За жал во моментот на пишувањето на оваа рецензија услугата не беше достапна.

Мора да се напомене дека сајтот не претставува туристичка агенција, ниту ги заменува таквите вршејќи ја нивната дејност и земајќи провизија од остварените туристички понуди. Едноставно тој служи за промоција на понудите и претставува алатка за овозможување на луѓето полесно да се информираат за најинтересните дестинации во светот.

Дополнување: редовно
Брзина: средна
Функционалност: солидна
Дизајн: едноставен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.patuvam.mk

31 октомври 2009

Вашите белешки и потсетници пристапни од веб во секое време

Денес е тешко човек да запамети сè што треба да направи во текот на еден ден или во период од неколку денови кои следуваат. Се живее брзо, динамично и непредвидливо. Нашата концентрација и сосредоточеност ни требаат за многу нешта. Не мора да се трошиме на помнење на работите кои треба да ги направиме. За тоа служат потсетниците. Секако, и понатаму можете да одлучите нив да ги лепите на вашиот фрижидер, да ги оставате на полицата до вашиот кревет или со нив да ја украсувате рамката на вашиот монитор на работното место. Но, ако сакате да бидете поефикасни, поекономични и попрактични, а вашата работа е поврзана со седење пред компјутер, тогаш можеби треба да разгледате и други опции. Опцијата која ви ја предлагаме денес се вика „листингс“.

Тоа е веб-локација на која откако ќе се регистрирате можете крајно едноставно да водите евиденција на вашите идни планови, обврски, задачи и сл., односно истите да ги поставувате во вид на белешки. На површината можете да лепите колку сакате белешки, да ги исполнувате со онолку текст колку што мислите дека ви е потребно за секоја, а потоа и да ја прилагодувате нивната големина и позиција на типот и количината на нивната содржина. Предноста е во тоа што, доколку сајтот го повикате од дома, ќе ви ги покаже истите белешки кои сте ги внеле или измениле додека сте биле на работа. Сајтот не е зависен од ниеден компјутер, туку само од интернет конекција. Со други зборови, со пријавување на истиот, вашите белешки се достапни од секаде. Го заборавивте мобилниот телефон дома и вашите белешки автоматски стануваат недостапни за вас. Трошењето на хартијата за белешки е нееколошко и неекономично. Затоа размислете за „листингс“. Позитивно и важно е што на сајтот е поддржано користење на македонското кирилско писмо.

Дополнување: од страна на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: скоро нема
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: listhings.com