Се прикажуваат објави со етикета јадења. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета јадења. Прикажи ги сите објави

16 февруари 2010

Згответе нешто вкусно со продуктите кои ги имате дома

“Суперкук“ претставува веб-локација која може да биде многу корисен во секое домаќинство. Неговата намена е да ви помогне да зготвите вкусно јадење, а притоа да ги употребите само продуктите кои ги имате дома или пак само оние кои вие ги сакате. Сајтот е направен во 2008 година и постигнува одлични резултати, често наоѓајќи се помеѓу најдобрите 50 веб-локации.Сајтот располага со огромна база на рецепти за приготвување на јадења за каква било прилика. Во полето “додади“ ги впишувате состојките кои сакате да ги искористите и тие директно се префрлаат во рубриката “Моја кујна“. Потоа на листата ќе ви бидат прикажани сите рецепти кои можете да ги направите со нив. Доколку додадете или пак да отстраните некоја состојка, листата со рецепти автоматски се обновува и ги прикажува само рецептите кои остануваат после промената. Доколку од набројаните продукти сакате да потенцирате некоја состојка како главна, селектирајте ја во вашиот список и рецептите во кои доминира ќе се подредат како први. Сајтот исто така ги прикажува и рецептите во кои се содржани вашите избрани состојки, но и оние за кои ви се потребни и други состојки кои ги немате наведено. Откако ќе одберете едно од понудените јадења во листата, сајтот ќе ве префрли на страницата на која се наоѓа рецептот и ќе ви ја прикаже постапката за негово приготвување.

За користење на овој интересен сервис нема потреба од регистрирање, но доколку сакате истото можете да го направите бесплатно. Креирањето на ваш личен профил може да ви биде од корист доколку сакате да си ги зачувате омилените рецепти или пак да ги отпечатите состојките кои ви недостасуваат за подготовка на саканите јадења, во вид на шопинг листа која сајтот сам ќе ви ја генерира.


Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: интересен, прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.supercook.com

03 ноември 2009

Што вкусно да зготвите денес?

Гладни сте? Ви се јаде нешто вкусно? Но, немате идеја што да зготвите... Секако интернетот е преплавен со многу сајтови и рецепти за кулинарство, но не на сите можете убаво да разберете што всушност ви е потребно од состојките, постапката е неразбирлива или пак едноставно слабо стоите со странските јазици.Блогот „Ситно сецкано“ е едно од можните решенија за вашиот проблем бидејќи станува збор за интересен блог од областа на кулинарството на македонски јазик. Секој од рецептите е детално објаснет, со тоа што авторите обрнале внимание на тоа, нивните посетители читајќи ги постовите, на некој начин да можат да ги вкусат јадењата прикажани на нив. Во секој пост опишана е постапката за подготвување на храната и потребните состојки, а сето тоа е надополнето со слики од неколку фази при подготовката на истата. Доколку пак ви се јаде нешто специфично и веќе имате замислено кои состојки сакате да ги содржи вашиот оброк, можете да одберете една состојка од страничната листа и според неа ќе ви се прикажат сите рецепти во кои таа се состои.

Рецептите некогаш се преземени од светски познатите готвачи, но веднаш на почетокот на тие постови е потенциран вистинскиот извор. Доколку имате некои препораки, прашања или коментари до авторите, можете да стапите во контакт преку имејл кој е оставен на блогот.

Иако блогот е доста интересен и несекојдневен барем, на нашиве простори, сепак мора да се забележи дека добро би му дошло мало освежување на дизајнот, како и да се препорача поголема внимателност во однос на почитувањето на правописните правила на македонскиот јазик.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски, англиски
Адреса: sitnoseckano.blogspot.com

03 септември 2009

Место за гурманите

Ако уживате во храната и готвењето, отворени сте за нови предизвици во кујната и немате фобија од користење на интернет, тогаш „гурман“ е веб-дестинацијата која треба што поскоро да ја посетите и соодветно обележите во вашиот прелистувач.

Иако неединствен според тематиката која ја обработува, гурман е сепак различен од останатите сајтови за храна и готвење. Тој не изгледа и не се доживува како сајт за рецепти, веројатно бидејќи е повеќе од тоа. Нуди секција со вести, на некој начин поврзани со храната или угостителскиот бизнис, како и разни занимливости. За забава можете да читате колумни, играте игри или да преземете некоја десктоп позадина која ќе ви го стимулира апетитот додека работите. Секако, покрај овие и другите видови содржини, гурман можете да го посетите за да добиете идеја за подготовка на некое јадење, за кое на располагање ќе добиете рецепт.

На веб-сајтот не му недостасуваат ниту совети за подобро здравје и убавина благодарение на консумирање на одредени хранливи состојки, а љубителите на коктелите ќе најдат задоволство во секцијата за пијалаци каде може да се види начинот на приготвување на некои.

Необичен е делот „медија пакет“ кој со преземање ги открива целите и причините за постоење на овој веб-сајт, она по што тој се разликува од на нему сличните, целните групи на кои им е наменет, како и детални информации за цените за рекламирање. Можностите за рекламирање изобилуваат од избор на позиција, до големина и форма.

За пофалба е уредната страница со импресум која го открива идентитетот на луѓето заслужни за концептот и содржините, што истовремено го качува кредибилитетот на целиот сајт во целина.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: класичен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.gurman.mk

29 јуни 2009

Македонски сајт за храна

Една од најздодевните, но истовремено и најнеопходните работи на кои треба да мислиме секој ден е нашето мени. Што да јадеме, каде да јадеме, дали нешто да зготвиме, колку време ќе ни биде потребно, дали ги имаме сите потребни состојки... Ваквите прашања би можеле да добијат брз и едноставен одговор со помош на еден нов веб-сајт кој нуди многубројни рецепти и совети, а притоа целиот достапен на македонски јазик – hrana.com.mk.

Сајтови од ваков тип постојат на веб, но англискиот јазик може да биде фактор на ограничување за оние кои не го разбираат добро. Сега сите домаќинки, независно од возраста, јазичните и техничките познавања, може да го користи овој ресурс за пополнување и проширување на куќното мени.

Рецептите се поделени според разни критериуми, па посебно можете да барате детски јадења, јадења кои содржат месо, празнични оброци, тестенини, национална кујна итн. Покрај пребарување според категорија, клучни зборови и со класично прелистување по содржините, можете да барате и рецепти за кои е потребно одредено време за подготовка. Оваа опција е многу корисна со оглед на тоа што понекогаш немаме премногу време на располагање за подготовка на ручекот, па некоја брза варијанта со која ќе ги пречекаме домашните би била добредојдена. Секој рецепт вклучува име, слика, потребни состојки и кус преглед на начинот на подготовка.

Советите ќе ви одгатнат зошто се тријат краставиците на краевите, како да си подготвите домашен јаболков оцет, колку време смеете да го чувате месото во фрижидерот за замрзнување итн. Доколку имате проблеми со килограмите или одреден дел од телото кој се соочува со недостатоци, прочитајте кои вежби ќе ви помогнат во остварување на вашата посакувана цел.

Веб-сајтот е добар, тематски насочен, доволно богат со содржини и сериозен во намената. Според тоа, е еден од единствените од ваков тип.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: едноставен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.hrana.com.mk