16 јуни 2011

Доктори пишуваат за здравјето

Бидејќи здравјето е најважно, информации на оваа тема секогаш се добредојдени, а уште повеќе ако доаѓаат од стручни лица како докторите. Токму вакви информации ќе може да најдете на веб-сајтот „Доктори“ на кој редовно се објавуваат содржини на македонски јазик.
Веб-сајт со совети за здравјето дадени од докторите
Самиот веб-сајт е дело на повеќе автори, доктори на медицина, стоматолози и претставници на здравствени установи. Како што самите кажуваат на сајтот, информациите ги нудат со цел да помогнат во разбирањето на здравствените проблеми и да поттикнат на размислување за здравјето. Нивниот слоган е: „Живеј мудро. Живеј здраво“.

Содржините се поделени во неколку категории и тоа: медицина, стоматологија, животен стил, вежби, исхрана и занимливости. Во секоја од нив можете да најдете интересни информации и совети, како на пример: информации за тоа како настануваат алергиите, корисноста на морската сол за здравјето и убавината, вежби за цело тело или за трудниици и сл.
Интересен дел од сајтот е и мапата преку која може да пребарувате здравствени установи и спортски и рекреативни центри, според специјалноста и градот во кој се лоцирани. На овој начин може лесно да ја лоцирате, на пример, најблиската установа за педијатрија. На мапата, бесплатно може да се додаде која било установа од оваа област.

Секој доктор на медицина, доктор на стоматологија или претставник на некоја здравствена установа може да стане дел од тимот на „Доктори “.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: прегледен
Навигација: добра
Пребарувач: има
Клучни зборови: има 
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: doktori.mk

03 јуни 2011

Дознајте со која партија најмногу се согласувате

За првпат во историјата на македонската демократија, преку веб-апликацијата „Гласомер.мк“ граѓаните имаат можност директно да ги споредат политичките понуди на партиите што учествуваат во избори со своите ставови и мислења.
Веб-сајт со кој може да дознаете со која политичка партија најмногу се согласувате
Гласомер функционира на тој начин што граѓаните одговараат на 54 прашања во долгата верзија, односно 31 прашање во кратката верзија, поделени во 8 области, со цел да го проверат нивото на согласување на своите ставови со ставовите на политичките партии во Македонија. На овој начин граѓаните имаат можност да дознаат и многу повеќе за декларираните ставови на политичките партии по низа прашања поврзани со јавните политики во клучните општествени области.

Сите политички партии во Македонија добиле покана да одговорат на едноставен прашалник и на тој начин да ги известат граѓаните за своите ставови, мислења и намери. Најголем дел од клучните политички субјекти ја искористиле оваа можност за транспарентен контакт со електоратот и нивните одговори се внесени во системот.

Со објавување на Гласомерот, Фондацијата „Метаморфозис“ од Скопје во соработка со граѓанските здруженија „Зашто не“ од Сараево и „ЛиНет“ од Белград, ја продолжува регионалната иницијатива за примена на нови технологии за едукација на гласачите и поголема транспарентност на политичките субјекти поддржана од американската непрофитна фондација НЕД, финансирана од Конгресот на САД, како дел од напорите за развој на демократијата во регионот.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: одличен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема 
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: непознат
Политика за приватност: има
Јазик: македонски, албански 
Адреса: glasomer.mk

23 мај 2011

Информации за фармерите

Земјоделството претставува многу важна гранка која придонесува за развојот на македонската економија. Кога на земјоделците би им биле достапни повеќе информации и совети во врска со оваа гранка, тоа уште повеќе би помогнало во нејзиниот развој. Веб-сајтот на Федерацијата на фармерите на Република Македонија (ФФРМ) токму тоа и го прави: нуди совети, информации и документи со кои можат да им ја олеснат работата на фармерите.
Веб-сајт со корисни информации за фармерите
Се работи за Федерација, односно здружение на граѓани чија цел е да ги заштитува економските, социјалните и културните интереси на фармерите. На нивниот веб-сајт редовно, во категоријата „Вести“, објавуваат најави за настани, соопштенија и други информации од оваа област. Во категоријата „Совети“ нудат совети од неколку области на земјоделството: градинарство, лозарство, овоштарство итн. Обично се работи за совети за проблеми со кои фармерите се соочуваат секојдневно во нивната работа, како на пример: справување со штетни организми, нови методи и технологии кои се употребуваат во сточарството, механизација и слично.

Категоријата „Документи“  може да биде особено корисна за фармерите. Тука ФФРМ нуди документи кои можат да помогнат во работата на фармерите: различни брошури, закони кои ги засегаат фармерите, информации за ИПАРД програмата и сл.

Преку календарот на саеми, пак, фармерите  може да се информираат за датумите на одржување на саемите за земјоделци во Македонија, но и во светот.

Сите содржини на сајтот се бесплатни и не е потребна регистрација за истите да се користат.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: добар
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.ffrm.org.mk

16 мај 2011

Направете си веб-сајт со „Jux”

Сега е навистина едноставно и за оние кои не се ИТ-едуцирани да си направат сопствен веб-сајт. Единствено, потребно е да знаете англиски јазик и да имате трпение да ги склопите сите работи заедно.
Сервис со кој на едноставен начин може да креирате свој веб-сајт
Jux” е платформа која ги комбинира принципите на отворениот код и „Криејтив Комонс”. Ви овозможува да направите неограничен број сајтови, бесплатно и да ги исполните со вашата содржина, било да се работи за комерцијален бизнис или за личен експеримент.

За да ја користите оваа платформа потребно е да се регистрирате и да отворите корисничката сметка. Понатаму, создавањето сајт е прилично лесно. „Jux” има готови теми/урнеци на кои може да работите за да го креирате вашиот сајт, а тие се приспособливи, па може да ги уредувате како сакате.

Платформата ви овозможува да додавате различни копчиња, галерии со слики, да вградувате клипови од „Јутјуб”, РСС фидови, копчиња за лајк на „Фејсбук”, копчиња за споделување на други социјални мрежи и многу други опции. Меѓу другото, „Jux” ви овозможува слободен пристап до кодот на страницата.

Најдобро од сè е што платформата не ви наметнува досадни реклами или брендирање. Секако, сајтовите кои ќе ги создадете, во својот домен ќе ја содржат додавката „jux.com”, па доколку сакате сопствен домен, ќе треба да платите.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.jux.com

12 мај 2011

Вашиот водич до случувањата во другите градови

Тајм-аут” е веб-сајт кој ви овозможува да патувате низ светските метрополи без воопшто да го напуштите вашиот дом. Всушност, овој сајт е своевиден водич низ светските туристички локации. „Тајм-аут” нуди увид во популарните ресторани, барови и пабови, хотели, музеи и атракции, фестивали, места за класична музика и опера, уметност, театар, кабаре, книги и поезија, спортување и фитнес, шопинг, и што уште не. Овие информации кои би ви се нашле корисни при планирање посета на некој град.
Веб-сајт со информации за светските туристички дестинации
На „Тајм-аут” ќе најдете статии за многу светски дестинации, од Абу Даби, до Пекинг, Бејрут, Буенос Аирес, Кејп Таун, Куала Лумпур, Кјото, Њујорк, Чикаго, Мајами, Москва, Мелбурн, па се до оние нам поблиските европски градови, како Лондон, Париз, Лисабон, Загреб и други.

Овој сајт всушност претставува електронска верзија на магазинот „Тајм-аут”, но информациите кои ќе ги најдете се сосема доволни за да ви го задржат вниманието и да ви се најдат корисни при посета на некоја метропола.

Дополнување: непознато
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.timeout.com

11 мај 2011

Пронајдете рецепт според состојките со кои располагате

Несомнено постојат голем број на извори со рецепти за подготовка на вкусна храна. Но, голем дел од нив можеме само да си ги замислиме, првенствено бидејќи не располагаме со состојките потребни за нивна подготовка. Веб-сајтот „Мајфриџфуд“ е малку поразличен, бидејќи ги зема предвид состојките со кои располагате и ви препорачува рецепти кои реално можете да си ги дозволите.
Веб-сајт кој предлага рецепти според состојките со кои располагате
Потребно е само да ги изберете состојките кои ги имате во „фрижидерот“ и да го притиснете копчето „Search receipes“. На почетната страница е дадена исцрпна листа на состојки, поделана во неколку категории, како на пример: пијалаци, млечни производи, сосови, зачини, тестенини и сл. Сервисот ќе ги пронајде и ќе ви ги предложи само оние рецепти кои ги содржат состојките кои ги имате обележано. При тоа, за секој предложен рецепт, ќе ви укаже на тоа колку проценти од потребните состојки поседувате и колку од задолжителните ви недостасуваат. Листата на пронајдени рецепти можете да ја филтрирате со избор на соодветен тип храна, како на пример: вегетаријанска или нискокалорична, или со одредување на максималниот број на калории. Со избирање на конкретен рецепт добивате целосен увид во состојките и начинот на подготовка.

Доколку сакате, може и да се регистрирате на сервисот со што ќе може да ги зачувате вашите состојки за некое идно пребарување. Како регистриран корисник ќе може и вие да поднесете свој рецепт и на тој начин да ја збогатите базата со која располага „Мајфриџфуд“.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: прегледен
Навигација: добра
Пребарувач: има
Клучни зборови: има 
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: myfridgefood.com

10 мај 2011

Веб-сајт за млади новинари

Во последно време, тинејџерите сè помалку време одвојуваат за читање книги, литература, дневен печат, а уште помалку за создавање содржини. Но, на веб-сајтот „Медиум“ може да се прочитаат написи токму од младите новинари.
Веб-сајт со написи од млади новинари
Самиот веб-сајт е дел од проектот „Медиум“  на дневниот весник Нова Македонија и Високата школа за новинарство и за односи со јавноста. Наменет е првенствено за средношколци и тинејџери, кои сакаат да пишуваат и учат за новинарството и медиумите.

На веб-сајтот се објавуваат написи на теми кои обично ги интересираат средношколците како на пример: мода и училиште, популарни личности, настани кои ги одбележуваат средношколските денови и слично. Тие се дел и од месечното издание на „Медиум“ кој излегува како подлисток на дневниот весник Нова Македонија, како и од онлајн изданието, кое е достапно на самиот веб-сајт. 

Сајтот е поделен во неколку категории, но во поголем дел од нив се повторуваат исти написи. Најверојатно со понатамошниот развој, ќе дојде до диференцирање и пополнување и на останатите категории. Интересна е категоријата „Папарацо“ во која  може да се погледнат слики направени од самите средношколци или иницијативата за избор на „најкул“ професор со која секој средношколец може да гласа пополнувајќи го онлајн формуларот за свој „најкул“ професор.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: прегледен
Навигација: добра
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има 
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: medium.edu.mk

05 мај 2011

Конвертирајте датотеки во различни формати

Сервисот „Замзар“ овозможува конверзија на различни типови датотеки од еден формат во друг.
Сервис кој овозможува конверзија на датотеки во различни формати
Користењето на сервисот е бесплатно. Потребно е само да го прикачите документот чиј формат сакате да го промените, а потоа да го изберете оној во кој сакате да го конвертирате. Притоа, може да прикачите 5 категории датотеки и тоа: документи од програм за канцелариско работење, слики, музика, видеа, е-книги, компресирани документи и CAD документи, креирани во програмата AutoCAD. Сервисот поддржува различни формати за секој од горенаведените  категории. Истите може да ги прегледате во делот „Conversion Types“. Секоја прикачена датотека може да биде голема до 100 MB.

Конвертираната датотека ќе може да ја симнете преку линкот што ќе го добиете на имејл адресата која сте ја внеле при прикачување на датотеката.

Доколку сакате, можете да се претплатите на сервисот за да добиете дополнителни погодности, како на пример: прикачување датотеки големи до 1GB или пак лично онллајн складиште големо 100GB.

Интерфејсот и навигацијата на сервисот се едноставни и интуитивни.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: zamzar.com

04 мај 2011

Како функционира животот?

Како функционира животот” е веб-сајт со интересни препораки за секојдневни теми. Овде може да прочитате за 3-те работи кои компаниите за осигурување на автомобили не сакаат да ги знаете, како штедливите мајки добиваат 70% попуст на најдобрите работи за нивните деца, новата тајна диета на Холивуд, каде да најдете часовници и накит поевтини за 80%, итн.
Веб-сајт со практични совети за функционирањето на животот
Во повеќето од статиите се промовираат или препорачуваат одредени производи или пак истите содржат вметнати врски кои ве пренасочуваат за да добиете повеќе информации.

Содржината на сајтот е поделена во 9 категории: бизнис, кариера, финансии, здравје и убавина, животен стил, врски, шопинг, технологија и патување. На дното од почетната страница може да ги видите и популарните теми и популарните статии.

Објавените текстови генерално ви даваат совети или ви кажуваат како функционираат некои работи во животот, па може да ви се најдат корисни.

Статиите од „Како функционира животот” може да ги споделите на социјалните медиуми.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.howlifeworks.com

03 мај 2011

Пополнувајте ПДФ документи онлајн

Сервисот „Fillanypdf“ овозможува пополнување формулари, кои се зачувани како ПДФ документи. Бидејќи ваквиот формат на документи сè почесто се среќава во употреба, овој сервис навистина може да биде многу корисен. Наместо документот да се печати, па потоа да се пополни, скенира и да се праќа, со овој сервис сè може да се заврши електронски.
Веб-сајт кој овозможува електронско пополнување на ПДФ документи
Единствено што треба да се направи е да се избере документот и да се прикачи, при што сервисот ќе го отвори во својот работен прозорец. Со користење на лентата со алатки, документот понатаму може да се уредува, односно да се внесе саканиот текст, да се означат одредени делови, да се додаде електронски потпис и сл. На крајот, пополнетиот документ може да се симне.

Доколку се регистрирате, прикачениот документ ќе може и да го споделите, поврзете со линк или да го вградите на вашиот веб-сајт со што и други луѓе ќе може да го пополнуваат.

Освен прикачување на ваши формулари, сервисот овозможува пребарување и користење на веќе изработени формулари од други корисници.

Бесплатната регистрација дозволува зачувување на еден и уредување на пет други формулари, додека месечната претплата од 19 долари, овозможува зачувување на 100 формулари и уредување на дополнителни 1000.

Доколку документите не ви требаат онлајн, бесплатно можете да прикачувате неограничен број ПДФ фајлови. Во тој случај, секој ПДФ треба да го пополните и уредите, после што веднаш треба да го преземете и избришете за да ослободите простор за следниот документ на кој ќе сакате да работите.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.fillanypdf.com

29 април 2011

Корисни информации за авантуристи кои патуваат низ Европа

Доколку спаѓате во групата луѓе кои се авантуристи и сакаат да патуваат со својот ранец низ Европа, тогаш „Врвниот водич за туристи низ Европа” е наменет токму за оние како вас. Тука ќе најдете информации за превозот во земјите низ Европа, популарните дестинации, рецензии на хостели, како и форум со дискусии за прашања поврзани со патувањето во различни земји.
Веб-сајт за авантуристи
Во делот кој се однесува на превозот, понудени се информации за сите видови превоз кои ви се достапни, како: евтини авионски карти, превоз со автобус, возење, планинарење, железнички линии или возни билети. Во делот, пак, за рецензии на хостели, може да видите некои хостели кои постојат во градот каде одите, адреса и контакт, но и да прочитате коментари и искуства од оние кои веќе го посетиле.

Освен интересните податоци кои може да ви се најдат, на пример, која е минималната возраст за да изнајмите автомобил во одредена земја, какви се сообраќајни правила, информации за паркинзи и обезбедување гориво, „Врвниот водич за туристи низ Европа” содржи врски до други корисни сајтови или провајдери на услуги во други земји со што дополнително ви ја олеснува работата.

Доколку сакате да се информирате за дестинации надвор од Европа, „Врвниот водич за туристи низ Европа” ве пренасочува на некоја од неговите регионални страници кои се однесуваат на местото кој ве интересира.

Ако сè уште не сте се одлучиле за следното патување, посетете го овој сајт и најдете ја вашата дестинација.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  5/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.bugeurope.com

27 април 2011

Лоцирајте корисни интернет-алатки брзо и едноставно

На веб-сајтот „Ајтулс“ можете да најдете различни интернет алатки кои често се  користат во секојдневното работење, како на пример: веб-пребарувачи, речници, конвертор на парични единици и сл. Со цел да го намали потребното време за наоѓање на секоја од овие алатки поединечно и на тој начин да ни го олесни работењето, овој сајт ги нуди сите нив на едно место.
Веб-сајт со корисни интернет алатки
Алатките се поделени во неколку поголеми категории: „Информации“, „Јазик“, „Медиуми“, „Интернет“ и „Пари“. Секоја од овие категории содржи соодветни поткатегории, кои пак ги содржат конкретните алатки. Така на пример, ако од категоријата „Јазик“ ја изберете подкатегоријата „Речник“, сервисот ќе ве пренасочи кон страница на која се наоѓаат сите веб-речници кои ги предлага овој сервис: Гугл речник, Урбан речник, Вики речник итн. На оваа страница се прикажува првата алатка од листата и истата можете веднаш да ја користите. Останатите се набројани под неа.

За секоја алатка, откако ќе ја изберете, веднаш под името е претставен и краток опис.

На почетната страница, под главните категории, можете да ги видите најновите и најпопуларни алатки на веб-сајтот.

Ве оставаме да го пребарате сајтот и да си ги лоцирате алатките кои сметате дека ќе ви користат. Интернетот нуди голем број алатки за олеснување на работењето за кои не сме ни свесни.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 8/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: itools.com

21 април 2011

Во чекор со најновите трендови во внатрешното уредување

Трендир” е веб-сајт каде постојано се објавуваат најновите вести за производи и трендови поврзани со внатрешното уредување на домот. Доколку сакате да ги следите најновите случувања и иновации на ова поле, „Трендир” ви овозможува да бидете чекор понапред.
Веб-сајт со најновите вести за внатрешно уредување на домот
„Трендир” е корисен за оние кои го уредуваат својот нов стан, реновираат или можеби бараат идеја за уредување на својот дом. Секако, вашата реакција ќе биде „О боже!” кога ќе ги видите сите иновативни и авангардни дизајни.

Статиите можете да ги разгледувате од главното мени каде се поделени во категориите: дизајн на куќи, ентериери, ултрамодерни, апарати за домаќинство, вечери и забави, домашна автоматизација, модерни дворови и идеи за дизајн.

Исто така, од десната страна на страницата, истите статии се категоризирани поконкретно, па така, може да разгледувате само статии кои се однесуваат на мебел за бањата, туш кабини, плакари и гардеробери, масички за телевизор итн.

Иако можеби не сте во можност да набавите некои од производите на нашиот пазар, „Трендир” сигурно ќе ви послужи да добиете инспирација.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.trendir.com

19 април 2011

Проверете ја брзината на вашата интернет конекција

Сигурно некогаш ви се случува да забележите дека имате проблеми со брзината на вашата интернет конекција. Со сервисот „Спидтест“ можете многу брзо и едноставно да ја проверите. Истовремено може да споредите дали вашиот интернет провајдер ви ја обезбедува ветената брзина.
Веб-сајт кој овозможува да ја проверите брзината на вашата интернет конекција
Единствено што треба да направите е да ја изберете опцијата „Begin test“. Сервисот ќе ве лоцира според вашата IP адреса и веднаш ќе ја измери брзината на вашата интернет конекција, односно брзината за качување и симнување на содржини. Добиените резултати, преку графичкиот приказ, ќе може да ги споредите со просечните резултати со кои располага сервисот или пак да ги споделите со вашите пријатели на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер.

Доколку ја искористите можноста да се регистрирате бесплатно, ќе добиете неколку дополнителни услуги, како на пример: пристап до сите претходни резултати и нивно уредување од различни компјутери.

Како регистриран корисник, може да ја користите и опцијата „Speed wave“ која им овозможува на корисниците меѓусебно да се натпреваруваат со резултатите од нивните мерења. И ова претставува интересна можност за споредување на вашата брзина со брзината на останатите корисници.

Сервисот е достапен и за корисниците на Андроид-базираните мобилни телефони.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.speedtest.net

15 април 2011

Разменете ги вашите идеи и добијте инспирација

Размена на идеи“ е сајт на кој нема да поминете повеќе од 10 минути. Сајтот претставува социјален експеримент на креативците од Хајпер Ајленд - училиштето за дигитален маркетинг во Шведска. Целта на сајтот е да послужи за размена на идеи помеѓу луѓето. Па така, сè што треба да направите е да напишете некоја ваша стара идеја или цел, на пример „Да го посетам Лондон“ или „Да направам столче од рециклирана хартија“ и да го стиснете копчето за размена. За возврат, ќе добиете нечија туѓа идеја. Процесот може да го продолжите додека не наидете на идеја која навистина ви се допаѓа.
Веб-сајт за размена на идеи
Замислата е да ги искористите идеите кои не сте ги употребиле и да ги размените со идеите на другите луѓе кои патем може да ви се најдат корисни. Процесот може да биде барем малку инспиративен, па затоа ви препорачуваме да пробате.

Ако не друго, посетете го овој сајт заради неговата иновативна идеја. Можеби ќе ве поттикне конечно да го фрлите стариот мебел, да посвоите милениче, да дадете отказ, да изградите спејс шатл и да го прошетате светот.

Дополнување: непознато
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 3/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.theideaswap.com

14 април 2011

Светските рецепти на едно место

Колекцијата на светски домашни рецепти“ е сајт на кој ќе најдете рецепти за храна од целиот свет. Рецептите ги собрале Лора Лав и Сторм Вајлдер уште во 1993 година кога пишувале готвач. Базата содржи над 3000 рецепти од целиот свет и продолжува да расте.
Веб-сајт со колекција на светски домашни рецепти
Рецептите може да ги разгледувате по категории, по земјата од која потекнуваат, но и по азбучен ред според името на рецептот. Секако, може да пребарувате и според состојки. На пример, доколку внесете одредена состојка, како „јагоди“ во пребарувачот, тој за вас ги наоѓа рецептите кои го содржат овој збор.

На дното на рецептите има рејтинг кој ги претставува оценките на корисниците за конкретниот рецепт во однос на едноставноста при приготвувањето, брзината и целокупното задоволство.
Нека не ве залажува застарениот дизајн на „Колекцијата на светски домашни рецепти“ бидејќи овој сајт има што да понуди. Сега е навистина лесно да си подготвите белгиски мус од јагоди или пилешко со брокула во сос од јогурт и кари на индиски начин.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  5/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: recipes.wuzzle.org

13 април 2011

Испратете ѝ порака на иднината

Како би се чувствувале доколку на некој иден датум добиете електронска порака испратена од самите вас, но од минатото? Морничаво, интересно, забавно...? Сајтот „Futureme“ овозможува да ѝ се обратите на својата иднина, односно на личноста во која сметате дека ќе прераснете, со испраќање електронска порака која ќе ви стигне на вашата имејл адреса на датумот којшто вие ќе го одредите.
Веб-сајт со кој можете да ѝ ипратите порака на вашата иднина
Така, на овој начин може да размислите за тоа што навистина сакате да станете или за конкретни работи кои сакате да ги направите во иднина, а со добивање на самата порака да се потсетите и да споредите дали тие навистина се оствариле. Пораката може да ви послужи како инспирација, како алатка со која ќе може да го споредите вашето минато со сегашноста или пак добар начин да си приредите изненадување на самите себеси (како на пример, со испраќање порака за вашиот следен роденден). Самиот слоган на сајтот е дека мемориите се помалку точни од електронските пораки.


Пораките можете да ги испратите како приватни или, ако сакате да ги споделите со другите корисници на „Futureme“, како јавни, но анонимни. Значи, на сајтот можете и да прочитате пораки кои другите корисници си ги имаат праќано на себеси.

Сервисот можете да го користите без да се регистрирате, но со регистрацијата добивате дополнителни можности како: преглед на сите испратени пораки, нивно уредување и бришење и сл. Најдобро е да користите лична имејл адреса, зашто таа ќе биде онаа на која ќе ви стигне вашата „порака од минатото“.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: futureme.org

11 април 2011

Започнете го денот со позитивна мисла

На секој од нас сигурно добро би ни дошло, повремено, да слушнеме по некоја позитивна мисла која би нè оттргнала од секојдневните проблеми и би нè потсетила на вистинските животни вредности. Веб-сајтот „Оптимизам“ токму тоа и се обидува да го постигне: нуди мисли, цитати, приказни кои ја истакнуваат позитивната страна на нештата.
Веб-сајт со позитивни мисли, цитати, приказни...
Самиот слоган на сајтот е: „Сакајте! Смејте се! Живејте!“. Така, тука ќе најдете инспирирачки мисли на тема: љубов, добрина, живот, знаење, пријателство... Дел од нив се мисли од познати писатели, како на пример оваа од Балзак: „Добрината што ги соединува две суштества во едно е толку ретка, колку што е ретка и вистинската љубов. И едното и другото е раскош што си го дозволуваат само убавите души“.  Интересни се и поучните приказни и цитати од дела на автори кои се занимаваат со оваа тематика, како Антони де Мело, Калил Џибран и Габриел Гарсија Маркез.

Освен текстуални содржини, во делот „Галерија“ може да најдете слики и видеосодржини поврзани со овие области. Сајтот може да го следите и на Фејсбук.

И за крај, еве уште една мисла од многуте на сајтот: „За да бидеш среќен не значи дека треба сè да ти е совршено. Потребно е само да одлучиш да погледнеш надвор од несовршеноста“.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.optimizam.mk

04 април 2011

Урбаниот стил на Скопје

Скопје Урбан Стил“ е нов сајт кој функционира од 2011 година. Содржината која ќе ја најдете тука е скроена за оние кои сакаат да погледнат добра стрит и урбана мода.
Сајт со фотографии од луѓе кои ја следат стрит и урбаната мода
Сајтот фунционира на тој начин што секојдневно се објавуваат фотографии од модерни луѓе во Скопје, кои се одликуваат со индивидуална креативност, кои ги следат најновите трендови и урбаниот стил. Ликовите се индивидуи затечени од објективот на авторите некаде низ скопските улици.

Со отворање на сликите може да прочитате кратки информации за личностите на сликите, како нивното име, возраст, висина, омилени марки, да оставите коментар и да гласате за нивната модна комбинација.

Сликите можете да ги разгледувате и по категории како: познати личности, жени, мажи, во пар, ноќна смена, подвижни додатоци, и урбан стил. Исто така, не пропуштајте да ги прочитате малите модни филозофии на влијателните имиња од светската модна сцена кои ќе ве пречекаат на почетната страница.

„Скопје Урбан Стил“ може да го следите на Фејсбук и Твитер.
   
Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг:  нема
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.skopjeurbanstyle.com

31 март 2011

Зоолошка градина на град Скопје

Зоо Скопје” е сајт на зоолошката градина на град Скопје, институција која е оформена уште во далечната 1926 година. Сајтот се одликува со мошне пријатен и едноставен дизајн. Штом ќе го отворите ве пречекуваат зелена заднина и карактеристични сликички од животинки.
Веб-сајт со информации за зоолошката градина- Скопје
На менито од левата страна ќе најдете кратки линкови до повеќе информации за оваа институција, нивното работно време и цени, правилата на однесување, актуелните новости, животните...

Меѓу другото, „Зоо Скопје” има за цел да информира, преку делот за актуелни новости од десната страна на страницата, како и преку категоријата „Во медиумите” каде може да ги прочитате вестите од медиумите во врска со оваа институција.

Но, сајтот, исто така, има и едукативна функција. Имено, на страницата „Животни”, ќе ги најдете животните класифицирани во 3 категории: влекачи, птици, цицачи, а во секоја од категориите ќе најдете опис и кратки информации за секое животно.

Иако, на сајтот ќе забележите можност за негова англиска верзија, сепак, тој во моментот функционира само на македонски јазик.

На „Зоо Скопје”  можете да се регистрирате со цел да добивате информатор преку електронска пошта, а секако, може да ја следите и нивната страница на Фејсбук.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: zooskopje.com.mk

30 март 2011

Промовирајте ги вашите веб-содржини брзо и едноставно

Доколку сакате написите од вашиот блог или веб-сајт да допрат до што е можно поширока публика, тогаш „Деливерит“ е алатката која може да ви помогне да ја остварите вашата цел. Се работи за сервис кој автоматски ги објавува написите од вашиот веб-сајт на социјалните мрежи, како Твитер и Фејбук.
Сервис кој автоматски ги објавува вашите веб-содржини на социјалните мрежи
За да го користите сервисот потребно е првин да креирате своја корисничка сметка. Процедурата е навистина едноставна бидејќи сè што треба да направите е да внесете валидна имејл-адреса и лозинка. Потоа, треба да го внесете изворот, односно URL-то на вашата веб-локација и дестинацијата, односно социјалната мрежа на која сакате вашите написи да се  објавуваат. Притоа, „Деливерит“ ќе побара дозвола за поврзување на двете кориснички сметки. Доколку изберете тоа да биде Фејсбук, дополнително може да определите дали написите да се објавуваат на вашиот профил или пак, на некоја од страниците или групите кои ги администрирате.

Со оваа креирате една рута, на која подоцна можете да вршите прилагодувања: од една страна на изворот (да изберете на колку време да се проверува изворот за нови написи, колку максимум написи на ден да се објавуваат, да определите текст кој ќе се објавува со секој напис и сл.) и од друга страна на дестинацијата (да изберете дали написот да се објави во вид на линк, како ажурирање на статусот или сл.). Прилагодувања може да се вршат и на самата рута, каде што на пример можете да го смените скратувачот на линкови: наместо dlvr.it, тоа да биде bit.ly.

Во секој момент може да го паузирате автоматското објавување, да го смените изворот или дестинацијата или целосно да ги отстраните истите.

Сервисот нуди и статистика на посетеност на вашите објави.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: dlvr.it

29 март 2011

Релаксирајте се со вкусни коктели

После еден напорен ден, сигурно добро би ви дошло мало освежување во вид на вкусен коктел. Сајтот „Коктели“ со своите содржини ќе ви помогне да го изберете вистинскиот вкус и ќе ви даде инструкции и совети како да го подготвите.
Веб- сајт со информации и рецепти за подготовка на вкусни коктели
„Коктели“ нуди колекција на рецепти за коктели кои може да ги пребарате по азбучен ред, по име на  коктелот или според состојките. За секој коктел се дадени неговите состојки, начинот на подготовка и типот на чаша во кој треба да го послужите. Доколку не можете да се одлучите за некој конкретен рецепт, погледнете ја категоријата „Најпопуларни коктели“ или пак „Денешни предлози“, во кои секојдневно се објавуваат по три рецепти.

Во делот „Совети“, пак, ќе најдете корисни информации кои ќе ви ја откријат магијата на коктелите. Така, тука ќе најдете опис на состојките на коктелите, нивното значење и правилниот начин на употреба за да се добие вистинскиот вкус и арома. Исто така, корисни се и советите за правилна замена на еден тип алкохол со друг, како и оние кои се однесуваат на другите состојки. Сето ова во комбинација со сите други трикови и занимливости кои можете да ги најдете на сајтот, може да направат да се почувствувате како вистински коктел-мајстор.

Доколку сакате и вие може да предложите свој рецепт со пополнување на едноставниот формулар.

Сајтот има дизајн кој сигурно ќе ве инспирира да подготвите некој од предложените коктели. Единствено, навигацијата може да биде малку збунувачка, бидејќи главното мени, кое обично очекуваме да се најде на врвот на страницата, овде е поставено на дното.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: одличен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: kokteli.mk

24 март 2011

„Тејстспотинг“ - вкусовите на различната храна опишани во детали

Тејстспотинг“ е сајт кој претставува своевиден агрегатор на написи за различни рецепти, јадења, видувања за храната, ресторани или речиси сè што е поврзано со кулинарството. Текстовите во детали ги опишуваат различните вкусови на храната, чувствата, емоциите, доживувањата на авторите, а најчесто ги споделуваат и рецептите за опишаните јадења.
Сајт со  рецензии на вкусни јадења
Сајтот е оформен во јануари 2007 година и е предводен од идејата дека се храниме преку нашите очи, па така, вниманието кај секој напис ќе ви го задржат прекрасните фотографиите од опишаната храна. На „Тејстспотинг“ ќе најдете рецепти, референци, искуства, приказни, производи, сите инспирирани од различните вкусови.

Написите се класифицирани според датумот, но може да се пристапуваат и преку тематски категории, како и според популарност или по случаен избор. Разгледувајќи го сајтот, едно е сигурно, ќе посакате да каснете нешто вкусно.

Рецензиите, најчесто се написи од различни блогови кои ги поднесуваат корисниците. Доколку и вие сакате да споделите ваше видување за одредена порција храна, потребно е да се регистрирате.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  5/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.tastespotting.com

23 март 2011

„Дизајнмег” – интересни содржини за дизајнери и програмери

Дизајнмег” е веб-сајт, веројатно најинтересен за оние кои се занимаваат со дизајн и програмирање. Секако, и другите корисници ќе најдат нешто што ќе им го задржи вниманието, на пример, интересни написи за старомодни реклами, или веб-дизајни инспирирани од природата, избор на прекрасни веб-сајтови, инспиративни детски илустрации и многу други дизајни.
Веб-сајт со содржини наменети за веб-дизајнери
На сајтот може да најдете подучувања за дизајн, ресурси, инспирација, и интервјуа на оваа тематика. Целта на сајтот  е да ја привлече заедницата на дизајнери и програмери и тие да се вклучат колку што е можно повеќе преку поднесување вести, полнење на галеријата, пишување постови, и оставање коментари.

Сајтот изобилува со мноштво корисни работи за луѓето од оваа бранша, а содржината постојано се обновува што значи дека може да бидете во тек со најновите случувања и алатки од светот на дизајнот.

„Дизајнмег”, исто така, ви овозможува да пополните формулар и да ги ангажирате момците од тимот за да ви помогнат со некаква дизајнерска работа.

 Сајтот може да го следите на Твитер.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг:  6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.designm.ag

22 март 2011

Ѕидот на музиката

Uwall“ е сајт кој ви овозможува мошне брзо и едноставно да пристапите до музиката од вашите омилени музичари. Дизајнот е прилично интересен, бидејќи веднаш штом го отворите сајтот, ви се прикажува ѕидот на изведувачи, од кои е потребно само да изберете што сакате да слушнете.
Сајт со кој може да ги лоцирате видеоспотовите од вашите омилени изведувачи
Во горниот лев агол на почетната страница можете да го изберете жанрот од кој сакате да ги погледнете музичарите на ѕидот. Доколку не можете да го лоцирате она што сакате да го слушнете, едноставно внесете го името на изведувачот во пребарувачот и тој ќе го најде за вас.

Откога ќе го изберете изведувачот се отвора нов прозорец во кој се пуштаат видеоспотовите од артистот кој сте го избрале. Сервисот ви ги предложува најпопуларните песни од изведувачот, а ви нуди и музичари кои изведуваат сличен тип на музика или се од истиот музички жанр.
„Uwall“ е едноставен и брз начин да уживате во музиката што ја сакате.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: uwall.tv

14 март 2011

Не испуштајте ги родендените на вашите блиски

Роденденски аларм” е сајт кој ќе ви ги скрати маките кога се работи за паметењето родендени и одбирање роденденски картички за вашите роднини, пријатели и познаници. Сè што треба да направите е да отворите корисничка сметка која е бесплатна, а понатаму е многу едноставно. Со корисничката сметка добивате потсетници за родендени и настани, покани и алатки за планирање, како и повеќе од стотина бесплатни електронски картички.
Веб-сајт со кој нема да ги заборавите родендените на вашите најблиски
Сајтот е основан во 2001 година со цел да им овозможи на луѓето едноставен начин за помнење родендени, но поради позитивниот фидбек, креаторите додале и дополнителни можности.

Со отворањето сметка, сајтот ви овозможува да ги поканите вашите контакти да бидат дел од вашата листа за роденденски честитки. Внесувањето контакти во листата можете да го направите и рачно. Потоа, непосредно пред нивниот роденден ќе ви пристигне известување на имејл кое ќе ве потсети да им испратите електронска честитка, која може да ја изберете од многуте понудени на сајтот.

„Роденденски аларм”, освен роденденски картички, нуди и картички за други пригоди, празници, годишнини, новогодишни и божиќни честитки, љубовни и многу многу други. Некои од електронските честитки се статични, а некои анимирани, но секако тука може да најдете нешто за сечиј вкус и да изненадите некого за нивниот роденден кога најмалку го очекувале тоа од вас.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.birthdayalarm.com

11 март 2011

Креирајте свои анимации онлајн

GoAnimate“ е сервис кој овозможува да креирате свои анимации на лесен и едноставен начин. Најверојатно до сега сте мислеле дека анимациите ги прават луѓе со посебни технички познавања и особена креативност, што е секако вистина. Но, со помош на „GoAnimate“ и вие ќе можете да креирате анимации без претходни технички познавања од оваа област.
Сервис за креирање на анимации
За да го користите сервисот, потребно е првин да креирате своја корисничка сметка. „GoAnimate“ ви нуди можност да го направите тоа бесплатно или пак со претплатување со што ќе добиете дополнителни можности и функционалности. Во секој случај, бесплатната варијанта нуди доволно опции за почетници.

Откако ќе завршите со регистрацијата, „GoAnimate, ќе ви помогне да ги направите првите сцени од анимацијата преку воведен курс кој се состои од едноставни инструкции. Така на пример, следејќи ги инструкциите, прво ќе изберете сцена во која ќе се одвива дејството, ќе додадете карактер на истата, потоа глас на карактерот и сл. Опциите на работната површина се прилично интуитивни, така што по завршување на воведниот курс, ќе можете сами да продолжите со градење на анимацијата. Единствено што е потребно е да дозволите вашата креативност да дојде до израз.

Откако ќе ја креирате анимацијата можете да ја снимите и споделите со вашите пријатели на социјалните мрежи или преку опцијата Embed да ја прикачите на вашиот веб-сајт или блог.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, шпански
Адреса: goanimate.com

10 март 2011

Резервирајте карти за културни и спортски манифестации онлајн

Купи карти за сè“ е нов веб-сајт на македонскиот веб-простор на кој може да се информирате за најновите културни и спортски манифестации, како и да извршите онлајн резервација на карти.
Веб-сајт на кој можете да резервирате карти за  културни и спортски манифестации
Веб-сајтот е всушност сопственост на нова македонска компанија чија цел е да понуди единствен систем на продажба на влезници за културни и спортски манифестации во Македонија, но и надвор.

На веб-сајтот редовно се објавуваат написи за настаните кои ги покрива „Купи карти за сè“ со кратки информации за самиот настан, датумот и местото на одржување, како и информации за цената на влезниците. Особено е корисна опцијата со која преку сајтот можете да резервирате карти за настанот што сакате да го посетите и на тој начин да го осигурате вашето присуство. Резервацијата се прави со едноставно пополнување на формуларот во кој треба да ја внесете вашата адреса за електронска пошта, бројот на карти и да ја изберете локацијата од која ќе ги подигнете картите. „Купи карти за сè“ има воспоставено продажна мрежа на целата територија на Македонија, за што преглед ќе добиете во делот „Продажни места“.

Ве оставаме да уживате на некој од претстојните настани: концерт на Фејтлес на 22 март, Пол Ван Дајк на 1 април...

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.kupikartizase.com