Се прикажуваат објави со етикета гласање. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета гласање. Прикажи ги сите објави

11 декември 2009

Креирајте видео прикажувајќи го вашиот талент за цртање

“Скечфу“ е одлична веб-локација која би требало да им се допадне на повеќето кои сакаат да цртаат на компјутер и притоа имаат желба на останатите да им покажат како го направиле тоа. Сепак сајтот не би го препорачал за некој што подолго време се занимава со цртање, од причина што обезбедува само неколку основни опции, за разлика од програмите на кои тие се навикнати да работат како фотошоп, илустратор и така натаму.

Постапката за правење на видеото, кое на некој начин претставува туторијал, е едноставна и се што треба да направите е да се регистрирате на сајтот, бесплатно, и да започнете нов цртеж кој ќе го нацртате одбирајќи ги понудените опции за боја и текстура. Откако ќе решите дека вашиот цртеж е готов стиснете „Replay“ и одберете брзина на снимката која може да биде и 16 пати побрза од реалната и сервисот ќе ви го прикаже секој чекор кој вие сте го направиле работејќи на вашето мини ремек-дело.

Доколку сакате да го зачувате видеото тоа ќе биде додадено во големата архива на видео туторијали поставени од сите корисници регистрирани на сајтот. Интересно е тоа што доколку имате желба и доколку авторот на некое видео дозволил пристап, вие можете да го доработите и измените веќе постоечкиот цртеж и кога некој ќе сака да го гледа видеото тоа ќе ја дава целата постапка заедно со, од вас, додадената обработка. Секако за поголема контрола и поумешно користење на овој сервис пожелно би било да имате електронска табла за цртање, која ќе го симулира цртањето како да цртате со пенкало на хартија.


Дополнување: редовно од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: интересен и прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: sketchfu.com

07 декември 2009

Огромна порција од македонскиот веб - секој ден, во секое време за секого

Ping.mk е агрегатор на е-содржини кои се собираат автоматски преку претходно задавање на РСС фидови до веб-сајтови или тематски посебни делови од нив. Во моментов постои голема база на зададени извори кои секојдневно агрегираат нови содржини, а корисниците и самите можат да пријавуваат фидови, но и линкови до поединечни написи, фотографии, видеа и сл., притоа сместувајќи ги во соодветни групи.

Покрај собирањето на сите видови содржини, овој веб-сајт има една дополнителна вредност - можност за гласање од страна на регистрираните корисници со што линковите до најпопуларните содржини, фер и демократски избиваат меѓу првите.

Она што го разликува овој сервис од останатите е тоа што тој обединува содржини од секаков тип, поставени на локални веб-сајтови, а негова основна намена е промовирање на алтернативните извори на информации кои нудат квалитетни анализи или издржани мислења, од индивидуални блогови, преку веб-сајтови на организации и портали, до кој било вид на нови медиуми.

Корисниците на сервисот придонесуваат со гласање и посетување на поставените линкови, како и со поставување на нови извори и нови содржини. Групите отвораат можност за создавање заедници врз основа на заеднички интерес за дадена тема, географска област или во рамките на разни движења за граѓански активизам.

Корисниците имаат избор од неколку модерни и практични опции за користење на сајтот. Тие подразбираат поставување на виџети на нивните лични веб-сајтови и блогови кои автоматски ќе ги прикажуваат содржините од пинг, копчиња за брзо додавање линкови од пинг на сопствените веб-локации, како и букмарклети кои овозможуваат брз пристап до функциите на пинг.

Најдобрите содржини имаат шанса да бидат избор на уредниците и да се најдат на левата страна на почетната страница, со што истите добиваат можност за поголема промоција и популарност.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, модерен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има (агрегатор)
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10 (нов)
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: ping.mk