30 јули 2005

Секој ден

Информаторот „Секој ден“ започна со работа пролетоска и со текот на времето сè повеќе се етаблира како еден од поинтересните македонски сајтови за вести, оти се има покажано достоен на името што го носи.

Од основањето, овој сајт применува позитивна политика на размена на банери, што поради добриот избор на партнери многу брзо доведе до растење на неговиот ранг на Гугл. Поволно делува и тоа што сајтов го индексира „Најди!“.

Секако, освен горенаведените фактори, за успехот е заслужна и уредувачката политика на тимот, во којшто работат искусни професионалци. Инсистирањето на држење на ниво на содржините, па така, наместо галериите со мека порнографија кои ги пренатрупуваат многу македонски сајтови, „Секој ден“ нуди галерии врз база на врвни стрипови и илустрации. Пофална е и транспарентноста која се огледа во импресумот и можноста да се види кој напис колку пати е прочитан, а и да се листаат написите според популарност.

Дизајнот е солиден, со тоа што анимациичето горе лево и банерите во Флеш, иако изгледаат убаво, препорачливо е да се изведат со други техники, а тикерот е сосем излишен, оти линкови до најновите написи веќе стојат од страна, а и го одвлекува вниманието од тековната содржина. Сепак, најголем недостаток е тоа што во кодот не се вградува опис и клучни зборови, и на општо ниво и на ниво на напис/страница.

Особено важен дел на сајтов е англиската верзија, која иако се освежува поретко од македонската, има голем потенцијал, особено ако се поправат печатните грешки во интерфејсот (Archiv, Readed). Структурата на адресите изгледа погодна за индексирање на Гугл њуз светски информативен сервис на кој од 4500 извори на вести само три се од Македонија (МИА, Риалити Маседониа и Метаморфозис).

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: македонски и англиски
Адреса: www.sekojden.com.mk
Датум на пишување: 30.07.2005.

29 јули 2005

Вентилејт

„Вентилејт“ е канадски веб-магазин којшто се занимава со теми поврзани со графичкиот дизајн којшто е омилена лектира и за извесни локални врвни дизајнери. Нови изданија на магазинот излегуваат на по неколку месеци, односно околу три пати годишно. Од друга страна, сајтот ја одржува свежината и актуленоста со вестите и линковите кои во вид на блог се вртат на насловната страница.

Секој број од магазинот донесува интервјуа и приказ на дел од портфолијата на по десетина млади уметници. При тоа и квалитетот на текстот и на фотографиите е на завидно ниво, што малку влијае на брзината, но она што се добива го оправдува чекањето.

Од аспект на употребливост, маана на сајтот е што блогот е поместен во рамка, но од друга страна, се работи за рамка од типот и-фрејм, која се вградува во самата страница, а не ја дели на делови, па овој елемент има мало влијание на податноста за машини за пребарување на останатите, поважни делови од сајтот.

Полезни елементи кои влијаат на зголемување на влијанието на сајтот се можноста посетителите да се запишат во мејлинг-листа и отворената покана преку електронска пошта да предложат нови вести.

Дополнување: често
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: комбиниран
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.ventilate.ca
Датум ан пишување: 29.07.2005.

28 јули 2005

Ок-Купидон – бесплатно наоѓање партнер(к)и и тестови

[лекториран]

Ок-Купидон е сервис за пронаоѓање љубовни, дружељубиви, сексуални и други видови партнери и партнерки преку веб. За разлика од многуте слични, користењето на овој е бесплатно, а пронаоѓањето соодветни сродни души и тела е, наводно, екстремно точно, под услов корисникот искрено да одговара на прашалниците и да знае што сака.

Работата на овој сајт не се заснова само на поставување огласи, туку, пред се на математичко споредување на особините на корисниците и пронаоѓање погодни партнери со помош на технолошки решенија врз база на психологијата. Авторите на сајтот се математичари, кои во најголем број имаат завршено на Харвард, а самиот сајт почнал како научен проект во рамките на студиите.

Сајтот ги споредува податоците од прашалниците, но и целокупното однесување на корисникот, кое се следи, за да дознае што повеќе за него или за неа и врз база на тоа да ја определи сличноста со други корисници. Доверливоста на податоците е загарантирана со строги правила на приватност кон кои се обврзуваат авторите, кои изјавуваат дека мразат спем и дека нема да го продадат идентитетот на корисниците на трети лица или фирми.
Она што ја намалува цената на постоење на сајтот е користењето едноставни, но функционални ХТМЛ-елементи, без потреба да се ангажираат извикани дизајнери. Корисниците може да поставуваат и свои фотографии како дел од претставувањето, од чии мали верзии добиени по случаен избор е направена и ефективната и брза анимација со затемнување и осветлување во Јаваскрипт на насловната страница.

Во крајна линија, човек не мора да стане член на сајтот за да ги решава официјалните, но едновремено и вицкасти, тестови, како на пример „тестот на смртта“ (пресметува приближно кога ќе умрете врз база на ваши особини, околина и навики), „тестот за ороспиство“ (во врска со сексуалната активност), „тестот на гејдар“ (дали ви работи радарот со којшто, демек, откривате дали некој друг е хомосексуалец или не), „политичкиот тест“ (која политичка идеологија ви е најблиска)... или некој од над 10.000 тестови направени од самите корисници – некои научни, некои сосем исчашени.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП, ЈС и др.
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.okcupid.com

16 јули 2005

Блогот на Моби

[лекториран]

Моби е обожавател на ‘Фолтин’, поборник за толеранција и најголем македонски пропагатор на ликот и делото на мечето Ушко. Неговиот 13-месечен (значи речиси и прв) блог е хиперсентиментален и искрен до болка. На Моби му се случува одвреме-навреме да премине во длабока конфузност и апстракција за повторно да исплива на врвот со досетлив и конкретен пост. Позитивна оцена за разноликост на теми, оригинален стил и отвореност,“ вели Ана-Марија Светозаров, експертка за блогирање.

Благодарение на поставениот јавен бројач, во врска со овој блог може да се забележи дека голем број посети се преку машини за пребарување (Гугл, Јаху), што е добро, иако не е карактеристично за македонските блогови. Ова веројатно се должи на долговечноста и постојаноста на држењето ритам, но и на тоа што при блогирањето Моби користи само латиница, кон која странските пребарувачи имаат поголем афинитет отколку кон македонската кирилица. Транскрипцијата е врз база на редукција, што блогот го прави уште малку потежок за читање („c“ наместо „ch“ и слично).

Пофално за блогов е што употребата на додавки (анкети и слично) не ја нарушува визуелната рамнотежа.

Новост во светот на македонското блогерство е што од неодамна и сајтот „Маседониа срч“, во соработка со пребарувачот „Најди!“, на насловната страница покажува линкови до најновите написи од македонските блогови. Ова веќе има позитивен одраз на посетеноста и на популаризацијата на оваа гранка на електронското издаваштво преку која граѓаните можат да ги искажуваат своите мислења и ставови, без да зависат од естаблишментот.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: на ден-два
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ-блогер
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: македонски
Адреса: kajsibemoby.blogspot.com

12 јули 2005

Ходер - најпознатиот ирански блогер

[лекториран]

Хосеин Деракшах – Ходер е роден техеранец, кој од 2000 година живее во Торонто. Емигрирал откако властите го затвориле весникот во кој работел како колумнист, а тој сега како блогер и активист се залага за јакнење на демократијата во родната земја, во која само интернет-медиумите како блоговите (iranianblogs.com) делумно остануваат надвор од контрола на цензорите на режимот (stop.censuring.us).

Блогот на Ходер, насловен „Јас, уредник“, е насочен на „Иран, технологијата и поп-културата“ го прави интересен за читање и за оние што не ги интересираат многу можните идни дестинации за „извезување слобода“ преку испраќање воен и реконструкциски персонал од нашата земја.

Според највлијателното светско технокултурно списание „Вајерд“, се проценува дека 5 од 69 милиони Иранци користат Интернет и одржуваат околу 100.000 блога. Во споредба со нашата земја, бројот на општи корисници изгледа слично (нема податок за методологијата за да се направи точна споредба). Поразително е споредувањето на процентот на блогери во однос на населението – кај нас се стотина од 2 милиони – што значи дека модерна Персија е 30 пати „појака“ во блогерство од Македонија.

Пробив кај иранските блогови направила употребата на стандардот уникод, којшто овозможува пишување и читање со персиско писмо на веб. Истиот стандард се користи и за нашата кирилица. Одговорните тела на РМ наводно имаат пропуштено во светските асоцијации за стандаризирање да напоменат дека во нашата азбука има и букви со надредни знаци (и, е), па дури и стандардните фонтови од кириличната поддршка на „Мајкрософт“ не ги прикажуваат како што треба според правописот.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: на ден-два
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: HTML/мувабл тајп
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски и персиски
Адреса: www.hoder.com

11 јули 2005

Блогот на Букаро

[лекториран]

„Букаро – човек со мисија. Сака да стане писател - и ќе стане, па макар и по цена сите да го мразат. Во меѓувреме, имаме директен пренос на тоа како јаде тулумби, зборува на ‘мирц’ и озборува познати битолски легенди. Можеш да го мразиш, можеш да посакаш да му побараш телефонски број, но нема шанси да поминеш мирно покрај неговиот блог,“ вели Ана-Марија Светозаров, највлијателната македонска експертка во практичната примена на оваа технологија, во ексклузивната изјава за „Сајт на денот“ наменета за пренесување „инсајдерска“ перспектива за содржините на најзначајните македонски блогови.

До блогот на Букаро може да се дојде преку неколку адреси за редирекција. Иако тој е поставен на Блогер, до него водат и crticka.tk (со попапи, лош избор) и новата bukarski.com. Употребливоста на стандардниот блогерски дизајн ја нарушува тоа што сите текстови се напишани со „болд,“ односно здебелени букви, што го отежнува читањето.

Пофално за него е што има поставено јавнодостапни бројачи на посетеност, од кои се гледа и дека линкови до неговиот блог имаат поставувано разни важни сајтови, а и тој самиот има остварено доста себепромоција со претходното учество на форумски сајтови.

Делата на Букаро (Алекс Букарски) ги нема само на Интернет. Тие го имаат пробиено „дигиталниот јаз“ – негови раскази објави и списанието „Маргина“, бр. 68, во делот посветен на младата македонска проза.

Иако можеби нема да им се допадне на претставниците на образовно-книжевниот и јазички естаблишмент, младите писател(к)и како Букаро, кај кои користењето информатички и телекомуникациски технологии е секојдневие, кое се прелева и во делата, се иднината на македонската литература. Иднината што е пристигната.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност:одлична
Код: HTML/блогер
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: преку Најди!
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
Гугл-ранг: 2/10
Јазик: македонски
Адреса: www.bukarski.com

05 јули 2005

Горилаз

[лекториран]

„Горилаз“ се виртуелен бенд зад чии цртани ликови стојат некои познати современи музичари. Интересно е дека за дел од нив, популарноста на нивните алтер ега е споредлива или понекогаш и поголема од постигнатата во „реалниот свет“ – ако светот на неанимираниот шоубизнис може да се смета за „реален“ во која било смисла.

На пример, лидерот на подолгоприсутната и способна за живи свирки група „Блур“, Дејмон Албарн, е основач и на проектот „Горилаз“. Според списанието „Свет компјутера“ (07/2005), „Горилаз“ добиваат повеќе писма од обожаватели од „Блур“.

Присуството на „Горилаз“ во јавноста се гради врз база на анимации, видеоспотови и раскажување приказни за нивниот живот, а веб-сајтот е речиси совршено приспособен за таа функција. Флешот е доброинтегриран со другите технологии, така што е зачувана и употребливоста. На пример, целиот веб-сајт не е огромен флеш-фајл, туку флеш-апликации се вградени во посебни ХТМЛ-страници, со што се достапни за длабинско линкување и преку машини за пребарување.

Графичкиот дел е изведен на завидно ниво и по долготрајна макотрпна работа, која морала да се одвива паралелно со снимањето на неодамна излезениот нов албум. Следејќи ги конвенциите за претставување простор преку веб, како на пример употребата на панорамски „снимки,“ презентирана е куќата во која, наводно, живеат „Горилаз“ и нивниот таканаречен живот.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување:неопределиво
Брзина: бавно без АДСЛ
Функционалност: одлична
Код: Флеш, JS, PHP
Дизајн: флешерски
Навигација: динамичка
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: http://www.gorillaz.com

02 јули 2005

Глобална фотографска заедница

[лекториран]

Овој пат сајтот на денот нема врска со „Стар трек,“ иако има слична мисија како вселенските бродови кои „истражуваат нови форми на живот и нови цивилизации.“ Мисијата на „Трек ерт“ (TrekEarth) е „поттикнување на развојот на глобална заедница заинтересирана за фотографија. Нејзините членови се стремат да обезбедат интересни фотографии и корисни критики за секој од нив, со што и се од полза на целата Интернет-заедница.“

Зачленувањето е бесплатно, при што членовите се обврзуваат дека ќе се придржуваат до одредени правила кои го гарантираат квалитетот на содржините. На пример, само еден човек по корисничко име и обратно, фотографиите не смее да бидат дигитално изманипулирани, освен поправање на мали несовршености, сечкање, спојување или додавање информација за авторските права. Темите на фотографиите треба да се општи, а не треба да се ставаат наместени фотки снимени во студио, потоа порнографија, еротика и семејни албуми.

Слични правила ја одредуваат и работата на форумите, во кои разговорите се често детални, дури до ниво на „работилници“ за определени фотографски техники.

На овој сајт се зачленети и десетици луѓе од Македонија, кои ја претставуваат земјата преку прекрасни снимки на пејзажи и детали од секојдневниот живот. Инаку, земјата е претставена како „ Macedonia FYR“ па посетителите што ќе одвојат неколку минути да пратат електронска порака до управата во врска со овој пропуст ќе придонесат за подобро запознавање на светот со нашата земја.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: PHP
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазици: англиски + 12 други
Адреса: www.trekearth.com