Се прикажуваат објави со етикета слики. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета слики. Прикажи ги сите објави

09 ноември 2010

Креирајте фавикон за вашиот веб-сајт

Фавиконите се мали сликички кои се појавуваат во левиот агол на лентата во која ја внесувате адресата на веб-сајтот. Основната намена на овие сликички е полесното распознавање на веб-сајтот. „Фавиген“ е едноставен, онлајн сервис со чија помош многу лесно и брзо ќе создадете фавикон за вашиот веб-сајт.

За да го користите фавиген не е потребно да се регистрирате. Вашата задача е да прикачите готова фотографија на сајтот и сервисот сам ќе креира фавикон за вас. Покрај готов фавикон, ќе добиете и код за истиот, како и кратко објаснување за тоа како да го поставите на вашиот веб-сајт.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен, едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: favigen.com

05 јули 2010

Раскажете ја вашата фото-приказна

Сликата вреди 1000 зборови. Повеќе слики може да вредат илјадници зборови, а кога ќе им додадете музика и зборови кои ќе ги опишуваат, добивате цело богатство. За да се изразите креативно, богато и дигитално, појдете и регистрирајте се на „фотопич“ - веб-сајт за бесплатно креирање на музичко слајд шоу од вашите фотографии.

По сосема кратката регистрација на сајтот, имате можност да ги изберете фотографиите кои сакате да ги вклучите во вашата приказна, и тоа од вашите профили на „Пикаса“, „Фејсбук“ или пак од вашиот компјутер. Потоа, ги организирате фотографиите според саканиот редослед, додавате музика од архивата на аудио фајлови достапни под Криејтив комонс (нерестриктивни лиценци) и го зачувувате производот. На следниот чекор можете да додавате наслови или објасненија на секоја од фотографиите, а на крајот можете да вклучите и интерактивна анкета.

Изработеното аудио-фото шоу можете да го симнете на компјутер, да го поставите на вашиот веб-сајт или блог, како и да го споделите на социјалните мрежи.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: минималистички
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: photopeach.com

20 јуни 2010

Пребарувајте фотографии во реално време

Без оглед на пораката која ја пренесуваат, новите, свежи фотографии се порелевантни од останатите. Со „Начофото“ лесно ќе добиете свежи фотографии, без оглед дали станува збор за општа или моментално популарна тема.

Овој фото-сервис е бесплатен и не ви е потребна регистрација за да го користите. Вашата работа е да внесете соодветен клучен збор во полето за пребарување и ќе добиете паѓачко мени со неколку категории кои се поврзани со зборот кој го впишувате. Постои и опција да одберете една од понудените, моментално популарни категории или да ги прегледате најновите, онлајн објавени фотографии. Сервисот содржи и временска линија, со која може да видите пред колку месеци или недели била објавена фотографијата која ја прегледувате. Откако ќе се одлучите за соодветна фотографија, сервисот ќе ве пренасочи кон оригиналниот извор на истата.

Овој фото-пребарувач нуди фотографии кои се поврзани со повеќето актуелни настани низ светот. Посебно корисен за оние на кои им се потребни најсвежите фотографии достапни онлајн.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: нема
Адреса: nachofoto.com

27 мај 2010

Десктоп заднини со висок квалитет за вашиот десктоп

Доколку сакате да имате интересна и креативна заднина на вашиот десктоп, а истовремено истата да е со одличен квалитет, „Хадеволпејперс“ сигурно ќе ви стане место кое редовно ќе го посетувате.

Сајтот претставува база на високо квалитетни заднини кои можете да ги преземате бесплатно, без притоа да морате да се најавувате на сервисот. Сите заднини се распоредени во соодветни категории, а поопштите понатаму се делат на поткатегории, со што на посетителите им се олеснува пребарувањето. Исто така, доколку го оставите вашиот имејл на сајтот, секој викенд ќе ви пристигнуваат десетте најдобри заднини за измината недела.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен и прегледлив
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.hdwallpapers.net

26 мај 2010

Оптимизатор на слики и фотографии

Доколку се најдете во ситуација кога од вас се бара сликите кои треба да ги прикачите или искористите на интернет да се со одредени спецификации во однос на големината, сервисот „Имиџ оптимајзер“ ќе ви биде од голема корист.

Сервисот овозможува да прикачите слика за оптимизирање директно од вашиот компјутер или пак да внесете линк до некоја слика од интернет. Откако ќе го направите тоа, го одбирате форматот кој вам ви одговара и сервисот ја преработува сликата. На екранот ќе ви се појават десетина копии од сликата која сте ја прикачиле, секоја со различен квалитет и големина, а ваше ќе биде да ја одберете онаа која ви одговара и да ја преземете.

Едноставен и лесен сервис, кој некогаш може да ви навистина се најде. Сепак, мора да се напомене дека сликите и фотографиите кои ќе ги прикачите мораат да бидат со максимална големина од 300 kb, но истите потоа ќе можете да ги оптимизирате да бидат триесетина пати помали, но секако и со полош квалитет..

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: tools.dynamicdrive.com/imageoptimizer

15 март 2010

Сечете ги и прилагодувајте ги вашите слики онлајн

Катмајпик“ е интересен сајт кој ќе ви помогне да ги средите сликите на брз и едноставен начин, без потреба од регистрација. Тој ќе ви овозможи да ги исфрлите непотребните делови од сликата, да ги заоблите нејзините агли и да поставите ефект на сенка.

Постапката е многу едноставна: ја прикачувате сликата од главната страница на сајтот и чекате да ви се отвори студиото. Ќе почекате во зависност од големината на сликата, за која не е пропишано никакво ограничување. Откако сликата ќе биде прикачена, можете да го исечете делот кој ви е потребен, да ги заоблите ново создадените агли и да поставите сенка на рабовите со саканиот интензитет. Исто така сликата можете да ја ротирате, а сајтот ви дава информација и за тоа колку пиксели сте ја намалиле сликата. Откако ќе притиснете на копчето „Done“ сликата е ваша да ја преземете или да ја испратите преку имејл.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, симпатичен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, јапонски
Адреса: www.cutmypic.com

23 февруари 2010

Споделете ги вашите слики онлајн брзо и едноставно

Дивишот” е корисен сервис кој не само што ви овозможува лесно да ги споделите вашите слики, туку и да креирате онлајн албуми во кои вашите роднини или пријатели ќе можат да додаваат фотографии. Албумите може да ги креирате и по одредени настани на кои не сте биле единствениот гостин со фотоапарат во раката. На тој начин ќе можете да ги споделите фотографиите од вашата забава, концерт, роденден или семејна прослава со сите кои присуствувале на истата.

Користењето на сервисот започнува со кратка регистрација, а потоа можете да го уредувате вашиот профил или директно да преминете на креирање настани во кои ќе прикачите слики. Сликите се поставуваат со пребарување меѓу папките на вашиот компјутер, или пак со помош на принципот “повлечи и додај”, (само за корисниците на прелистувачот Мозила фајрфокс). Откако ќе ги прикачите сите слики од настанот, може да одберете истиот да го одобрите за јавен преглед, или да го направите приватен. Потоа настанот може да го споделите на твитер или фликр. Исто така, корисниците на фликр, можат да ги достават своите дотогашни фотографии на дивишот.

Сајтот содржи и одлична апликација за ајфон, со која покрај споделување на слики од вашиот телефон, истите можете да ги пратите на друг ајфон со спојување на двата телефона и нивно наизменично тресење.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен, едноставен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: divvyshot.com

18 февруари 2010

Создадете свое креативно видео брзо и лесно

Мешер“ е одличен сервис во кој се искомбинирани алатки кои овозможуваат создавање видео во кое ќе бидат измешани песни, слики и видео материјали во една целина. Со ваквиот производ вие ќе можете да се пофалите како сте си го поминале летниот одмор, да честитате роденден, да изненадите некоја ваша драга личност или пак едноставно да ја покажете вашата креативност.

За да ги користите услугите на овој веб портал, потребно е да се бесплатно регистрирате преку стандардната постапка, оставајќи ги вашите лични податоци. За да можете да ги вметнете посакуваните елементи и ефекти на видеото, студиото работи на принцип "повлечи и додај", а алатките кои се понудени за обработка на вашиот проект се многу лесни за употреба. Самиот сајт располага со огромна база од илјадници видеа со високо квалитетна слика и музички спотови од разни жанрови. Сликите и видеата можат да бидат прикачени и од компјутерот на корисникот. Изработеното видео, многу лесно, потоа може да биде споделено на Фејсбук, Мајспејс, да се испрати преку имејл или пак директно да се вметне на некој сајт или блог.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.masher.com

18 декември 2009

Огромен избор на висококвалитетни слики и фотографии

Опенфото“ претставува уште една онлајн галерија која изобилува со илјадници фотографии кои можат да ви послужат за секаква намена. За разлика од сличните сервиси, оваа локација дозволува да преземате слики неограничено и тоа без никаква регистрација на истиот.

Сликите се распределени во многу категории, со цел полесно да ги пронаоѓате оние кои ви се потребни. Регистрација на сајтот ќе треба да ја поминете доколку сакате да направите профил, со кој ќе ви се овозможи да прикачувате ваши фотографии. За фотографиите кои ќе ги прикачите, можете да одберете во која категорија да се прикажуваат, по што истите ќе бидат достапни за корисниците на сајтот.

Она што на сите ќе им се допадне, е тоа што сликите кои се преземаат не се прекриени со адреси од сајтот испишани по целата површина, мерка која ја преземаат многу локации за да ги заштитат сликите од своите галерии за неовластено симнување на истите.

Дополнување: редовно од страна на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: openphoto.net

28 октомври 2009

Сликата вреди повеќе од 1000 зборови

Правејќи ја вашата презентација или вашиот проект заклучувате дека ви недостасува идеалната слика или фотографија со која поуспешно ќе се ја извршите задачата. Со часови пребарувате по разни веб-локации и повторно не успевате да ја најдете сликата што ќе се совпадне со вашата замисла и ќе успее да го привлече вниманието на другата страна.

Фотоекспрес“ е извонредна локација која ќе ви помогне да го надминете проблемот без мака. Сајтот е всушност најголемата база,со преку половина милион слики со најдобар квалитет. Секојдневно се додаваат нови 1000 слики што покажува дека тимот кој стои зад овој проект се грижи корисниците секогаш да бидат задоволни и лесно да доаѓаат до тоа што им е потребно.

Правилата за користење се многу едноставни. За да можете да ги користите сликите потребно е да бидете регистрирани на сајтот, а тоа го правите бесплатно исполнувајќи ги стандардните услови и пополнувајќи формулар во кој внесувате основни податоци за себе. Со отворањето на вашиот личен профил, имате право да преземате 10 слики дневно, а бројката може да се зголеми доколку редовно го користите сајтот. Под ова се подразбира, дека доколку сакате да бидете во можност да преземате повеќе фотографии, вие ќе мора да го препорачате сајтот на вашите пријатели, да ги оценувате фотографиите и исто така и вие да прикачувате слики кои ќе можат да им бидат од корист на останатите корисници.

Сите слики се поделени во 22 рубрики, а исто така има и пребарувач кој многу ќе ви ја олесни работата. Можете да ги употребувате и комбинирано, односно доколку внесете збор во пребарувачот и добиете резултати за истиот, веднаш потоа можете да изберете една од категориите и ќе ги добиете само оние слики кои можат да се објаснат преку зборот и категоријата.

Многу важно е тоа што постојат и правила со кои на корисниците им се забрануваат некои начини на злоупотреба на добиените слики. Тие правила детално се објаснети во полето „одредби и услови“.

Дополнување: редовно
(од креаторите и од корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: премногу едноставен,
може малку да се поработи на него
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.photoxpress.com

16 октомври 2009

Деветтата уметност кај нас најактивна до сега

За сите скептици кои не веруваат дека кај нас постои стрип-сцена, група од нашите најдобри илустратори, сликари, сценаристи и аниматори, покрај секојдневните обврски, сепак пронаоѓаат време за повторното оживување на деветта уметност на нашите простори. Во недостаток на сериозен и соодветен македонски издавач на стрипови, тие се главни виновници за појавувањето на токму овој веб-сајт, кој овозможува сите љубители заедно да создадат подобро утро за нивната најголема пасија.

Сајтот е многу едноставен и симпатичен, а истовремено доста сериозен и амбициозен проект. Овозможува убаво да се запознаете со моменталната активна група која работи на ова поле, да ја погледнете нивната работа, па дури и да стапите во контакт со нив.

Како главен дел од сајтот, мора да се посочи, е форумот, кој редовно се дополнува од модераторите и членовите кои претходно мораат да се регистрираат. Посетителите на форумот можат да наидат на голем број на илустрации, анимации, стрип актуелности, дуели помеѓу стрип-уметниците и многу други интересни постови кои ќе ве забавуваат, насмеат, инспирираат, па дури и ќе ве подучат. На некој начин, овој сајт може да ви послужи и за своја промоција и да ви претставува отскочна даска доколку сакате да станете дел од македонскиот стрип-округ.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен и симпатичен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.makstrip.com.mk

13 октомври 2009

Нов тренд во онлајн споделувањето - „Јаху мим“

Ако блоговите, тамбл-блоговите, сајтовите за споделување фотографии и видеа, оние за микроблогирање, како и сите сервиси кои на различен начин ги комбинираат социјалните медиуми не ни беа доволни, тогаш дефинитивно вистинско време е да го запознаеме „јаху мим“ – сајт за споделување текст, слики, видеа и песни, како и коментирање и препраќање на истите помеѓу корисниците.

Сервисот позајмува по некоја карактеристика од повеќе популарни сајтови, но начинот на кој ги комбинира е уникатен, поради што може да се очекува дека ќе предизвика интерес помеѓу корисниците. Регистрираните корисници можат, благодарение на прегледниот интерфејс, многу едноставно да споделуваат текст или мултимедијални фајлови. Текстот може да стои самостојно или да ги придружува мултимедијалните содржини, може да содржи и линкови, но во секој случај не може да надмине 2000 карактери. Објавените содржини од корисникот се прегледуваат од посебна страница од каде можат директно и да се избришат.

Сите објавени содржини од корисниците се јавни. Ако сакате нешто да чувате само за себе, тогаш ова не е сервис за вас. Доколку сакате да најдете интересни мими поставени од други корисници, тоа ќе можете да го направите од делот Find. Сите мими се јавни, а оние што ќе ги додадете за следење, ќе бидат видливи од едно место, од кое вие директно можете да ги поставувате и на вашиот профил. Ова се постигнува со избирање на опцијата Repost, која е аналогна на опцијата Retweet, која пак е популарна помеѓу микроблогерите. Повеќе пати поставените содржини стануваат попопуларни и добиваат повеќе видливост од останатите. Дополнително, на постовите може и да се коментира.

Сервисот е дел од „јаху“ и за да го користите треба да имате јаху кориснички сметка.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен, едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема (нов)
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, шпански, португалски
Адреса: meme.yahoo.com

14 септември 2009

Испеглајте си го лицето на вашите фотографии

Во ова време многу е важно како се претставувате себеси онлајн. Секако, многу поважно е што пишувате и што се пишува за вас, но не е неважно и со каква слика ќе се идентификувате пред неброената и често непозната публика. За таа цел, сите се трудиме да ја избереме најдобрата фотка што ја имаме, на која изгледаме најкул и најубаво, па макар и на истата да не личиме на себеси. Сето тоа е нормално и е во човечката природа, а за да го засилиме таквиот впечаток кој го оставаме со своите фотографии, можеме да побараме брза и ефикасна помош од „пиктрит“. Тоа е веб-сајт кој без потреба од регистрација ви дозволува да посочите слика од вашиот компјутер или од некоја веб-локација која автоматски ќе биде обработена и сервирана за понатамошно користење.

Сликите, популарно кажано, се пеглаат што подразбира мазнење и давање сјај на кожата, отстранување на флеки, пеги и други недостатоци на кожата, поправање на црвени очи и сл. Воедно процесот трае неверојатно кратко, а готовиот производ можете да го подобрите доколку искажете незадоволство од сликата во однос на одредена карактеристика. Потоа сликата можете да ја поставите на некој ваш профил или да ја зачувате на компјутерот. Сето ова е сосема бесплатно.

Регистрираните корисници добиваат можност да ги чуваат испегланите слики во свои албуми, како и да ги споделуваат со пријателите.

Дополнување: неважно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: модерен, прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 1/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.pictreat.com

28 мај 2009

Испечете тост од вашиот екран

Доколку сте активни онлајн, односно секојдневно трошите време на консумирање содржини од интернет, веројатно често налетувате на видеоматеријали кои објаснуваат некаков процес или презентираат како се користи некој сервис. Ако вашата активност подразбира и создавање на содржини, тогаш можеби некогаш сте се запрашале како вие да направите таков тип на видеопрезентација. Во ваков случај, можеби сте се посветиле на барање соодветно парче софтвер за таа намена, сте налетале на некој онлајн сервис кој ви дозволува да ја снимате активноста што се одвива во рамките на прелистувачот, или пак на таков кој бара да инсталирате некаков додаток за да се му овозможи ваквата функција на прелистувачот. Како и да сте работеле до сега, доколку не сте занеле за „скринтоустер“, непотребно сте се мачеле.

Скринтоустер е бесплатен веб-базиран снимач на екран, дизајниран за снимање на активноста на екранот, во комбинација со звук и слики од веб-камера во реално време, нивно пакување во вид на видео и можност истото да се објавува на блогови и други веб-сајтови. За да се зачува производот, на корисникот му е потребна регистрација на веб-сајтот. После тоа, снимачот на активноста на екранот може да се користи во целост. Со користење на кратенки од тастатурата, снимањето може да започне точно во моментот кога корисникот е подготвен, а непотребните моменти во текот на снимањето, можат да се избегнат со паузирање, повторно со помош на кратенки. Снимањето може да вклучува или исклучува аудио, а доколку се избере втората опција, подоцна може да се сними нарација. Ова е практично при подготовка на туторијали.

На видеата дополнително може да им се додаваат и титлови. Со цел понатамошно уредување, видеото може да се преземе во формат .mov или експериментално во .swf. Доколку производот не ви треба локално, поставете го на сервисот или директно на „јутјуб“. Ако ја изберете првата варијанта, ќе имате опција да го направите јавно, односно пристапно за сите. Ваквите видеа влегуваат во категоријата „само што испечени, а тие и понатаму ќе бидат пребарливи според категоријата на која и припаѓаат или со директно избирање од архивата. Се на се, многу корисен веб-сајт.

Дополнување: постојано
(од страна на корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.screentoaster.com

14 мај 2009

„Твитпик“ - за сликите што сакате да ги споделувате на „твитер“

Твитер е сервис кој на регистрираните корисници им овозможува размена на кратки пораки, кои можат да го содржат она што секој од нив сака да го сподели. Тоа подразбира размена на линкови придружени со описи, желби, расположенија, интересни сознанија, впечатливи слики итн. Што се однесува до последново, ако сакаме да споделуваме слики кои се поставени на разни веб-сајтови, најпрво треба да ги изолираме од останатите содржини, да ги земеме, често, долгите адреси кои ја опишуваат нивната локација, да ги скратиме и потоа во комбинација со саканата текстуална содржина да ги искомбинираме во една порака од 140 карактери. Кога ние самите пак сме сведоци на некој настан на пример, фотографиите што ќе ги направиме прво ќе мора да ги поставиме на некој друг сервис како „фликр“ или „пикаса“, па потоа да поминеме низ истата процедура, како во претходниот случај.

За да се скрати на време, а да се добие во ефикасност, за корисниците на твитер, препорачлив е сервисот „твитпик“. Истиот може да се користи директно од прелистувачот или пак преку некој софтверски клиент. За да почнете да го користите сервисот, потребно е само да имате твитер кориснички профил и со истите податоци да се пријавите на твитпик. При поставување на саканата слика, додадете текст и пуштете ја пораката. Таа ќе го вклучи одеднаш се она што сте сакале да го кажете, во еден чекор. Сите фотографии и слики кои ги поставуваат корисниците се јавно достапни во вид на временска линија, освен содржините за кои корисниците ќе одберат поинакво прилагодување.

Дополнување: често
(од страна на корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: комбиниран
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
(за секој корисник посебно)
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: twitpic.com

21 април 2009

Напредна онлајн видео монтажа

Онлајн сервисите за креирање и обработка на видео содржини, се ретки и уште поретко квалитетни, функционални и сеопфатни. Помеѓу сите нив, Јаху сервисот Џампкат е веројатно најдобар.

Се работи за бесплатен софтвер кој овозможува директно поставување на видео клипови, аудио фајлови и слики од компјутерот на секој регистриран корисник. Дополнително, можат да се импортираат слики од Фејсбук и Фликр, како и да се користат мултимедијални содржини од сопствената галерија на сервисот, кон која допринесуваат корисниците. Откако сите елементи ќе се импортираат, Џампкат самиот прави видео, кое потоа корисниците можат да го обработуваат. Сегментите се преместуваат со влечење, можат да се додаваат ефекти, транзиции, нарации, песни и титлови. Дури возможно е користење и на неколку кратенки од тастатурата.

На крајот видеото се зачувува, како приватно или јавно креативно дело. Постојат неколку опции за инстантно споделување со пријателите. Со џампкат се прават оригинални видеа, но и се ремиксуваат видеата на други џампкат корисници, со што ова е повеќе од обичен сервис за онлајн креирање на видеа - џампкат е заедница во која креирањето на нови и јавното споделување на изработените дела е подеднакво прифатливо.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: многу солидна
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.jumpcut.com

30 март 2009

Фатете ги активностите од вашиот екран

Сигурно досега сте имале потреба да фатите дел од активноста што се одвива на вашиот екран, но или не сте знаеле како да го направите тоа или сте ја комбинирале опцијата Принт скрин од тастатурата со некоја програма за графичка обработка. Секогаш е подобра варијанта да се направи еден, наместо повеќе чекори за да се постигне одредена работа. Па така, ако имате едноставен и функционален софтвер конкретно за таа намена подобро да работите со него, отколку со серија од кратки, но сепак здодевни акции. Програми за фаќање на активноста на екранот или на дел од него има повеќе, меѓу кој еден е понуден на веб-сајтот screenshot-program.com. Оваа рецензија сепак не се однесува на оваа програма, бидејќи ниту е единствена, ниту бесплатна.

На веб-сајтот е понудена можност за преземање на софтверскиот додаток Фајршот за интернет прелистувачите Мозила Фајрфокс и Интернет Експлорер, што нив ќе ги оспособи за директно фаќање на содржината на посетуваните сајтови, како и нивно стилизирање и уредување со разни графички додатоци и забелешки и секако можност за зачувување како слика во неколку формати. Уште една предност на овој софтверски додаток претставува можноста за фаќање на целосната должина на сајтовите, што пак не може да се постигне со опцијата Принт скрин.

Фајршот е одлична алатка за веб-дизајнерите, тестерите, и рецензентите на веб-содржини и истата е комплетно бесплатна.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: screenshot-program.com

31 март 2008

Ризница за дизајнерите

Со оглед на природата на нивната работа, дизајнерите се во постојана потрага по инспирација и ресурси. Инспирација може да се најде насекаде: од контактите со луѓето, од непосредната близина, од случките и природата, но и од вебот кој од неа нуди неограничени количини. И покрај личната креативност на која дизајнерите најмногу се потпираат во својата работа, недостатокот од ресурси понекогаш може навистина да претставува проблем.

За среќа, постојат голем број веб-сајтови кои луѓето можат да ги користат за неограничена или ограничена употреба, а еден од нив е Дизајнпекс. Овој сајт нуди колекции од слики кои можат да се користат како при изработка на комерцијални, така и при изработка на некомерцијални веб-проекти. Галеријата е сега за сега скромна, но се освежува со нови пакети секој месец. Секој пакет се состои од 15-на слики со иста тематика кој е придружен со описни информации за неговата содржина.

Дополнување: месечно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: комбиниран
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.designpacks.com

25 март 2008

Попрактично и поубаво сурфање со Кулајрис

Кулајрис е веб-сајт кој нуди две убави и практични софтверски решенија кои ќе му дадат нова димензија на вашето сурферско доживување.

Првиот производ се вика Пикленс и овозможува поинаков начин на прегледување слики на веб. Поддржани се сите популарни пребарувачи за слики, галерии и сајтови за социјално вмрежување, а работи како додаток за прелистувачите Мозила фајрфокс, Интернет експлорер и Сафари. Откако ќе се инсталира, при секоја посета на некој од ваквите сајтови се добива можност за прегледување на сликите на модерен, тродимензионален начин, нивно зголемување или последователно прикажување како презентација. Пикленс е бесплатен софтверски додаток кој може да се користи при пребарување слики на Гугл и Јаху или при разгледување слики и фотографии на Хај фајв, Фејсбук, Мајспејс, Фликр, Пикаса, Девиантарт и други.

Вториот производ кој ќе му даде шмек и стил на вашето прелистување на Интернет се вика Кулајрис привјус. Се инсталира на истиот начин, а овозможува отворање на линковите од страниците кои ги посетувате во мало дополнително прозорче кое се појавува врз моментално активната страница. На тој начин се овозможува побрзо и поефикасно прелистување без потреба од напуштање на содржините кои ви се постојано неопходни. Овој софтверски додаток може да биде особено практичен кога се прегледуваат содржини на Интернет во чиј склоп се наоѓаат линкови до нивниот извор.

Дополнување: по потреба
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн:
модерен
Навигација: едноставна
Пребарувач:
нема
Клучни зборови:
има
Јавен бројач: нема

РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:
5/10
Јазик:
англиски
Адреса: www.cooliris.com

21 март 2008

Поинаков начин за цитирање на веб

Куоут е веб-сајт кој особено ќе им се допадне на блогерите и воопшто на луѓето кои се занимаваат со објавување информативни содржини на веб. Сајтот нуди едноставен начин за фаќање слики (screenshots) од страниците на кои онлајн ентузијастите се повикуваат при објавување на информациите. На тој начин се овозможува визуелно цитирање, наместо текстуално, при што авторот сам избира кој дел од страницата ќе го цитира. Резултатот е слика, односно мапа на која сите линкови се активни. Кога посетителите на одреден веб сајт или блог кој го користи овој метод на цитирање, ќе се насочат кон некоја содржина, веднаш ќе добијат и визуелна претстава за изворот на таа содржина со можност директно да пристапат до одреден дел од него.

Сајтот има минималистички дизајн, заради што се одликува со едноставност и функционалност. Корисниците на Куоут немаат потреба од претходна регистрација како услов за негово користење. Се што треба да се направи е да се избере саканата веб локација, да се внесе адресата во полето и да се вметне резултатот во рамките на саканата содржина на својот сајт или блог.

Куоут има оригинална идеја, но не е којзнае што. Со оглед на неговата намена, важно е дека си ја врши работата. Па доколку ви се допаѓа, можеби е одлична прилика да направите освежување на вашето веб катче.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Дизајн: минималистички
Навигација: едноставна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: http://kwout.com