30 јануари 2007

САД - земја на информатичар(к)и: љубовни контакти

[лекториран]

Во наредните неколку броја рубрикава ќе претстави неколку влијателни веб-сајта што магазинот „Вајерд“ ги користи како референтни точки за процена на ниво на погодност дадена средина да биде привлечна за информатичари од обата рода.

Иако англискиот еквивалент „гик“ носи првично пејоративно значење означувајќи асоцијални закржлавени индивидуи закопани во книги или електроника, благодарение на издигнувањето на свеста за нивното влијание, терминот полека добива и позитивна конотација. За среќа, во Македонија и во цела бивша Југославија, „компјутерџија“ има позитивно значење, благодарение и на песната „Програм твој компјутера“ (1984) на „Денис и Денис“, која нив ги претставува во вистинско светло - како идеални љубовници.

Сервисот „Гик ту гик“ е наменет за среќавање, спријателување и евентуално романтично поврзување информатичари и информатичарки, нагласувајќи дека „интелигенцијата и лојалноста“ се особини што се карактеристични за нивните корисници.

Според управата, потребата од посебен сајт за нив е наметната од тоа што и „тие се посебни, имаат интереси што не се совпаѓаат со општата популација, па и традиционалните методи на додворување може да не функционираат. Основно е дека ако барате компјутерџија/ка, на обичните сајтови мора да пребарате илјадници профили за да дојдете до таква личност“. Сервисот нуди и посебен систем за оценување на тоа дали двајца се компатибилни.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: автоматско
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: комбиниран
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: неискористени
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.gk2gk.com

13 јануари 2007

Комичната телевизија на француски куќни помошнички

[лекториран]

Телевизијата на француски куќни помошнички е еден од најпознатите медиуми што ја комбинираат дистрибуцијата на видеоматеријали преку Интернет.

Концептот е во вид ТВ-серија поделена по епизоди. Секоја епизода е на некоја образовна тема, односно тема од областа „направи сам“, но презентирана на забавен начин со употреба на комичната атмосфера поврзана со стереотипот на француски куќни помошнички.
Темите се движат од пронаоѓање музика на Интернет, преку тоа како да регистрирате домен, до како да трампите добра и услуги преку Интернет.

Форматот е кратки клипови од 2 до 5 минути, што ги прави идеални за споделување меѓу сурферите, па често ја преземаат улогата на „вирални видеа“ што се шират преку социјални мрежи.

Видеозаписите во прво време беа поставен и на Ју тјуб, а сега се хостирани на Реввер, сервис што, освен инфраструктура на хостинг, нуди и опција за делење на приходот од огласи со своите членови.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: комбиниран
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазици: англиски
Адреса: frenchmaidtv.com