28 јули 2005

Ок-Купидон – бесплатно наоѓање партнер(к)и и тестови

[лекториран]

Ок-Купидон е сервис за пронаоѓање љубовни, дружељубиви, сексуални и други видови партнери и партнерки преку веб. За разлика од многуте слични, користењето на овој е бесплатно, а пронаоѓањето соодветни сродни души и тела е, наводно, екстремно точно, под услов корисникот искрено да одговара на прашалниците и да знае што сака.

Работата на овој сајт не се заснова само на поставување огласи, туку, пред се на математичко споредување на особините на корисниците и пронаоѓање погодни партнери со помош на технолошки решенија врз база на психологијата. Авторите на сајтот се математичари, кои во најголем број имаат завршено на Харвард, а самиот сајт почнал како научен проект во рамките на студиите.

Сајтот ги споредува податоците од прашалниците, но и целокупното однесување на корисникот, кое се следи, за да дознае што повеќе за него или за неа и врз база на тоа да ја определи сличноста со други корисници. Доверливоста на податоците е загарантирана со строги правила на приватност кон кои се обврзуваат авторите, кои изјавуваат дека мразат спем и дека нема да го продадат идентитетот на корисниците на трети лица или фирми.
Она што ја намалува цената на постоење на сајтот е користењето едноставни, но функционални ХТМЛ-елементи, без потреба да се ангажираат извикани дизајнери. Корисниците може да поставуваат и свои фотографии како дел од претставувањето, од чии мали верзии добиени по случаен избор е направена и ефективната и брза анимација со затемнување и осветлување во Јаваскрипт на насловната страница.

Во крајна линија, човек не мора да стане член на сајтот за да ги решава официјалните, но едновремено и вицкасти, тестови, како на пример „тестот на смртта“ (пресметува приближно кога ќе умрете врз база на ваши особини, околина и навики), „тестот за ороспиство“ (во врска со сексуалната активност), „тестот на гејдар“ (дали ви работи радарот со којшто, демек, откривате дали некој друг е хомосексуалец или не), „политичкиот тест“ (која политичка идеологија ви е најблиска)... или некој од над 10.000 тестови направени од самите корисници – некои научни, некои сосем исчашени.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП, ЈС и др.
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.okcupid.com

Нема коментари: