[лекториран]
„Букаро – човек со мисија. Сака да стане писател - и ќе стане, па макар и по цена сите да го мразат. Во меѓувреме, имаме директен пренос на тоа како јаде тулумби, зборува на ‘мирц’ и озборува познати битолски легенди. Можеш да го мразиш, можеш да посакаш да му побараш телефонски број, но нема шанси да поминеш мирно покрај неговиот блог,“ вели Ана-Марија Светозаров, највлијателната македонска експертка во практичната примена на оваа технологија, во ексклузивната изјава за „Сајт на денот“ наменета за пренесување „инсајдерска“ перспектива за содржините на најзначајните македонски блогови.
До блогот на Букаро може да се дојде преку неколку адреси за редирекција. Иако тој е поставен на Блогер, до него водат и crticka.tk (со попапи, лош избор) и новата bukarski.com. Употребливоста на стандардниот блогерски дизајн ја нарушува тоа што сите текстови се напишани со „болд,“ односно здебелени букви, што го отежнува читањето.
Пофално за него е што има поставено јавнодостапни бројачи на посетеност, од кои се гледа и дека линкови до неговиот блог имаат поставувано разни важни сајтови, а и тој самиот има остварено доста себепромоција со претходното учество на форумски сајтови.
Делата на Букаро (Алекс Букарски) ги нема само на Интернет. Тие го имаат пробиено „дигиталниот јаз“ – негови раскази објави и списанието „Маргина“, бр. 68, во делот посветен на младата македонска проза.
Иако можеби нема да им се допадне на претставниците на образовно-книжевниот и јазички естаблишмент, младите писател(к)и како Букаро, кај кои користењето информатички и телекомуникациски технологии е секојдневие, кое се прелева и во делата, се иднината на македонската литература. Иднината што е пристигната.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност:одлична
Код: HTML/блогер
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: преку Најди!
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
Гугл-ранг: 2/10
Јазик: македонски
Адреса: www.bukarski.com
Нема коментари:
Објави коментар