05 ноември 2009

Сакате да патувате, но не знаете каде?

Доколку сакате да заминете некаде да се одморите и релаксирате или пак едноставно сакате да одите на некој спортски настан, голем концерт, а не сте во можност да го губите времето посетувајќи ги сите туристички агенции со цел да ја одберете понудата која ќе биде соодветна на вашите очекувања и можности, овој веб-портал може многу да ви помогне и да ви ја олесни работата.

Патувам“ претставува прв македонски веб портал кој ги агрегира понудите на многу наши туристички агенции. Понудите се распоредени во категории, зимувања, летувања, концерти, конференции, студирање и работа во странство итн. соодветно на типот на патувањето. Доколку веќе имате замисла која би била вашата дестинација, но ве интересираат останатите детали за некоја понуда, во делот „аранжмани“ можете да ги внесете податоците со кои располагате, па порталот да ви ги прикаже понудите соодветни на тоа што сте го побарале. Можете да ја погледнете и листата на туристички агенции од кои се црпат информациите за понудите и директно да го отворите нивниот портал или пак да дознаете каде е нивното седиште, телефонски број или имејл адреса за контакт. На него се објавуваат и интересни новости и статии кои соодветствуваат на понудите кои се актуелни во тој сезонски период.

Доколку ви е потребна информација за вадење виза, која сè уште е потребна за патување во поголемиот број земји од светот, на порталов уредно и детално е објаснета постапката, документацијата, па дури и цената потребна за вадење на истата. Во рубриката „Авио“ можете да добиете информации за нашите аеродроми и аеродромите на нашите соседни земји, доколку сакате да одберете понуда со авионски превоз.
Интересно за сите посетители е тоа што тие можат да споделуваат информации и искуства, раскажувајќи ги своите доживувања од патувањата на форумот на сајтот. За жал во моментот на пишувањето на оваа рецензија услугата не беше достапна.

Мора да се напомене дека сајтот не претставува туристичка агенција, ниту ги заменува таквите вршејќи ја нивната дејност и земајќи провизија од остварените туристички понуди. Едноставно тој служи за промоција на понудите и претставува алатка за овозможување на луѓето полесно да се информираат за најинтересните дестинации во светот.

Дополнување: редовно
Брзина: средна
Функционалност: солидна
Дизајн: едноставен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.patuvam.mk

Нема коментари: