10 декември 2004

Зоолошката градина од Брукфилд, Илиноис, САД

[лекториран]

Брукфилд е гратче до Чикаго, а неговата пространа зоолошка градина е во надлежност на Чикашкото зоолошко друштво, кое, освен за неа, се грижи и за Шумскиот резерват во областа Кук. Покрај рекреативниот аспект, друштвото врши и интензивна научно-истражувачка дејност.

Зоолошката деновиве е актуелна по повод починувањето на горилката Бабс (1974-2004) чиј погреб, кој го спровеле членовите на нејзиното семејство, го привлече вниманието на светските агенции. За жал, ниедна од пролеаните крокодилски солзи не го отвора прашањето на оправданост на геноцидот и ропството што го применуваме како вид врз овие наши роднини, блиски и генетички (разликата во кодот е 2 отсто), и според интелигенцијата и способноста за емоционален живот.

Инаку, сајтот на зоолошката градина обезбедува обемни информации за потенцијалните посетители, со редовни вести за настаните во неа, како и општи информации за нејзината инфраструктура, како да се стигне до неа, цени, паркинг и слично. Штета што делот со вести е малку потешкодостапен - на насловната нема линк „најнови вести" туку во тој дел се влегува преку тикерче со наслови на вестите што се вртат.

За поправање е и дизајнот којшто е претежно рамковен (со „фрејмови“), некои линкови се отвораат во нов прозорец, а деловите изведени во Флеш (како интерактивната карта на зоолошката градина) изгледаат убаво, но се попогодни за широкопојасна врска.

Сајтот изобилува со ситни динамични елементи што додаваат шмек. На пример, сликичката со животно вградена во насловната страница од левата страна се менува при секое ново вчитување, кое го поттикнува впечатокот на свежина.


Дополнување: седмично
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: АСП, Флеш
Дизајн: рамковен
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Навигација: стандардна
Гугл-ранг: 7/10
Јавен бројач: нема
Јазик: англиски
Adresa: www.brookfieldzoo.org