Се прикажуваат објави со етикета рецензии. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета рецензии. Прикажи ги сите објави

15 ноември 2010

Онлајн катче за љубителите на пишаниот збор

Сакам книги“ е македонски веб-сајт кој се стреми да биде секојдневен извор на информации од областа на литературата. На сајтот ќе најдете голем број рецензии на книги кои треба да се најдат во вашата домашна библиотека, авторски дела на некои од корисниците, книги во електронско издание и разни новости за актуелните промоции или попусти.

Сајтот може да го користите и без да се регистрирате, но ако сакате да коментирате, пишувате рецензии или да споделувате ваши дела, препорачливо е да го направите тоа.

Дополнителна мотивација за да одвоите малку слободно време за придонес на сајтот е тоа што поредовните членови се често наградувани со книги од повеќето македонски издавачки куќи. Написите се поделени во повеќе жанрови, па така, може директно да преминете кон вашиот омилен и да одберете што ќе читате следно.

Уште една интересна функција на сајтот е можноста за онлајн купопродажба на книги. Ако сакате да продавате, огласете ја книгата со сопствена цена. Во другиот случај, одберете го огласот чија книга би сакале да ја купите.

Сакам книги може да го следите и преку страницата на Фејсбук и да ги читате сите новости или да дискутирате со големиот број фанови на сајтот.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен, функционален
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.sakamknigi.mk

14 октомври 2009

Најголемиот извор за видеоигри во светот

Гејмспот” е одличен веб-сајт за љубителите на видеоигри, без разлика дали се тие наменети за компјутер или за која било играчка конзола: сони плејстејшн 2,3 или портабл, нинтендо ви и нинтендо деес, иксбокс 360, како и за ајфон и сите останати мобилни телефони. На сајтот можете да дознаете секаква информација за постарите и поновите видеоигри, па дури и за оние кои сè уште не се излезени на пазарот. За секоја видеоигра има напишано критика и и` е дадена оценка од експерти, заснована на повеќе критериуми: графика, приказна, перформанси потребни за употреба, ниво на соодветна тежина за користење итн.

Гејмерите, со претходно бесплатно регистрирање на сајтот, можат исто така да дадат свое мислење за играта и самите да определат која оценка ќе и ја дадат, со што се формира ранг листа на најдобрите игри според корисниците. Тие можат и да се дружат преку системот за муабетење и форумот на сајтот и да поставуваат најразлични прашања до администраторите во врска со игрите, на кои во соодветен временски период ќе добијат одговор. Под содржините, секој корисник може да остави и свој коментар и да отвори дискусија со останатите корисници.

Сајтот секојдневно подлежи на надополнување, со што на посетителите и корисниците им овозможува постојано да се во тек со свежи и најнови информации за игрите и содржините кои ги интересираат. За секоја игра има слики и видео материјали кои исто така можат многу да помогнат при изборот на корисникот.

Покрај сите овие предности на сајтот, важно е да се напомене и тоа што на него има и опција за директно преземање на демо верзии од игрите како и на разновидни додатоци за нив, кои овде ги добивате бесплатно, наместо да го губите времето барајќи ги по други посебни и небезбедни сајтови.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: гејмерски
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 9/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.gamespot.com

22 мај 2009

Македонски сајт за мобилни телефони

Наспроти скромниот избор на содржини на интернет, напишани на македонски јазик, одредени теми изгледа особено им го предизвикуваат интересот на луѓето, па така и бројот на веб-сајтови кои ги покриваат овие теми е поголем. По втор пат во оваа рубрика анализираме македонски сајт за мобилни телефони. Овој пат, предмет на анализа е telefoni.com.mk.

Прво што може да се забележи е дека тој претставува уште една репликација на светски познатиот ГСМ Арена. Но, оваа копија е доволно вредна за споредување. Пред се, сајтот редовно се освежува со новости од областа на мобилната телефонија, а изобилува и со рецензии кои на посетителите ќе им помогнат во одлуката за избор на нивниот иден мобилен телефон. Кратките прегледи на спецификациите на разните модели на мобилни телефони се достапни преку менито од левата страна, што е речиси идентично со она на ГСМ Арена. Посетителите можат да ги оценуваат телефоните според дизајн, опции и перформанси, што ја создава општата оценка за секој од нив.

Многу корисен дел од сајтот претставува можноста за споредба на мобилни телефони, но и можноста за споредба на тарифни модели, и тоа како од исти, така и од различни мобилни оператори. Делот за споредба на тарифните модели е достапен и на англиски јазик.
Помеѓу останатите содржини на македонскиот сајт за мобилни телефони се и делот за преземање на позадини и ринг тонови, делот со информации за разни додатоци и оној каде можете да се обратите доколку сакате да го огласите вашиот стар мобилен телефон на продажба или пак да купите нечиј друг.

На telefoni.com.mk постои дел за контакт со авторите на сајтот, како и дел за рекламирање на истиот. Сепак, не е посочено кој се грижи за содржините, од каде тие се преземаат или кој е нивни комплетен автор. Во моментот на пишување на оваа рецензија, форумот на сајтот не беше достапен.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: класичен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: telefoni.com.mk

27 февруари 2009

Македонска верзија од ГСМ Арена

Љубителите на мобилната телефонија навистина имаат избор кога се работи за нивната потреба од заситување со информации од оваа област, но љубител или не, секој што некогаш побарал информација за мобилен телефон на интернет, сигурно неизбежно се сретнал со ГСМ Арена (www.gsmarena.com). Како и да е, предмет на оваа рецензија не се калвитетот и популарноста на овој веб-сајт, туку карактеристиките на ГСМ Македонија, што претставува македонска варијанта од ГСМ Арена.

И покрај тоа што сличноста е очигледна, не може да се оспори квалитетот на овој веб-сајт, па и трудот кој забележливо константно се вложува. Посетителите можат да пребаруваат одредени модели на мобилни телефони за да добијат комплетна листа со спецификации, можат да огласуваат и да наоѓаат огласи кои ги погодуваат нивните интереси како потенцијални купувачи, да разменуваат мислења и знаења преку форумот и да читаат новости и рецензии на македонски јазик. Делува дека веб-сајтот содржински е препуштен во рацете на еден автор, но тој е скоро на секоја содржина културно потпишан, што е проследено и со датумот на објавување на истата. Ова се две важни карактеристики кои барем до некаде влијаат на начинот на кој ќе ја перципираме веродостојноста на напишаното. Покрај рецензиите за телефоните, во посебна категорија можат да се прочитаат и општи ИТ рецензии со занимлива тематика.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: класичен
Навигација: практична
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 1/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.gsmmkd.com

Он-лајн продавница за вашите омилени музички артисти

Со се поголемиот пораст на продажбата и зачестеното купување преку интернет, се зголемува и бројот на он-лајн музички продавници кои нудат голем избор на музички продукти.

Артистик
директ е супер организарана веб-комуна која ви нуди широк избор на песни, музички албуми, филмови како и секакви видови на информации од светот на музиката, популарната уметност и џет сетот.

Веб-порталот содржи корисни податоци за рејтингот на музичките изданија, потоа, кориснички рецензии, како и податоци за музичките артисти од секаков тип. Меѓу другото, на ова интересно место можете да најдете информации за закажаните концерти низ целиот свет како и можност да се снабдите со влезници за истите.

Со прекрасен дизајн, прегледни навигациони менија, и многу интересни и корисни содржини, може да се каже дека артистик директ, го зафаќа топ местото меѓу високо рангираните забавни веб-портали.

Високо препорачано!

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: одличен
Навигација: добро организирана
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен Бројач: нема
РСС/АТОМ: има
Гугл ранг: 6/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: www.artistdirect.com

Напишано од Миша Вучиќевиќ