12 јули 2005

Ходер - најпознатиот ирански блогер

[лекториран]

Хосеин Деракшах – Ходер е роден техеранец, кој од 2000 година живее во Торонто. Емигрирал откако властите го затвориле весникот во кој работел како колумнист, а тој сега како блогер и активист се залага за јакнење на демократијата во родната земја, во која само интернет-медиумите како блоговите (iranianblogs.com) делумно остануваат надвор од контрола на цензорите на режимот (stop.censuring.us).

Блогот на Ходер, насловен „Јас, уредник“, е насочен на „Иран, технологијата и поп-културата“ го прави интересен за читање и за оние што не ги интересираат многу можните идни дестинации за „извезување слобода“ преку испраќање воен и реконструкциски персонал од нашата земја.

Според највлијателното светско технокултурно списание „Вајерд“, се проценува дека 5 од 69 милиони Иранци користат Интернет и одржуваат околу 100.000 блога. Во споредба со нашата земја, бројот на општи корисници изгледа слично (нема податок за методологијата за да се направи точна споредба). Поразително е споредувањето на процентот на блогери во однос на населението – кај нас се стотина од 2 милиони – што значи дека модерна Персија е 30 пати „појака“ во блогерство од Македонија.

Пробив кај иранските блогови направила употребата на стандардот уникод, којшто овозможува пишување и читање со персиско писмо на веб. Истиот стандард се користи и за нашата кирилица. Одговорните тела на РМ наводно имаат пропуштено во светските асоцијации за стандаризирање да напоменат дека во нашата азбука има и букви со надредни знаци (и, е), па дури и стандардните фонтови од кириличната поддршка на „Мајкрософт“ не ги прикажуваат како што треба според правописот.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: на ден-два
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: HTML/мувабл тајп
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски и персиски
Адреса: www.hoder.com

Нема коментари: