13 април 2011

Испратете ѝ порака на иднината

Како би се чувствувале доколку на некој иден датум добиете електронска порака испратена од самите вас, но од минатото? Морничаво, интересно, забавно...? Сајтот „Futureme“ овозможува да ѝ се обратите на својата иднина, односно на личноста во која сметате дека ќе прераснете, со испраќање електронска порака која ќе ви стигне на вашата имејл адреса на датумот којшто вие ќе го одредите.
Веб-сајт со кој можете да ѝ ипратите порака на вашата иднина
Така, на овој начин може да размислите за тоа што навистина сакате да станете или за конкретни работи кои сакате да ги направите во иднина, а со добивање на самата порака да се потсетите и да споредите дали тие навистина се оствариле. Пораката може да ви послужи како инспирација, како алатка со која ќе може да го споредите вашето минато со сегашноста или пак добар начин да си приредите изненадување на самите себеси (како на пример, со испраќање порака за вашиот следен роденден). Самиот слоган на сајтот е дека мемориите се помалку точни од електронските пораки.


Пораките можете да ги испратите како приватни или, ако сакате да ги споделите со другите корисници на „Futureme“, како јавни, но анонимни. Значи, на сајтот можете и да прочитате пораки кои другите корисници си ги имаат праќано на себеси.

Сервисот можете да го користите без да се регистрирате, но со регистрацијата добивате дополнителни можности како: преглед на сите испратени пораки, нивно уредување и бришење и сл. Најдобро е да користите лична имејл адреса, зашто таа ќе биде онаа на која ќе ви стигне вашата „порака од минатото“.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: futureme.org

Нема коментари: