16 јули 2005

Блогот на Моби

[лекториран]

Моби е обожавател на ‘Фолтин’, поборник за толеранција и најголем македонски пропагатор на ликот и делото на мечето Ушко. Неговиот 13-месечен (значи речиси и прв) блог е хиперсентиментален и искрен до болка. На Моби му се случува одвреме-навреме да премине во длабока конфузност и апстракција за повторно да исплива на врвот со досетлив и конкретен пост. Позитивна оцена за разноликост на теми, оригинален стил и отвореност,“ вели Ана-Марија Светозаров, експертка за блогирање.

Благодарение на поставениот јавен бројач, во врска со овој блог може да се забележи дека голем број посети се преку машини за пребарување (Гугл, Јаху), што е добро, иако не е карактеристично за македонските блогови. Ова веројатно се должи на долговечноста и постојаноста на држењето ритам, но и на тоа што при блогирањето Моби користи само латиница, кон која странските пребарувачи имаат поголем афинитет отколку кон македонската кирилица. Транскрипцијата е врз база на редукција, што блогот го прави уште малку потежок за читање („c“ наместо „ch“ и слично).

Пофално за блогов е што употребата на додавки (анкети и слично) не ја нарушува визуелната рамнотежа.

Новост во светот на македонското блогерство е што од неодамна и сајтот „Маседониа срч“, во соработка со пребарувачот „Најди!“, на насловната страница покажува линкови до најновите написи од македонските блогови. Ова веќе има позитивен одраз на посетеноста и на популаризацијата на оваа гранка на електронското издаваштво преку која граѓаните можат да ги искажуваат своите мислења и ставови, без да зависат од естаблишментот.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: на ден-два
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ-блогер
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: македонски
Адреса: kajsibemoby.blogspot.com

Нема коментари: