13 октомври 2004

Хрватски „академски" сајт за вратоврски

Academia Cravatica е непрофитна установа што работи на промоција на вратоврската во Хрватска и во светот и на ширење на свеста за нејзиното потекло. Нејзиниот веб-сајт ја обработува улогата на вратоврската како медиум, и тоа на повеќе нивоа: вратоврската во културата, во медиумите, историјата, на Интернет. Целта на сајтот е да обезбеди што посеопфатни информации за овој моден детаљ, што секојдневно го употребуваат од 600 до 700 милиони луѓе од целиот свет.

„Додека во Европа беснеела триесетгодишната војна (1618-1648), во оваа трагедија биле втурнати и Хрватите, кои под водство на своите банови стигнале дури до Париз.

Хрватските војници, како дел од својата традиционална носија, на своевиден начин околу вратот си врзувале сликовити шамии. Во времето на Луј XIV, овој убав 'хрватски стил' ги освоил пребирливите парижани, кои го усвоиле овој моден предмет, носејќи го 'a la Croate' (на хрватски начин). Од тој израз потекнува коренот на новиот француски термин 'cravate'", се вели во објаснувањето на поимот за кој во македонскиот јазик се користи зборот „вратоврска".

Со оглед на тоа што кај нас и секоја малку повеќе јавна личност може, колку да се каже, да биде прогласена за „метросексуалец", без разлика на честотата на небриченост или неусогласеност на облеклото пред камери, не е лошо да се обрне внимание на азбуката на модата и на добриот вкус. А тоа почнува со запознавање на трајните вредности од таа област, како и начините на кои луѓето што сметаат дека имаат да се гордеат со нешто, го промовираат тоа.

На сајтов е особено интересен написот за изработката и за врзувањето огромна вратоврска околу античката арена во Пула. Како што повеќето машки жители на Македонија може да посведочат, најтешко било да се врзе јазолот...

Дополнување: статички
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: базиран на текст
Навигација: стандардна
Клучни зборови: има, по пропис
Гугл-ранг: 4/10
Бројач: нема
Јазик: хрватски и англиски
Адреса: www.academia-cravatica.hr

07 октомври 2004

Гизмодо - ѕрнѕурки и тракатанци

Англискиот збор „гаџет" (gadget) на македонски се преведува со ѕрнѕурка или тракатанец, а се однесува на сите нарави, изуми, и други механички, а особено електронски продукти, кои може, но не мора да носат директна полза во животот, но во секој случај мора да му прават кеф на сопственикот.

Синоним за „гаџет" е и „гизмо", па не е ни чудо што најпопуларниот веблог за гаџети авторите го нарекле Гизмодо. Преку овој веб-магазин може да најдете информации за следните главни категории: мобилни телефони, дигитални камери, домашни системи за забава, компјутери, преносно аудио, софтвер, безжични уреди...

Во кратките вести за појава на некој нов уред често има директен линк до соодветна страница на сајтот на производителот со техничките спецификации.

Во архивата може да ги најдете сите написи од јуни 2002 г. до денес, а се подредени и според датум, според категорија, а овозможено е и пребарување според клучни зборови.

Гизмодо, инаку, го користи независниот бројач Сајтмитер и не се срами да ги остави резултатите на увид на јавноста, оти просечно има по околу 118.000 посетители на ден. Цените на огласен простор, односно на банери се движат од 1.300 до 2.000 долари месечно.

Сајтот е стандардно организиран и го користи блоговскиот софтвер Мувабл тајп, кој доаѓа и во платена и во бесплатна верзија, а комбинира елементи на статички и на динамички веб-дизајн.


Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: стандарден
Клучни зборови: нема
Навигација: стандардна
Гугл-ранг: 8/10
Јавен бројач: има
Јазик: англиски
Адреса: www.gizmodo.com