Се прикажуваат објави со етикета следење. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета следење. Прикажи ги сите објави

28 јануари 2011

Сите контакти на едно место

Ако и вашите контакти се наоѓаат на неколку различни места на интернет, тогаш „Гист“ е вистинската алатка со која сите нив ќе ги донесете на едно место, при што ќе добиете целосен преглед на вашата лична социјална мрежа.
Сервис кој ви помага да ги донесете сите контакти на едно место
Притоа,  „Гист“ овозможува и автоматско следење на активностите на вашите контакти, така што наместо посебно да ги посетувате социјалните мрежи, тука ќе можете да ги видите најновите ажурирања (постови, твитови или пак статуси) од секој ваш контакт.

За да го користите „Гист“, потребно е да направите своја корисничка сметка. Откако ќе го направите ова, следниот чекор е да ги поврзете вашите сметки за електронски пораки со „Гист“. Притоа сервисот ќе побара дозвола за пристап до истите. Истото ова ќе треба да го направите и со вашите профили на социјалните мрежи, како на пример Twitter и Facebook. Доколку имате контакти и на некое друго место, импортирајте ги и нив.

Откако ќе го креирате вашиот профил, на „таблата“ (dashboard) на „Гист“, ќе ги видите најновите ажурирања од вашите контакти, а во јазичето „People“  ќе може да ги прегледате сите внесени контакти. Сервисот ви овозможува  да ги пребарувате контактите по име, по датумот кога се внесени во „Гист“, а нуди и други корисни опции.

„Гист“ може да го инсталирате и на вашиот мобилен телефон или пак како додаток на вашиот веб прелистувач.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: http://gist.com

26 август 2010

Вашите омилени блогови на едно место

„Блоглавин“ е едноставно идеалната веб-локација за сите оние кои паралелно сакаат да следат повеќе блогови. Сајтот овозможува следење на омилените блогови на корисниците на едно место, на едноставен начин.

При вашата прва посета на овој веб-сајт, ќе ви биде понудено креирање на кориснички профил преку кој подоцна ќе можете да ги прелистувате блоговите кои ги следите. На почетната страница на блоглавин се прикажани најпосетените и највисоко рангираните постови од изминатата недела. Покрај опцијата да пребарувате блогови според нивното име, блоглавин ги групира блоговите и според тема и посетеност. Откако ќе го изберете блогот кој сакате да го следите, се отвора неговиот профил на кој пишува колку луѓе го следат, која тема тој ја обработува, колку постови објавува неделно во просек, кус опис на блогот и слични блогови на тој.
Профил според вашите лични интереси за информирање од популарни блогови
Откако ќе ги изберете сите блогови кои ќе ги следите, нивните нови постови ќе се појавуваат на вашиот профил веднаш откако ќе бидат објавени. На блоглавин има и опција постовите кои ви се допаднале да ги обележите за подоцна да можете да ги разгледувате. Секоја новост која веќе сте ја отвориле автоматски се означува како прочитана.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: bloglovin.com

13 октомври 2009

Нов тренд во онлајн споделувањето - „Јаху мим“

Ако блоговите, тамбл-блоговите, сајтовите за споделување фотографии и видеа, оние за микроблогирање, како и сите сервиси кои на различен начин ги комбинираат социјалните медиуми не ни беа доволни, тогаш дефинитивно вистинско време е да го запознаеме „јаху мим“ – сајт за споделување текст, слики, видеа и песни, како и коментирање и препраќање на истите помеѓу корисниците.

Сервисот позајмува по некоја карактеристика од повеќе популарни сајтови, но начинот на кој ги комбинира е уникатен, поради што може да се очекува дека ќе предизвика интерес помеѓу корисниците. Регистрираните корисници можат, благодарение на прегледниот интерфејс, многу едноставно да споделуваат текст или мултимедијални фајлови. Текстот може да стои самостојно или да ги придружува мултимедијалните содржини, може да содржи и линкови, но во секој случај не може да надмине 2000 карактери. Објавените содржини од корисникот се прегледуваат од посебна страница од каде можат директно и да се избришат.

Сите објавени содржини од корисниците се јавни. Ако сакате нешто да чувате само за себе, тогаш ова не е сервис за вас. Доколку сакате да најдете интересни мими поставени од други корисници, тоа ќе можете да го направите од делот Find. Сите мими се јавни, а оние што ќе ги додадете за следење, ќе бидат видливи од едно место, од кое вие директно можете да ги поставувате и на вашиот профил. Ова се постигнува со избирање на опцијата Repost, која е аналогна на опцијата Retweet, која пак е популарна помеѓу микроблогерите. Повеќе пати поставените содржини стануваат попопуларни и добиваат повеќе видливост од останатите. Дополнително, на постовите може и да се коментира.

Сервисот е дел од „јаху“ и за да го користите треба да имате јаху кориснички сметка.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен, едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема (нов)
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, шпански, португалски
Адреса: meme.yahoo.com

21 април 2009

Вашите фајлови како веб-страници

За јавно споделување на содржини кои произлегуваат од нашите знаења и креативност, може да се служиме со бесплатни сервиси од различен тип. Практично, за споделување на поединечни фајлови, во различни периоди, за различна целна група и независно еден од друг, можете да се служите со file2.ws. Тоа е веб-сајт што овозможува онлајн поставување на фајлови од страна на корисниците, во замена за уникатни адреси кои овозможуваат пристап до нив. Секое УРЛ се однесува на конкретен фајл, па така со испраќање на информација за неговата локација, можеме да овозможиме пристап за поголемо публика одеднаш.

Сајтот служи за краткотрајно поставување на документи онлајн, а нивната трајност зависи од популарноста која ќе ја постигнат. Колку помалку е пристапуван еден фајл, толку повеќе е можно побрзо да биде отстранет од сервисот.

Корисниците на сервисот не смеат да поставуваат туѓи, заштитени електронски дела, но политика за приватност која детално ги објаснува овие и други чувствителни прашања недостасува. Во случаи на злоупотреба на сопственост или губење на потребата одреден личен документ да биде достапен онлајн, постои можност за пријавување на страницата, после што ќе бидат преземени соодветни мерки.

За користење на сервисот, нема потреба од корисничка регистрација. Максималната големина која фајлот може да ја зафати изнесува 15МБ, а поддржани се разни графички, и аудио формати, канцелариски и веб документи итн.

Дополнување: од страна на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 9/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: file2.ws

31 март 2008

Сервис за патниците

Доплр е онлајн сервис, пред се наменет за бизнисмените кои често патуваат. Секако и останатите луѓе кои патуваат и сакаат да ги евидентираат своите патувања, можат да се приклучат кон сервисот. Потребно е да се регистрираат сите престојувања на еден патник, надвор од својата матична држава или град, да се одредат дополнителните параметри како што се моментот и периодот на престој, после што ваквите информации може да се поделат со други.

Откако посетителите еднаш ќе се регистрираат на доплр, во секое време можат да поканат други луѓе кои ќе можат да ги следат нивните патувања. Во посебна листа се групирани и информациите за патувањата на други корисници на сервисот кои истите ги поделиле со вас. Во посебен дел, се води запис кој континуирано ги следи сите важи регистрирани дестинации и на некој начин претставува личен дневник на вашите патувања. Интересно е што при секоја посета на доплр може да се сретнете со различна фотографија на почетната страница на која се прикажува некоја локација од светот, а која е заштитена со Криејтив комонс лиценца.

Сервисот е погоден за луѓето кои често патуваат бидејќи овозможува истовремено информирање на сите засегнати пријатели и соработници за наредните патувања. Дополнителни информации за тоа како се користи сервисот и и кои се неговите можности ќе добиете доколку ја погледнете подготвената доплр турнеја. За да ги следите новините во можностите на сервисот, посетете го блогот кој постои за таа цел, преку соодветниот линк на главната страница.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: комбиниран
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: http://www.dopplr.com