Се прикажуваат објави со етикета француски. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета француски. Прикажи ги сите објави

31 јануари 2011

Слушајте ја музиката која ви се допаѓа, едноставно и бесплатно

„Дизр” е бесплатен сервис за слушање музика лансиран на 22 август, 2007 година. Сервисот започнал со165.000 песни, а денес брои 4 милиони регистрирани корисници. Во мај 2010 година, сајтот веќе  располагаше со 7 милиони песни.
Бесплатен сервис за слушање радио
Сервисот овозможува задоволување на сечии музички желби, пристапност до тематски радија (хип хоп, рок, електро, џез, диско, хитови, итн), како и пристапување преку мобилен телефон, ајфон, блекбери, или ајпод тач.

Тука може да се информирате за артистите, албумите, песните, да споделувате листи со песни, музички вкусови и расположенија преку заедницата и социјалната мрежа на дизр, како и да откривате нови музички таленти.

Сајтот овозможува неограничено, слободно слушање музички записи, но без можност за нивно преземање. Можно е песните да ги слушате засебно, но и преку тематски веб-радија или т.н. „паметни радија“ кои овозможуваат членовите да започнат од песна која им се допаѓа, да ја стопираат, да прескокнат песна и да слушаат некоја од следните програмирани песни.

Радијата и песните може да ги слушате преку вградено плеерче на кое се наоѓаат опциите за пуштање, стопирање, прилагодување на јачината на гласот и слично.

Сервисот нуди можност и да станете член на заедницата на дизр, со што имате неколку дополнителни привилегии, на пр. креирање на свој профил, креирање на листи со песни, неограничено складирање на МП3...

Дизр  може да го следите на Твитер, на Фејсбук или да го поврзете со вашиот блог.

Дополнување: повремено од корисниците и од авторите
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски, француски, германски, шпански, италијански
Адреса: www.deezer.com

20 јануари 2011

Електронско учење за деца

Доколку сакате вашите деца продуктивно да го користат времето поминато на интернет, тогаш веб-сајтот „E-learning for kids“ е вистинското место за тоа. Сајтот нуди содржини кои ќе им помогнат на децата да совладаат одредени области, како на пример: математика, компјутерски вештини, здравје и сл.
Сајт со електронски курсеви за деца
Најголемиот дел од содржините се претставени во вид на интерактивни и анимирани игри кои се прилагодени за различни возрасти на деца. До самиот курс/игра е поставена возраста за која таа содржина е соодветна. Моментално се нудат курсеви од осум области. Па така, децата преку игра ќе можат да научат да бројат и да користат матемаички операции, да ги научат функциите на мозокот и работата на крвниот систем или пак да совладаат основни граматички правила по англиски јазик.

Помошта од родителите ќе биде потребна за објаснување на целите на курсот/играта, бидејќи содржините не се достапни на македонски јазик. Но, бидејќи игрите се едноставни и прилагодени за возраста, јазикот не секогаш ќе е пресуден.

Содржините на веб-сајтот се бесплатни и не е потребна регистрација за да се користат.

Дополнување: од авторот
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, холандски, француски,
шпански, португалски
Адреса: www.e-learningforkids.org

02 декември 2010

Советник за патувања

Доколку сè уште не сте одлучиле што ќе правите за празниците кои се ближат, „Трипадвајзер“ може многу да ви помогне. Станува збор за бесплатен сервис кој нуди голем број услуги со кои може да ги планирате вашите патувања.
Сајт со совети за патување
Преку овој сајт можете да пребарувате информации за летови до сите дестинации во светот, да ги проверувате цените и да правите резервации. Резервациите на летовите најчесто се вршат преку „Expedia“ , којашто е и сопственик на овој сервис. Исто така, можете да пребарувате хотели и хостели, како и да прочитате критики од претходни патници. Трипадвајзер нуди и совети за тоа што би можеле да правите во градот кој планирате да го посетите (на пр.: кои тури се нудат таму, кои позначајни места вреди да се посетат, во кои ресторани да јадете и сл.) . Сајтот препорачува топ дестинации во светот и топ работи кои може да ги правите додека сте таму.

Доколку сакате, можете да се регистрирате на сервисот и да креирате сопствен профил. Трипадвајзер препорачува да го направите тоа преку вашиот профил на Фејсбук, но не е задолжително. Интересна апликација која може да ја користите со регистрирањето, е мапата на патување на која можете да ги обележите сите градови кои ги имате посетено и потоа истата да ја споделите на Фејсбук.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  8/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, француски, италијански, јапонски...
Адреса: www.tripadvisor.com

25 декември 2009

И за најмалите деца постои совршено катче на интернет

Иако многу родители нема да се сложат со тоа нивните деца да бидат залепени за компјутерскиот монитор уште на многу рана возраст, ние сепак ќе им го предложиме „кидиос“ како одлична дестинација за нив. Потоа тие самите ќе си одлучат дали ќе му дадат шанса на овој сајт и дали и колку ќе ја дозволат неговата употреба во домот.

Овој веб-сајт, како и повеќето слични на него, ги агрегира сите корисни, забавни, интересни, едукативни ресурси за деца на едно место. Содржините се претходно проверени, што го прави сајтот безбедна околина токму за најмалите. Кидиос е наменет за деца до шест годишна возраст, но него можат да го користат и деца на возраст до 10 години. Содржините опфаќаат интересни видеа во вид на цртани филмови, анимирани филмчиња, игри, боенки и цели веб-сајтови со слична намена. Децата ќе имаат можност да ги гледаат содржините кои ги обожаваат, на пример, цртаните и анимираните филмови со нивните омилени јунаци како пинк пантер, снупи, јунаците од мапет-шоу, штрумфовите и многу други.

Родителите треба да се регистрираат на сајтот за да ја овозможат неговата целосна функционалност, но ова е сосема бесплатно. Во текот на постапката тие ќе треба да ја дефинираат возраста на нивните деца, што ќе биде основа за понатамошните предлози соодветни на годините, но и на други карактеристики на детето.

Па сега, ако вашите деца секако гледаат детски програми на телевизија, нема причина зошто да не им го овозможите истото и преку интернет. Тие ќе бидат задоволни, вие ќе можете да си ги терате домашните обврски, а нивните активности сепак ќе бидат под ваша контрола.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: детски
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, шпански,
француски, германски, хебрејски
Адреса: www.kidyos.com

24 декември 2009

Одличен сервис за деца и учители

„Керпуф“ е онлајн сервис кој претставува креативна работилница за деца од претшколска возраст, но и за оние малку постарите. Оваа локација исто така може да им биде од корист на учителите по училиштата бидејќи на него има апликации кои тие можат да ги употребат на своите часови, преку кои децата истовремено ќе можат да се едуцираат, забавуваат и да ја искажуваат својата креативност.

За да може да се користи сајтот, најпрво е потребна регистрација со задавање на корисничко име и лозинка. Регистрирањето е бесплатно, но таквиот кориснички профил е ограничен и тој не ги овозможува сите апликации, ликови и алатки. Ова сепак не би требало да ви претставува проблем. Доколку сакате да ги добиете сите можности и поволности од сервисот, ќе треба да платите сума зависно од тоа на колку време сакате да се претплатите.

Годишна претплата би ве чинела околу 45 американски долари. Сервисот овозможува креирање на оригинални слики, цртежи, кратки видеа, лични интересни приказни, честитки, а истите децата ќе можат да ги зачуваат и испечатат зависно од својата желба или пак да ги постават на локацијата со што и останатите корисници ќе можат да ги погледнат и да ги оценат. Креирањето на приказни и кратки видеа се состои во поставување на веќе постоечки ликови и позадини кои корисникот ги комбинира како сака, вметнувајќи свој текст и ефекти кои се на располагање во зависност од профилот (бесплатен или претплатнички). Сајтот е достапен па 7 јазици, но за жал не и на македонски.

Дополнување: ретко
Брзина: нормална
Функционалност: одлична
Дизајн: детски, шарен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни Зборови: нема
Јавен Бројач: нема
РСС/ АТОМ: нема
Гугл -ранг: 5/10
Јазик: англиски, француски, германски,
италијански, шпански, руски, кинески
Политика за приватност: има
Адреса: www.kerpoof.com

25 ноември 2009

Уредете ги иконите на вашиот компјутер по свој вкус

Доколку ви е здосадено од изгледот на стандардните икони на вашиот компјутер или пак имате потреба од соодветни модерни графики од ваков тип во вашата работа, “Ајконспро“ е одлично решение кое ќе ги задоволи сите ваши кориснички потреби.

Без потреба од никаква регистрација или пак плаќање, сајтот обезбедува огромна база од преку 20 000 најразновидни икони кои можете да ги преземете брзо и лесно. Се што треба да направите е само да впишете во пребарувачот збор соодветен на тоа што сакате да го најдете, и да одберете една од понудените икони. По одбирањето сајтот ви ја претставува иконата и ви дава можност да ја одберете резолуцијата и форматот (ИЦО или ПНГ) на веќе селектираната сликичка. Освен пребарувањето преку пребарувачот, исто така имате можност да одберете и некоја од категориите во кои е распоредена целата база во согласност со критериумите кои ги исполнува таа икона. Како интересна опција е и тоа што веднаш можете да проверите дали таа икона е компатибилна со бојата на позадината каде што сакате да ја поставите.

Сајтот е достапен само на француски јазик, но тоа не претставува никаква пречка да се снајдете и да ги преземете вашите идеални икони за можете повеќе да уживате работејќи на вашиот компјутер

Дополнување: секојденвно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен, соодветен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: француски
Адреса: icones.pro

08 октомври 2009

Претставување на Европската библиотека

Европската библиотека е бесплатен онлајн сервис кој овозможува пристап до 48 национални библиотеки од Европа, на 36 јазици, кои го гарантираат квалитетот и сигурноста на содржините кои ги нудат. Овој сервис е наменет за секој кој има потреба од какви било материјали, како што се книги, весници, списанија, постери, мапи, фотографии, музички и видео материјали итн.

Од минатата година Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје (НУБ) стана полноправен и рамноправен член на Европската библиотека. Како нејзин член, НУБ веќе има дигитализирано неколку содржини, но со оваа активност поактивно ќе се продолжи во иднина.

По тој повод, денес, со почеток од 10 часот, тие организираат јавно претставување на кое се поканети медиумите, претставници од високо-образовните иснтитуции, но и научници и истражувачи во сите области кои ќе имаат директна полза во својата работа, доколку одлучат да го користат овој неисцрпен ресурс за дигитални културни добра од Европа. Настанот ќе се одржи во склопот на библиотеката, во Центарот за конференции и студија, а со свои презентации ќе настапат претставници од проектниот тим на Европската библиотека, од Холандија.

Пребарувањето на содржините е едноставно и прецизно, бидејќи секој посетител, покрај внесување на клучниот поим за кој сака да побара информации, може да го наведе типот на содржината, односно форматот, да одреди во кои колекции да пребарува, на пример само во колекциите од некоја европска национална библиотека или во некоја тематски определена колекција, како и да користи напредно пребарување за да го определи авторот на делото, насловот, меѓународниот стандарден број за книги (ИСБН) и сл. Сајтот има и посебни секции со содржини кои служат за помош при совладувањето на начинот на кој тој може да се користи.

Посетете ја уникатната онлајн изложба на сајтот на Европската библиотека за да ги истражувате историјата и културата на Европа.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: соодветен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 10/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, германски, француски
Адреса: www.theeuropeanlibrary.org

25 септември 2009

Најдоброто детско игралиште онлајн

„Поасон руж“ или „црвена риба“ е еден од најинтересните сајтови наменети за децата кои можат да се сретнат на веб. Пристапот до елементите на сајтот е целосно овозможен преку слики, каде секоја сликичка открива нова содржина. Иако наменет за најмалите, на него ќе му се израдуваат и повозрасните, и тоа како родителите, така и наставниците.

Овој веб-сајт е посебно добар бидејќи на едноставен, сликовит и, за децата, разбирлив начин, ги претставува содржините, заради што тие се мотивирани самите да истражуваат и да ги откриваат загатките.Букви, бројки, годишни времиња, звуци, странски јазици, сложувалки, инструменти за свирење, оптички илузии, игри и уште многу други содржини се дел од овој веб-сајт. Тој е забавен и корисен, бидејќи се учи низ игра со што се овозможува напредување во разни вештини, вклучително и во компјутерските.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: детски
Навигација: преку слики
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски, француски
Адреса: www.poissonrouge.com

23 јули 2009

Проверете го текстот кој го напишавте на странски јазик

Без разлика колку добро познаваме одреден странски јазик, никогаш не се чувствуваме доволно сигурни во објавувањето на напишан текст, без претходно да го провериме истиот со некој онлајн речник или пак уште подобро со личност која подобро го познава тој јазик од нас. Доколку се спојат овие две работи, се добива омилениот веб-сајт на многу преведувачи, изучувачи на странски јазици и многу други вклучувајќи ме и мене - „корект мај текст“.

Принципот на кој функционира овој веб-сајт е многу едноставен. Се што треба да направите е да се регистрирате, да го напишете вашиот текст во обележаното поле и да го изберете јазикот на кој е напишан. Вашиот текст ќе биде објавен на веб-сајтот од каде познавачи на истиот јазик ќе може да го преземат и да го проверат. Додатни опции кои ја подобруваат ефикасноста на овој веб-сајт се: избирање на клучни зборови кои го олеснуваат пребарувањето; одредување на нивото на познавање на јазикот кое го барате од личноста која го проверува вашиот текст; назначување на бројот на лицата (од1 до 3) кои сакате да го проверат вашиот текст и добивање на говорна форма од проверениот текст.

Друг начин на кој „корект мај текст“ ви помага во усовршување на вашите познавања на странските јазици е правото вие да проверувате текстови закачени од други корисници. Веб-сајтот е преведен на повеќе јазици од кои можете да го изберете оној кој најмногу ви одговара.

Дополнување: многу често
(од страна на корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски, руски, шпански,
француски, италијански,
португалски, германски
Адреса: www.correctmytext.com

Напишано од Дона Џамбаска

09 јули 2009

Френдфид - сервис за споделување

Многуте сервиси за брзо споделување на информации помеѓу избрани корисници на истите ни даваат голем избор, но истовремено ни предизвикуваат проблем бидејќи тешко е да се одлучиме што е најпрактично и најприфатливо за нас, ако не знаеме што нудат останатите сервиси од ист вид. Така, следува заклучокот дека доколку сакаме да ги избереме најкорисните сервиси, треба постојано да следиме што ново се појавува, кои промени и надградби ги доживуваат постоечките сервиси итн. Секако, нема никаква корист ако се зачленуваме на сите сервиси што се појавуваат, доколку немаме време сите да ги користиме. Сервис кој го препорачуваме за користење од многуте такви кои постојат е Френдфид.

Френдфид е онлајн сервис за споделување информации помеѓу пријатели. Тој нуди интерактивен начин на откривање и дискутирање за информациите кои пријателите ги споделуваат.

Она што ќе го добиете по бесплатната регистрација е фид - река од информации - составен од пораките кои со вас ги споделиле вашите пријатели. Тука можат да се најдат фотографии, линкови, видеа и текстуални пораки. Доколку вие се најдете во нечиј круг на пријатели, тоа значи дека тој корисник ќе ги добива содржините кои вие ги споделувате. Можете да се пријавите да следите и новости од одредени групи, како на пример од вашето семејство, колегите или најтесниот круг на пријатели.

За да го користите сервисот нема потреба од инсталација на некаков софтвер. Сè што ви треба е прелистувач во кој ќе го повикате сајтот на кој треба да бидете најавени за да читате и поставувате. Алтернативно, за овој сервис можете да се служите и со вашиот фејсбук профил, вашата имејл корисничка сметка или СМС пораки за да поставувате содржини. Јавните френдфид профили се видливи за сите. Вашиот фид можете да го вградите на вашиот веб-сајт или блог и со тоа да ги збогатите информациите кои таму ги нудите, како и да поставувате информации на други сервиси, како фликр, твитер, фејсбук и уште многу други, директно со нивното поставување на френдфид.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
(на страниците на корисниците)
Гугл-ранг: 8/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, француски, шпански,
италијански, германски, турски...
Адреса: friendfeed.com

19 мај 2009

„Италки“ - платформа за учење странски јазици

Денес речи си и да не можете да најдете било каква работа, доколку не познавате барем еден странски јазик. Одредени работни позиции пак, бараат да знаете повеќе од она што се подразбира под основно или средно ниво. Курсевите знаат да чинат многу, да бараат значително време кое го немате, како и физички да ја напуштите вашата соба во која се чувствувате најудобно. Сите овие проблеми ќе ги надминете, доколку нивното решение го побарате онлајн. Она што ние го најдовме се вика „Италки“ - веб-сајт за онлајн учење на странски јазици кој ќе ви помогне да почнете да учите некој јазик или пак да го усовршите оној за кој веќе имате одредено знаење.

Тој претставува глобална заедница на ученици на странски јазици кои опфаќаат повеќе од 90 јазици кои се зборуваат насекаде низ светот. Заинтересираните корисници на интернет, имаат можност да вежбаат учење на некој странски јазик со избор на јазичен партнер според потеклото, возраста, полот и сл. Оние кои пак сакаат професионално да учат странски јазик онлајн, можат да пребаруваат по листата на наставници кои пак за своите услуги наплатуваат одредена сума пари.

Италки ги има применето популарните веб 2.0 концепти како што се социјалното вмрежување, генерирањето на содржини од страна на корисниците, ангажирањето на група на соработници со цел учење на јазици. Учениците при учењето можат да користат текст, говор, па дури и видео. Платформата исто така нуди простор за размена на слободни материјали за учење на јазици, поттикнување на заедницата за одговарање на прашања кои се однесуваат на учење на јазиците и др.

Дополнување: повремено
Брзина: бавно
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има (блог)
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, француски,
шпански, германски, руски
Адреса: www.italki.com

26 февруари 2009

Откачени позадини за вашиот десктоп

Доколку сте љубители на интересни десктоп позадини, ова е вистинскиот веб-сајт за вас.
„Владстудио“ е добро организиран веб-сајт, креиран од една личност која има многу интересен начин на гледање на реалноста и секојдневието што се гледа во неговите обработки. Веб-сајтот претставува една едноставна, но сеопфатна и многу интересна целина. Го карактеризираат весели бои, има супер организирано навигационо мени и сосем доволно содржина, со неколку збора, изгледа совршено за она што треба да го прикаже. Позадините се поделени во повеќе категории врз основа на тоа каква тема обработуваат.

„Владстудио“ на своите корисници им ги нуди поголемиот дел од позадините за слободно преземање, но кога се работи за слики со послаб квалитет. Доколку сакате да добиете позадина со подобар квалитет, ќе треба да се регистирате, а пак за позадините со висок квалитет, се наплаќа одредена цена.

Меѓу другото, на овој веб-сајт може да најдете и електронски честитки, десктоп часовници, туторијали, постери и друго.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, модерен и чист
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/ АТОМ: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски, германски, француски...
Политика за приватност: нема
Адреса: www.vladstudio.com

Напишано од Миша Вучиќевиќ

13 февруари 2009

Миро - за бесплатни интернет видео канали

Миро е апликација за гледање интернет видео канали, поточно видео поткасти и РСС видео. По преземањето и инсталацијата, Миро се користи независно од интернет прелистувачот. Овозможува преглед и преземање на видео содржини од илјадници различни канали, чиј број секојдневно се зголемува.

За разлика од сајтовите за гледање онлајн видеа како Јутјуб, Миро нуди високо квалитетни видеа кои пријатно изгледаат и кога се гледаат на цел екран. Исто така, се разликува и начинот на кој Миро функционира, најпрво ги презема видеата локално, а дури потоа може да се започне со нивна репродукција. Заради ова пак, видеата никогаш нема да се мачат додека се репродуцираат. Тие се симнуваат на компјутерот на корисникот, но бидејќи зафаќаат место, автоматски се бришат за неколку дена. За видеата кои сакате трајно да ги зачувате, постои опција која го овозможува ова. Запишување за преглед на содржини од нови канали, пребарување според клучни зборови, организирање во папки, автоматско преземање на омилените видеа итн. се дел од карактеристиките на овој софтвер, кои не само што го разликуваат од останатите онлајн сервиси, туку и го прават особено практичен.

Миро е софтвер со слободен код, достапен за сите оперативни системи. Тоа значи дека сите имаат еднаква можност да го користат, како и да придонесуваат во неговиот понатамошен развој. Достапен е на многу јазици, но не и на македонски, па доколку има ентузијасти, ги охрабруваме да се приклучат во работата за понатамошен развој, усовршување и поголема јазична достапност.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: средна
Пребарувач: има (плеер)
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски, албански,
бугарски, француски, германски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.getmiro.com

26 јануари 2009

Лорем ипсум - текст како замена за оној што моментално ви недостига

Лорем ипусм е едноставен модел на текст кој се користел во печатарската индусрија уште од 1500-те години, а се популаризирал во 60-те години од минатиот век. Настанал на тој начин што еден непознат печатар зел кутија со букви и ги сложил така за да добие примерок на книга. Моделот опстанал 5 века, а сега се користи и во електронските медиуми во непроменет вид. Тоа значи дека доколку се занимавате со развој на софтверски апликации или веб решенија, лорем ипсум ќе ви го пополни местото на кое знаете дека во крајниот производ треба да стои текст, кој во моментот го немате. Наместо да пишувате една реченица со повторување, искористете го лорем ипсум, кој иако на латински јазик, сепак претставува склоп од зборови и реченици со значење.

Занимавајќи се со својата секојдневна работа, дизајнерите и развивачите на софтвер, можеби веќе одамна се имаат сретнато со лорем ипсум. Но ако тоа не е случај, појдете на сајтот и генерирајте тип и обем на текстуална содржина која ќе одговори на вашите потреби. Можете да изберете број на пасуси, зборови, бајти и листи, а од поново време, можете да користите и лорем ипсум модели на логоа.

Веб-сајтот е преведен на многу јазици, меѓу кои и на македонски. Прочитајте повеќе за настанокот и масовната употреба на лорем ипсум доколку ве интересира, а доколку пак се сомневате во моќта на овој модел, испишете „lorem ipusm“ на Гугл и видете колку луѓе го употребиле во текот на својата работа.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: македонски, англиски,
албански, француски, српски...
Политика за приватност: нема
Адреса: www.lipsum.com

17 септември 2008

Едиси - наједноставниот веб едитор

Со напредокот на веб-технологиите, скоро и да не претставува проблем, и луѓето со скромни технички познавања да одржуваат свои веб-сајтови и блогови и на тој начин да се изразуваат себеси онлајн. Сепак, изработката и одржувањето на веб-сајтови не е едноставна работа, додека блоговите најчесто располагаат со скромни можности.

Многу пати, одржувајќи блог, може да посакате да направите повеќе, или пак сакајќи да имате веб-сајт, посакувате да располагате со потребните технички знаења. Не знаејќи што можете да направите, на крајот не преземате ништо. Може да преземете само еден едноставен чекор - се вика „Едиси“ и претставува веб-едитор кој ќе ви понуди убав, модерен дизајн со можности за уредување и исполнување со содржина, како и уникатна веб-адреса преку која ќе може да му се пристапува на веб-сајтот што ќе го создадете. Исто така, доколку имате обезбедено домен име (веб-адреса), преку кое сакате да ви биде пристапен сајтот, истото можете да го поврзете со креираниот сајт со помош на Едиси.

Некои од опциите се следните: избор на саканиот изглед од палетата на понудени или пак изработка на свој, додавање на јазици на кои сакате да биде достапен вашиот сајт, додавање на вашето лого, фавикон (мала уникатна икона што ја придружува адресата во прелистувачот), уредување и додавање на категории, постови, мултимедијални содржини итн.

Едиси е одлична веб-алатка, но е се уште во фаза на развој. Додека ја тестиравме не забележавме проблеми. Сепак, може да се очекува дека во иднина ќе биде уште подобра и пофункционална и дека ќе има нови дополнителни опции, со оглед на тоа што редовно се работи на нејзиното унапредување.

Едиси е одлична алатка за изработка на веб-сајт за промоција на фирма, организација или индивидуа.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски, шпански,
руски, француски,
естонски, кинески
Адреса: www.edicy.com

25 август 2008

Изразете се кратко, динамично и оригинално

„Image chef“ е веб-сајт кој овозможува една интересна онлајн активност. Имено, посетителите на овој сајт, односно неговите регистрирани корисници имаат можност да создаваат оригинални слики и кратки анимирани презентации кои можат да се искористат за најразлични цели. Сајтот е од забавен карактер и е од оние сајтови на кои трошите малку време за да им ја сфатите суштината, а многу повеќе време играјќи си со понудените опции.

Идејата е да создадете сопствена анимација или слика, користејќи некои од многуте понудени, некои веќе анимирани шаблони, да ги додадете саканите слики и текст и производот да го зачувате на вашиот компјутер, да го публикувате некаде онлјан или да го испратите некому преку имејл. Последниве две варијанти можат особено да ви се најдат доколку имате практика да им изразувате чувства, да им пренесувате необични пораки или да им честитате на вашите блиски за некоја годишнина, роденден, венчавка или друга пригода.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски, турски,
шпански, француски, италијански,
германски, португалски
Политика за приватност: има
Адреса: www.imagechef.com

15 април 2008

Скратете ги долгите адреси

Сигурно многу пати сте сакале да искористите некоја веб-адреса која води до некоја корисна или интересна содржина, но била предолга за да ја запомните или споделите со некој друг. Во такви ситуации, згодни знаат да бидат онлајн алатките кои овозможуваат кратење на адресите. Еден од ваквите сајтови кои го овозможуваат тоа е jmp2.net. Едноставно ископирајте ја адресата директно од полето за адреси во прелистувачот и пренесете ја овде. Кликнете го соодветното копче и работата е завршена. Кратката верзија потоа можете да ја испраќате до вашите пријатели или пак да ја користите за ваша лична потреба. Дополнително, при кратењето можете да изберете криење на оригиналната адреса, што може да ви се најде во случаи кога ќе сакате да му посочите на некој конкретна содржина од вебот, но не сакате тој да дознае од каде таа содржина потекнува. Ова можеби не е многу коректно од етички причини, но таа грижа ќе му ја препуштиме на креаторот на сајтот.

Генерираната адреса ќе претставува всушност адреса од jmp2.net, иако на располагање имате и можност за поинаков корен во адресите. Како дополнителна варијанта, доколку од било кои причини ваквата опција ви е често потребна, можете да си го поставите џмп2.нет алатникот со што опцијата ќе си ја озвоможите директно од прелистувачот без да има потреба да ја напуштите актуелната страница чии содржини моментално ги посетувате.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Политика за приватоност: нема
Дизајн: патриотски
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: англиски
Адреса: jmp2.net

21 август 2007

Правата на аеро-патниците во ЕУ

Целта на порталот за аеротранспорт на Европската комисија е известување на патниците кои го користат овој вид сообраќај за нивните права.

Известувањето се врши преку поставување документи за симнување, меѓу кои официјални известувања на Комисијата, летоци, постери, директиви и закони, како и мултимедијални содржини поврзани со темата.

Иако структурата на сајтот е само на англиски и француски, документите поставени на него се поголем дел од скоро триесетте официјални јазици на ЕУ. При тоа најчесто користен формат е ПДФ, за кој не е применета добрата пракса до секој линк да се назначи и големината на датотеката.

Причината за објавување на порталов е ставот дека иако либерализацијата на пазарот донела поширок избор и пониски цени, не смее да се занемарат мерките со кои се штитат индивидуалните интереси на патниците и се обезбедува нивната целосна полза од заедничкиот пазар.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: средна
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски и француски
Адреса: apr.europa.eu
Датум на пишување: 21.08.2007.

16 мај 2007

Француски сајт за борба против спамот

[лекториран]

Доколку ви е здосадено да ги добивате оние непобарани рекламни пораки познати како спам, дополнително може да ве исфрустрира и податокот дека на ниво на ЕУ се нелегални. Граѓаните ги штити законот и може да ги тужат спамерите, па во Франција е поставена и платформа за да им се овозможи полесно да ги известат одговорните власти.

Проектот е пример за јавно приватно партнерство и во него учествуваат државни институции, стопански комори и индивидуални фирми, меѓу кои и „Мајкрософт“. Преку веб-сајтот се нудат информации за спамот, начините за заштита од него преку познати апликации, и од областа на слободниот софтвер (како Thunderbird) и од областа на неслободниот софтвер (Outlook). Препораките се поделени по целни групи: корисници, маркетинг-агенти, сервиси за услуги преку Интернет, издавачи на софтвер, интернет-провајдери...

Нареден степен на развој на оваа е-владина услуга ќе биде можноста за директно препраќање на спам-пораките, по што системот ќе врши процедура за идентификување и казнување на починителите.

Македонија не мора да чека да го фати последниот воз за ЕУ за да го усогласи своето законодавство и да ги заштити своите граѓани од ваквите неетички реклами.


Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: средна
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазици: француски, англиски, шпански (делумно)
Адреса: signal-spam.fr

19 март 2007

Вечниот Египет

[лекториран]

Целта на сајтот „Вечниот Египет“ е претставување на египетските археолошки артефакти, а екстремно добрите техники на визуализација служат и за прикажување на природата на односите помеѓу јазлите, како и временски ленти. Притоа често се користи Флеш, и тоа на највисоко програмерско и дизајнерско ниво, со поддршка на ИБМ.

Веб-сајтот има две верзии, една што е целосно мултимедијална и друга базирана на обичен текст, наменета за вклучување на корисниците со поограничени технички можности.

Египет е една од врвните светски дестинации за културен туризам. Иако тој е првобитната „библиска земја“ (покрај Ирак) ,тоа што е спомената во библијата не е фокус на претставувањето пред светот. Напротив, сајтов се труди да го опфати севкупното археолошко и историско богатство.

Информациите може да се пребаруваат на најразлични начини, а особено е добро што за помалку познатите зборови од описите на артефактите автоматски се вклучува и речникот со објасненија.

Сајтов може да послужи како урнек за културна промоција во светот и е препорачливо добро да го проучат сите што се занимаваат со сродни теми.


Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: комбиниран
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазици: англиски, француски, арапски
Адреса: eternalegypt.org