26 септември 2007

Библиотеката на латински текстови

„Библиотеката на латински текстови“ овозможува пристап до дела напишани на некогашниот официјален административен јазик на ниво на обединета Европа, вклучително и на Македонија.

Библиотеката содржи низа класични текстови од познати автори од антиката до средниот век, од познатите оратори на Републиката, историчарите и поетите на Римското царство, до светите отци кои го обликувале христијанството. Овој материјал може да им биде од полза на луѓето заинтересирани за класичните студии, но и на другите јазичари.

Текстовите се скенирани од извори во јавна сопственост или прибрани по интернет, често од сајтови кои во меѓувреме се затворени. Со тоа, овие дела на некој начин двојно се спасени од заборавот, но се презентирани без превод и коментари, за разлика од сличните сајтови со високо академско ниво. Авторот отворено ја признава таа ситуација во делот „За овие текстови“ и дури и препорачува посета на некои од нив, како што се Персеус и Форум романум.

Сајтот е изведен во чист ХТМЛ код со дизајн базиран употреба на основни табели без декоративни графички елементи. Ова придонесува кон создавање на впечаток на негубење време и фокусирање на читањето, а овозможува и поголема брзина на вчитување и видливост пред машините за пребарување. Веројатно од таа причина и се покажува меѓу првите кога се пребарува на Гугл со клучни зборови поврзани со латинското културно наследство.

Дополнување: баталено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: латински
Адреса: www.thelatinlibrary.com
Датум на пишување: 21.09.2005.

Блогот на Махмуд Ахмединеџад, претседателот на Иран

Иранскиот претседател Махмуд Ахмединеџад има отворено официјален блог наменет за директна комуникација со јавноста преку интернет, со можност за поставување прашања и давање коментари, како и учество во анкета.

Во својот прв и засега единствен пост, г. Ахмединеџад ја изложува автобиографијата, осврнувајќи се на историските услови во неговото детство под власта на марионетскиот шах, исламската револуција и војната со Ирак. Постот е прилично долг за еден блог и подобро би било да бил поделен на повеќе продолженија, секој со својата под-тема. Дури и самиот автор на крајот на постот вели дека во иднина ќе пишува покусо и со поедноставен стил.

Најпознатиот ирански блогер Хосеин Деракшан, кој живее во Торонто, вели:
„Ахмединеџад е популист, а не фундаменталист. Сепак, сеуште не сум убеден дека тој навистина блогира... Треба да почекаме да видиме како ќе се развива сајтот... Ако тој продолжи да пишува и веб-сајтот стане вистински блог, тогаш треба да бидеме среќни. Во тој случај властите нема да го забранат блогирањето во Иран, сè додека Ахмединеџад остане популист.“
За изработка на веб-сајтов се применети најнови технологии, но во последните денови често е недостапен, можеби заради преоптеретеност на серверот од премногу посети. Посебен вкус на искуството го дава и англискиот превод, исполнет со невообичаени конструкции кои веројатно го одразуваат начинот на пишување на официјален персиски.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: споро
Функционалност: недокажана
Код: АСПЏ
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: најавен
Гугл-ранг: 0/10 (нов сајт)
Јазици: персиски, арапски, англиски
Адреса: www.ahmadinejad.ir
Датум на пишување: 14.08.2006.

25 септември 2007

Центарот Симон Визентал

Симон Визентал во популарната култура е познат како ловец на нацистички воени злосторници кои по Втората светска војна се неказнети криеле низ светот. Центарот Симон Визнетал има за цел да го зачува сеќавањето на Холокаустот преку поттикнување толеранција разбирање преку активности во заедницата, образовни програми и општествена акција. Како НВО е акредитиран во ОН и УНЕСКО, а има канцеларии во неколку светски метрополи.

Сајтот пренесува вести за активностите на организацијата, а служи и како одскочна даска за неколку други поврзани сајтови, меѓу кои се Музејот на толеранцијата и Мориа филмс – студио за документарци кое се има закитено и со Оскар. Особено интересен дел е недоволно истакнатиот Мултимедијален центар за учење којшто нуди огромно количество информации во лесно достапна и читлива форма. Кај овој потсајт, употребата на мали сликички е многу добро изведена, особено во делот за навигација.

Апликациите како можноста за добивање известувања преку имејл и донирање преку електронска трговија го зајакнуваат капацитетот на сајтов, чии нови содржини се свртени кон промовирање на некои современи еврејски ставови во врска со тековни настани и состојби.

Дополнување: често
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: www.wiesenthal.com
Датум на пишување: 30.07.2005.

22 септември 2007

Македонска асоцијација за информатичко општество

МЕСА е национална асоцијација на локални фондации за развој на информатичката технологија, основана е во 2005 година, за да обезбедува услуги за општините, граѓаните и за локалните бизниси. МЕСА е формирана со помош на УНДП, со цел да обезбеди за своите членови организација на акумулираното знаење, вмрежување, застапување на интересите на нејзините членови пред властите и пред јавноста.

Една од најзначајните карактеристики на МЕСА е нејзината географска поставеност, регионално обезбедувајќи покриеност на целата територија на земјава. На овој начин, МЕСА е мрежна организација со многу активно присуство и на локално ниво, што е од особена важност за постоечкиот процес на децентрализација во земјата.

Една од последните значајни активности на МЕСА е учеството во проектот за поддршка на иницијативи за е-владеење засновани на слободен софтвер на локално ниво, при што нејзини членки имаат спроведено обуки и помош во миграција на Линукс и Опен офис во низа општини.

Освен јавниот дел, веб-сајтот на асоцијацијата содржи и дел наменет за интерна комуникација на нејзините членови, заштитен со лозинка.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Јазик: македонски и англиски
Адреса: www.mesa.org.mk
Датум на пишување: 21.08.2007.

Викискенер

Викискенер или Скенерот на Википедија е алатка создадена од Вирџил Грифит и објавен на 14 август 2007. Се состои од јавно достапна база која може да се пребарува а содржи податоци кои поврзуваат милиони измени на Википедија со организации од чии компјутери се извршени тие промени. Податоците се добиени со споредба на податоците за измените со блоковите на ИП-адреси во сопственост на организациите.

Целта на Грифит со овој некомерцијален проект била „да предизвика мали катастрофи во односите со јавноста“ за определени неомилени компании и организации, кои се осудуваат да се наметнуваат со вандализам и дезинформации во написите за контроверзни теми.

Авторот на Википедија Џими Велс го смета Скенерот за „прекрасен“ придонес кој ја подига транспарентноста на системот на ново ниво.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: автоматски
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: минималистичка
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: нема (тазе сајт)
Јазик: англиски
Адреса: wikiscanner.virgil.gr
Датум на пишување: 21.08.2007.

Уметникот Немо Рамџет

Немо Рамџет е уметник кој се занимава со необични теми, како на пример што би било кога диносаурусите не изумреле по ударот на метеорит, туку би еволуирале во интелигентни суштества. Овој „мисловен експеримент“ го предложил канадскиот палеонтолог Дејл Расел во 1982, а врз основа на него се развиени разни шашави „теории на заговор“, но и интересни уметнички експерименти.

Делата на Рамџет спаѓаат во вториот вид, а се занимаваат со карактеристиките на таквите диносауруси и делата на нивната пештерска уметност. Според него, тие не би биле многу слични на луѓето, туку повеќе би наликувале на птици способни да користат алатки.

Како и обично за ликовните уметници, веб-сајтот претставува портфолио кое содржи и други циклуси, како и информации за другите проекти, информации за контакт, како и линкови до други веб-простори кои ги гради авторот: неговиот блог и фотоблог.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.nemoramjet.com
Датум на пишување: 21.08.2007.

19 септември 2007

Нова шема на блогот „Веб-сајт на денот“

Веројатно имате забележано дека не сите написи од рубриката „Веб-сајт на денот“ кои излегуваат во печатеното издание не се појавуваат и на веб-сајтот од „Време“. Затоа решив да прекинам со синхронизирање на датумите на написите на блогот „Веб-сајт на денот“ и таму да ги ставам сите написи што ги имам во архива на хард диск.

Недостаток на овој пристап е што текстовите не се лекторирани, но затоа подготовката за на блог одзема далеку помалку време, кое особено се трошеше на наоѓање на линк до написот во веб-изданието на весникот. Вака, на принцип кога може и кому иде, сметам дека ќе се овозможи и поредовно освежување на содржините на блогов.

10 септември 2007

Хај Балкан - балкански хај фајв

Хај Балкан е платформа за социјално вмрежување наменета за балканците, која им нуди можност да постават свој профил, да бјавуваат слики, блогови и други мултимедијални и текстуални содржини, да се запознаваат и дружат со потенцијални сексуални и социјални партнери.

Иако ова не е прв сајт од овој вид на нашиве простори, интересно е што намерава да има поширок регионален опфат, иако основниот интерфејс е само на англиски. Дополнително, ова е веројатно првиот веб-сајт во Македонија кој нуди можност неговите видеа да се вметнат (ембед) во кодот на други веб-сајтови, во стилот на Ју тјуб. За разлика од стандардот, кога видеото се прикажува на друго место, во него нема линк назад кон Хај Балкан.

Основниот ризик со овој тип сајтови се однесува на приватноста - што прават со личните податоци на корисниците, кој и како одговара при злоупотреба или крадење на идентитетот, како и крадењето на сликите на корисниците кои се присилуваат да се согласат да ги отстапат авторските права со чинот на качување. Пред да стане популарен, Хај Балкан има шанса да ги надрасне ваквите пречки преку објавување транспарента политика за приватност и авторски права.

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: нема (тазе)
Јазик: англиски, македонски и др.
Адреса: www.hibalkan.com
Датум на пишување: 10.09.2007.